Ведрана Рудан отворено за неблагодарноста на децата и односот кон родителите

Мислев дека тоа само мене ми се случува. Имам дете. Детето има дете. Мојот маж и јас понекогаш би сакале покрај себе да го имаме детето на нашето дете. Не по секоја цена затоа што детето на моето дете, кое веќе не е мало дете, се однесува како дете. Вие што немате дете, ни од детето дете не знаете за што зборувам.
Па. Ќе ви објаснам иако оваа тема не ве интересира. Блазе вас. Ние, мојот маж и јас, затоа што сме стари, не ја разбираме генерацијата на моето дете. Таа генерација на своите родители секој ден им повторува само една реченица, не мешајте се во нашите животи, понекогаш уште полично НЕ МЕШАЈ МИ СЕ ВО ЖИВОТОТ!
Што значи тоа, се запрашав. Одговорот е многу едноставен. Моето дете и партнерот на моето дете и нивното заедничко дете имаат право на невознемирување во недоба, ни една доба не е вистинска доба за јавување, право од тебе да бараат услуги од широк спектар во секоја доба.

Покрај тоа што во текот на 40 години си им ги дал и душата и телото, „секогаш си мислела на себе и секогаш си била прва и последна за себе“. Кога тоа ќе го чуеш од своето дете, од тебе се очекува да молчиш, да се смееш, не злобно. Не мешај ми се во животот! Најпосле сфатив што значи тоа и кого го имам јас во животот.
Немам дете, имам партнер. Тој не ми се дере, тој не бара од мене да не му се мешам во животот, тој не збеснува кога ќе му се јавам, никогаш во слушалката не ми ‘ржи „во хаос сум, имаш минута да ми кажеш што те мачи“.
А мене баш ништо не ме мачеше. Само сакав да го слушнам гласот на моето дете.

Детето што некогаш многу го сакав и кое од ден на ден сè помалку го сакам. Не се чувствувам виновна поради тоа и не, нема моето дете да ми набива чувство на вина за сите негови промашувања. Е, па, не ми требаш, сè уште не носам пелени, ми требаше твојот глас, твојата насмевка, ми требаше твоето дете.

Дете кое нема со апостолка да го гаѓа телевизорот, кое нема да појадува попладне, кое нема да го плука ручекот и да гледа цртани така што да ечи цела куќа. Не, не се чувствувам виновна што сè помалку ми треба и моето дете и детето на моето дете. Има живот и без деца и без внуци. Има!

И треба да се ужива во него. Што му фали на погледот на бугенвелија, на прошетката покрај море со мажот на својот живот, грицкањето гирици на таверната на брегот, читањето книга, гушкањето на мажот? Што му недостига на животот без детето и детето на твоето дете? О, како можам да уживам без дерење, вечна анализа на моите грешки што ги правам од 7 век, зборувањето дека „ние“ не ги разбираме „нив“ зашто живеевме во систем кој не нè убивал од работа.

„Ние“ работевме од 7 до 15 и потоа бевме бескрајно слободни и без стрес. Ха, ха. Некои од нас, и тоа не мал број, во тој систем работевме две работи за да може да ги вратиме кредитите, некои од нас и денес работат од 7 наутро до 21 часот навечер секој ден во неделата иако на некои од нас 60 и некоја им се зад петици. Не мешај ми се во животот!
Треба тоа да го почитувате и да очекувате вашето дете да не се меша во вашиот живот. Никогаш. А кога ќе дојде време за влегување во пелени, си велам сама на себе, осигурив 10.000 швајцарски франци со кои ќе платам евтаназија во Швајцарија. Сè е подобро отколку на смртна постела да го видиш над себе лицето на суштеството кое не сака да му се мешаш во животот!



912

X