Вчера ја однесов мојата 11-годишна ќерка на место за вакцинација. Таа се плаши од вакцини и секогаш тоа е проследено со солзи. Ѝ го одвлекував вниманието во метрото со тоа што ѝ кажав дека тие 100 долари што ќе ги добие за вакцината од градот ќе бидат нејзини и ќе може да ги потроши како сака. Така, почна да зборува дека сака да купи слајм и шминки.
Влеговме во фоајето, во кое имаше двајца луѓе кои ни покажаа каде треба да стоиме во редот. Столовите беа насочени кон два лифта: еден за секој над 12 години и еден за помали деца.
Седнавме. Расположението беше мрачно. Нетрпеливо чекавме да дојде овој ден, но сега кога беше тука, нѐ погоди реалноста на ситуацијата. Лифтот се отвори и од него излезе четиричлено семејство: бебе во мала количка, поголемо момче, татко во црни патики и млада мајка. Мајката му замеруваше на таткото што не застана да му ја смени пелената на бебето, а таткото пцуеше.
Изгледаа несвесни дека штотуку се најдоа пред редица вознемирени деца и мајки. Отидоа напред во редот и седнаа на еден празен стол. Мајката му викна на таткото да го извади бебето од количката и да го стави в скут за да му ја смени пелената.

Бебето беше големo, речиси 2 години, и не седеше во скутот на неговиот татко. Другото момче, пак, постојано скокаше плеткајќи се околу мајката и количката и околу бебето. Одеднаш мајката го фати момчето за неговата рака, нејзините прсти го притискаа неговото месо, држејќи го мирно за да може да го удри еднаш, двапати, трипати по задникот.
Имаше колективен здив и погледи на ужас на лицата што го гледаа сето тоа. Момчето почна да плаче, а мајката се врати да му одржи лекција на таткото за тоа како да ја смени пелената.
Ќерка ми се сврти кон мене и изгледаше како таа да добила шлаканица.
– Што ќе правиме? – ми шепна таа, а јас се засрамив што немав одговор. Бев преплашена за ова дете. Ако неговата мајка беше спремна да биде насилна на јавно место, што би можела да направи во приватноста на својот дом? А што би можеле да преземеме ние?
– Дали треба да се јавиме во социјалните служби? – ми шепна ќерка ми, а јас огорчено одмавнав со главата. Не знаев како да почнам да објаснувам дека иако беше погрешно она што го видовме, не беше наше да ја решиме ситуацијата.
Тука дојдовме да ги заштитиме нашите деца од болести, да ги зајакнеме нашите заедници, а бевме сведоци на дете кое не беше безбедно во својот дом.
Автор: Лора Фридман Вилијамс
Извор