Воспитување

Удирањето е една фаза од растењето

Неодамна на конференција за родители слушнав прекрасна реченица од Ивана Хабуш Кралјевиќ: „Дали сте виделе возрасен човек кој носи пелени или не знае да се облече?“ Тоа беше одговор на мајка која загрижено праша што треба да направи со своето девојче, кое има 3 години, а не е самостојно. Воспитувачките во градинка ја предупредуваат на тоа дека девојчето ништо не прави само и мајката е многу загрижена.

Сосема е нормално детето во своето растење да има различни фази. Колку ќе траат, зависи од детето и од околностите што го опкружуваат. Она што секако е важно е детето да ги помине сите фази и да не прескокне ниту една. Удирањето е една од фазите, па сакам тоа да го кажам јасно и гласно без никаква стигма.

Мојот син овие денови стана неверојатно прекрасен. Наместо драми околу завршетокот на некоја негова омилена активност, имам одговор: „Добро, мамо“. Истото тоа момче ме удираше во моментите кога ќе му ја кажев истата работа пред неколку месеци. Сè започна по неговиот четврти роденден. Во очај ги прочитав сите текстови поврзани со таа тема, разговарав со дефектологот во градинката и на крајот со родителите што ги познавам. Неверојатно ми беше да спознам дека поголем бројот момчиња, а помал број девојчиња, ги удираат моите познајници. Не сум сведочела на такво нешто, па не ни помислив дека тоа им се случува и на другите. За таа тема родителите нерадо зборуваат, а кога такво нешто ви се случува и вам, имате чувство како да сте осамени во таа ситуација. Дека сте направиле или правите нешто лошо. Можеби сепак би требало да бидете првите што ќе го удрат детето по задникот кога не слуша упатство. Можеби сосема погрешно сте сфатиле што пишувало во книгите. Можеби премногу сте го охрабрувале детето, па сега не знае да се справи со одбивање и неуспех. Можеби премногу сте го разгалиле. Илјадници „можеби“ се вртеа во мојата глава.

Во најлошите моменти на беспомошност се тешев со тоа дека постапував најдобро што знаев и дека сè може да се менува и подоцна. Навистина, но со повеќе труд. Кога ќе го прашав зошто ме удира, не знаеше да каже зошто. Децата не знаат зошто прават нешто, дејствуваат според емоција и импулс. Не размислуваат пред реакција. Затоа работевме на именување и препознавање на емоциите и лутината беше доминантна. Откако завршивме со лутина, сфатив дека сме влегле во фаза на загриженост, па овие денови постојано се загрижува дали некаде ќе стигнеме или што ќе се случи кога ќе погреши.

Од што навистина се плашев? Се плашев дека не ме почитува и дека не сум добра во воспитувањето. Се ставив во нешто каде што не би требало ниту да ме има. Неговата реакција имаше врска со мене, но беше дел од растењето. Детето учи да се носи со емоциите. Ако не го научи тоа во оваа возраст, постои голема опасност дека ќе има проблеми кога ќе порасне. Сочуваниот бес и лутина може да бидат голем вулкан кога ќе излезат на површина. Така, доколку детето удирало на помала возраст, поголема е веројатноста дека нема да го прави тоа кога ќе порасне. Мислев дека е токму спротивното.

Овие 6 месеци објаснував, зборував, дури понекогаш и возвраќав и потоа ужасно страдав. Тогаш почнав да зборувам за дишењето, го намаливме влијанието на екраните и го забавивме дневниот ритам. На сето ова дополнителен поттик беше и прескокнувањето на дневниот одмор, кој започна по 4-тиот роденден. Ни се случуваше по попладневниот сон, тешко да заспие навечер, а наутро беше раздразлив. Ни помогна упатството да преговараме околу желбите, како и повремените попуштања по таквите успешни преобразби на плач и удирање во молби и барања.

Родителството е многу одговорна задача, а неговите резултати често не се веднаш видливи. Тогаш се прашуваме дали нашите уверувања и методи се успешни.

Кога мојот син ќе влезе во фаза на адолесценција, знам дека ме чека одбивање и некомуникација, свесно го очекувам тоа, но знам дека кога ќе дојде до тоа, ќе бидам очајна и ќе читам сè што ќе пронајдам сомневајќи се во секоја своја одлука и во себеси како родител. Одличен родител е оној што секогаш се преиспитува и кој вели „извини“ откако ќе погреши. Јас го реков тоа кога непримерно реагирав на неговите удари и се изненадив колку нему му беше полесно да ми возврати со извинување за своето однесување.

Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнист

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top