„Мојот тинејџер се самоповредува и не сака да зборува со нас“… „Мојот тинејџер изгуби многу килограми и не знаеме што се случува“… „Мојот тинејџер го фативме со наркотични супстанции и не сака да одговори на ниту едно наше прашање“… „Мојот тинејџер има анксиозни напади и треба да поразговара со некого“.

Ова се примери од електронска пошта и телефонски повици кои постојано ги добивам од родители што бараат терапија – а тоа беше и пред пандемијата. Сега кога родителите поминуваат повеќе време со своите тинејџери, забележуваат уште позагрижувачки однесувања. Како терапевт, често работам со тинејџери. Ова е една од областите со кои почесто се занимавам откако работам приватна пракса, па тешко ми е да одбијам тинејџер кој сака да зборува со некого. Помина периодот кога јас бев тинејџерка, но имам тинејџери дома, па не ми е тешко да се сетам што значи да си тинејџер.

Се сеќавам како пишував во моите дневници и ги чував моите мисли во тие скриени тетратки. Немав храброст да зборувам со некого за моите внатрешни чувства, а кога некој тинејџер влегува во мојата канцеларија, јас работам многу напорно за да обезбедам сигурен простор за тие разговори да се одвиваат. Ја почнувам првата сесија со вообичаената самодоверба, но исто така им кажувам дека нема да ги осудувам, ниту дека ќе им бидам лута. Дека треба да ми веруваат за да разговараат со мене, а за мене таа доверба е сериозна работа. Го објаснувам етичкиот кодекс кој го следам како социјален работник и давам ветувања за тоа што можам, а што не можам да споделам со други. Потоа ја започнуваме нашата долгорочна терапевтска врска.

Често расправиите дома не завршуваат. Ако тинејџерот се развива, тоа не значи дека родителите се менуваат заедно со него. Сум слушнала терапевти кои коментираат нешто како на пример „Не работам повеќе со себични (или нестабилни) родители“. Дали родителите се посебични? Или се исти какви што отсекогаш биле, но нашите деца се поемпатични?

Се сеќавам дека пред 10-15 години тинејџерите ми кажуваа дека нивните мајки им додеваа да стават дезодоранс или да си дојдат навреме дома. Не потрошив време во сесиите зборувајќи за овие типични битки во изминатите неколку години. Сега битките се однесуваат за тоа колку време е потрошено во спалните соби насамо. Расправијата може да ви звучи познато, заедно со реченицата „родителите едноставно не разбираат“, но тоа не е она на кое мислам. Тинејџерите поминуваат време сами во своите соби посакувајќи на нивните родители да им недостига нивното друштво, да го остават својот коктел и да ги слушнат како зборуваат за својот ден, своите пријатели, своите проблеми. Сакаат да се чувствуваат важно и „слушнати и видени“.

Нашите тинејџери го сакаат подоброто од нас. Сакаат да ги процесираат своите избори и да ги гледаат нашите лица чекајќи реакција, а потоа да се има доверба во нив за да ги донесуваат сопствените одлуки, како и сопствените грешки. Се нервираат кога поставуваме премногу прашања за училиште бидејќи тие не сакаат да им испраќаме е-пораки на наставниците. И нè учат да бидеме пољубезни луѓе, потолерантни, а и повеќе да простуваме.

Всушност, кога зборувам за вредностите, со тинејџерите учам дека „отворено“ бил вообичаен збор кој тинејџерите го користат за да зборуваат за квалитетите што ги вреднуваат кај себеси и кај другите. Како терапевт, иницијално претпоставив дека мислат на ранливост и на експресивност. Не. Мислат на отвореност кон другите: род, раса, класа, интелигенција, основните работи, да се биде свој и да те прифатат поради тоа.

Па, родители, што можеме да направиме?

Би сугерирала да почнеме да слушаме повеќе, а помалку да претпоставуваме. Не ни било верувано кога ние сме биле тинејџери, многу пати поради добри причини, но исто така и затоа што не сме комуницирале. Далеку од совршени, но нашите деца се искрени. Не ја сакаат тежината на тајните и лагите и манипулациите. Ја сакаат нашата доверба, а сакаат и тие да имаат доверба во нас, за на крајот да можат и да веруваат во себеси. Ако не сте сигурни од каде да започнете, нека биде со ова: „Забележав дека си тивок/тивка во последно време. За што размислуваш?“ Или: „Знам дека оваа година не е баш како што сакаш ти, но сакав да ти кажам дека жалам поради тоа. Што можам да направам за да ти олесни?“

Во реалноста зборовите не се толку важни колку што е безбедноста која ја креирате во разговорот. Опуштете ја вашата положба, фокусирајте се на детето, остварете контакт со очите. Обрнете внимание, бидете трпеливи кога зборуваат, потсетете се дека нема правилни одговори на нивните мисли и дека не сте одговорни да ги решавате проблемите што тие не побарале да ги решите. А најважно – валидизирајте ги. Ако никогаш не се согласите со ниту еден нивен кажан збор, тоа е во ред. Но, прифатете ги нивните поенти, дајте им до знаење дека се слушнати, и тоа е доволно.

Запомнете да го избегнувате зборот „барем“. Кога нашите деца ни кажуваат што не е во ред, последната работа што сакаат да ја слушнат е дека не треба да се чувствуваат лошо зашто „барем…“ (тоа не помага и со возрасни).

Нашите деца не зависат од нас за да ги дефинираме. Колкумина од вас избрале образование засновано на она што вашите родители сметале дека е добро? Нашите деца се „разбудени“. Ги прифаќаат нашите сугестии и потоа одлучуваат дали ќе го прифатат или отфрлат тоа. Поголемото прашање е: Дали ќе дојдат да зборуваат со вас за она што сакаат?

Автор: Лин Р. Закери

Извор



912

X