Ако зголемената агресивност кај вашето дете, која е само една фаза во развојот, и тоа незадолжителна, ја искорените навреме, нема да имате причини за грижа
Децата се полни со изненадувања уште кога ќе се родат, со тоа што оние непријатните се јавуваат по вториот роденден. Некаде во тој период вашето мирно и фино бубаче може да се разбесни и да почне да ги изразува своето мислење и своите ставови со шлаканици, боксови или со лакти. Ниту е слатко ниту е пријатно, но, за среќа, не е ни долготрајно.
Ако зголемената агресивност кај вашето дете, која е само една фаза во развојот, и тоа незадолжителна, ја искорените навреме, нема да имате причини за грижа.
Фрустрации многу, ограничувања уште повеќе
Повеќето родители што успешно се „избориле“ со однесувањето на своите 2-годишници, 3-годишници и 4-годишници за тие денови можат да зборуваат со насмевка на лицето дури откако ќе помине одреден период од преживеаните непријатни изненадувања. Во тој период на интензивен раст и развој, децата се соочуваат со разни фрустрирачки ограничувања, неспособност ефикасно да го изразат своето мислење, неможност да ги канализираат своите желби и потреби, потреба да добијат сѐ и сега… Фрустрации има многу, ограничувања уште повеќе, па малечките почнуваат да се служат со сите расположливи средства, вклучувајќи и удирање на врсниците и на возрасните. А бидејќи тоа не може и не смее да се толерира, еве совети како да го вратите малиот немирко во рамките на прифатливото однесување.
Не прифаќајте ги ударите како дел од играта!
Кога вашето дете ќе удри некого, без разлика дали тоа е возрасна личност или дете, реагирајте во истиот момент. Застанете пред него, нежно фатете го за рака и со смирен, но одлучен глас речете му: „Удирањето не е дозволено“.
Никогаш не смеете да се смешкате или на кој било начин да ја минимизирате постапката на детето. Удирањето не е игра. Не обидувајте се да се вклопите во шаблонот кој подразбира боксирање, борење и која било друга размена на удари помеѓу татко и син иако станува збор за игра. Малите деца не можат да направат разлика меѓу дозволено и недозволено удирање.

Не возвраќајте со иста мера
Возвраќањето удари или поттикнувањето на детето што е удрено да возврати исто така не е добра идеја зашто така се поттикнува агресивно однесување. Така се испраќа порака дека удирањето е ОК и дека со тоа се постигнува нешто или се добива. Всушност, најдобро би било да заборавите на секој облик на агресија, и вербална и физичка, дури и ако верувате дека тоа што татко ви ве потчукнувал кога сте биле мали направило од вас човек.
Научете го како да ги изразува своите чувства и мисли
Една од основните причини за удирање е тоа што децата, особено малите, не можат вербално да се изборат за тоа што го сакаат. Тие ги удираат врсниците од досада или од бес, а не затоа што сакаат да ги повредат, но тоа не го смалува проблемот. На пример, мало девојче, ако нејзиниот брат постојано ја задева, својот бес и фрустрацијата ќе ги изрази со удирање, а исто ќе се однесува и 3-годишник кој не успева да го убеди другарот да му го врати автомобилчето. Ако вербалните ограничувања се единствен проблем, подучете го детето да ви се обрати вам наместо да удри некого.
Навреме препознајте дека ќе има „војна“
Обрнете внимание на ситуациите кога вашето дете станува агресивно и на емоциите што доведуваат до тоа. Дали го прави тоа кога е уморно, фрустрирано, гладно, кога му е досадно, дали секогаш ги удира истите деца и возрасни… Ако сфатите кога и зошто удира, полесно ќе го спречите.
Родителите чии деца покажале одреден степен на агресија мора постојано да бидат на штрек, но не така што превентивно ќе ги навредуваат пред сите или да ги тргнат од друштвото, туку да ги набљудуваат и да ги спречат кога ќе се однесуваат непримерно.
Одредете казна за лошо однесување
Секој родител има свои казнени методи зашто тоа што помага кај едно дете, кај друго може да биде неефикасно, но постои и една универзална санкција – натерајте го да се извини. На повеќето деца тоа тешко ќе им падне, некои ќе одбиваат, но вие треба да бидете доследни. Кога ќе сфатат колку е непријатно, сами ќе избегнуваат да го прават тоа што ги довело во таква ситуација, а набрзо ќе можат да сфатат и како се чувствува повредената личност, што ќе им помогне да развијат емпатија.
И запаметете, колку тешко и да ви паѓа сево ова, брзо ќе помине ако покажете нула толеранција за насилно однесување.