Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Центар за применета психологија „Зорба Консалтинг“ – Скопје
Тел. 078 222 588

Повеќе од авторот

Неврозите се психогени нарушувања кај децата кои најчесто се јавуваат како реакција на психотрауматски ситуации. Симптомите може да се јават постепено и да бидат такви што родителите тешко ќе ги забележат или, пак, ќе сметаат дека се безначајни (цицање на палецот, гризење на усните или други делови на телото, вртење или кубење на косата, триење на кожата, гризење на ноктите или заноктиците, претерано трепкање и други) и нема да преземат ништо. Но, може да се јават и одненадеж и да бидат впечатливи и многу непријатни и за детето и за родителите (мокрење во кревет, иако претходно детето имало установени хигиенски навики, пелтечење, опсесивно миење на рацете или други делови на телото, треперење на рацете или нозете, тикови на лицето, нагла промена на телесната тежина, повраќање и други).

Кога и зошто се јавуваат

И во двата случаи многу малку родители се информирани дека станува збор за психолошки реакции и не преземаат адекватни мерки. Повеќето очекуваат симптомите да исчезнат „сами од себе“, одат на бајачки или се обидуваат да ги решаваат сами.

Првиот чекор што треба да го направат родителите ако нивното дете има невротски симптоми е да му обезбедат безбедна и спокојна семејна средина

Најчеста причина за појава на невротски симптоми се психосоцијални фактори. Некои деца се поизложени на ризик: деца без родители, со еден родител, од семејства каде што има алкохолизам, насилство, со екстремно низок социјален статус, деца што имаат попреченост во физичкиот развој, кои биле изложени на екстремно силен стрес, на пример, воени услови, елементарни непогоди и сл. Но, сè почесто и деца што живеат во добри услови манифестираат невротски симптоми. Причина за тоа може да биде неправилното воспитување (презаштитнички или премногу авторитарен однос на родителите кон детето), несоодветно адаптирање на детето кон средината во градинка или на училиште, проблеми со наставниците и сл.

Неврозата кај децата може да се јави во период меѓу две и три години или пет и седум години, но и во пубертетот. Кај адолесцентите може да се јави како последица на преголеми амбиции и очекувања од страна на околината и од самите себе или други ситуации на кои адолесцентите не можат да се адаптираат.

Превенција

Најдобра превенција од појава на невроза кај децата е добар физички и емоционален контакт меѓу родителите и детето, уште од раѓањето. Добро е бебето да биде доено од страна на мајката, да има што почесто физички контакт со родителите (да спијат заедно, да го капат, да му зборуваат, да го галат и сл…). Кога ќе наполни една и повеќе години, добро е родителите да си играат со него, да го водат за рака, да не го оставаат премногу долго само во соба, да не го изложуваат на ненадејни звуци, караници и сл. Многу е важно во овој период детето да се чувствува безбедно и спокојно со родителите и други луѓе што се грижат за него – баби и дедовци, негувателки во градинка и други.

Од друга страна, подоцна, кога детето ќе почне да зборува и да разбира, да оди во градинка и на училиште… добро е родителите постепено да му овозможуваат да проверува колку е ефикасно во нештата што ги прави (да склопува коцки, да заврши некоја домашна работа соодветна за возраста, успешно да научи песничка, да учествува во игри со други деца каде што ќе научи вештини за комуникација и сл.). Ова е особено важно затоа што презаштитничкиот однос на родителите кон децата може да предизвика невротски симптоми ако детето ненадејно се најде во средина или ситуација каде што родителската грижа или заштита ќе биде помала или ќе ја нема.

Oсобено е важно децата на претшколска возраст да не бидат оставани сами на непознати места или со непознати луѓе, да не бидат заплашувани (ќе те изеде волкот, ќе го викнеме полицаецот, ќе те оставиме на улица и сл.) и казнувани на начини кои се нехумани и несоодветни за возраста (силно викање и погрдни зборови, ќотек, затворање во соба, закани со ќотек и сл.)

Многу деца покажуваат невротски симптоми во ситуации кога треба да се адаптираат на нови ситуации во животот (тргнување во градинка или на училиште, менување на училиштето, местото на живеење, развод на родителите, престој во болнички услови и сл.). Во вакви ситуации родителите што ќе забележат дека детето не се чувствува добро во новата средина треба да му обрнат повеќе внимание и да се консултираат со психолози и педагози за тоа како е најдобро да му се помогне да се адаптира на новонастанатите услови.

За појава на невротски симптоми може да придонесат и социоекономски фактори, како на пример: тешка финансиска состојба на семејството и живот во лоши услови, преголемо отсуство на родителите од домот поради работа, тешка болест кај родителот или негрижа и незаинтересираност на родителите за елементарните и емоционалните потреби на детето.

Една од честите причини поради кои децата може да развијат невротски симптоми е претрпениот страв. Ова може да се јави кај сите возрасти, но особено е важно децата на претшколска возраст да не бидат оставани сами на непознати места или со, за нив, непознати луѓе, да не бидат заплашувани (ќе те изеде волкот, ќе го викнеме полицаецот, ќе те оставиме на улица и сл.) и казнувани на начини кои се нехумани и несоодветни за возраста (силно викање и погрдни зборови, ќотек, затворање во соба, закани со ќотек и сл.). И покрај тоа што ова изгледа како претерано и навидум родителите не го прават, практиката покажува дека многу родители сè уште ги користат споменатите „воспитни методи“, а тоа може да биде преголем стрес за детето и да почне да манифестира невротски симптоми.

Плачењето е еден од показателите дека детето не се чувствува добро. Некои деца плачат многу гласно, врескаат, легнуваат на подот и тоа изгледа драматично, но некои деца плачат тивко и повлечено. Не значи дека секое плачење води кон невротски симптоми, но ако плачењето е многу често, трае долго и доведува до исцрпеност, родителите треба да се заинтересираат за тоа како се чувствува нивното дете и да преземат мерки. Ако состојбата не се подобрува, потребно е да се консултираат со професионалец.

Долгорочното игнорирање на невротските симптоми кај децата или погрешните мерки што родителите ги преземаат за нивно спречување (ставање лута пиперка на палецот на детето кое го цица палецот, постојано прекорување или казнување поради однесувањето, исмевањето, водењето кај разни „исцелители“ и сл.) може да предизвика посериозни психолошки нарушувања како што се: анксиозно-депресивни состојби, пад на концентрацијата, слаб успех во училиштето, повлекување од социјалниот живот со врсниците и сл. Може да се јават и психосоматски нарушувања (анорексија, булимија, пад на имунитетот, главоболки, грчеви во стомакот, дијареја, опстипација, тахикардии и други).

Психолошки пристап во лекувањето на неврозите кај децата

Многу родители релативно доцна се обраќаат кај психолог кога нивното дете има невротски симптоми. Обично се јавуваат тогаш кога симптомите се многу уочливи или, пак, преминале во психосоматски. Во вториов случај тие се обраќаат кај педијатар со уверување дека нивното дете страда од некоја соматска болест. За среќа, повеќето педијатри знаат дека некои симптоми кај децата може да бидат психосоматски и ги упатуваат родителите на психолог.

Овде е важно да се напомене дека првиот чекор што треба да го направат родителите ако нивното дете има невротски симптоми е да му обезбедат безбедна и спокојна семејна средина. Ако во семејството имало некакви тензии или драматични ситуации, треба самите да се обратат кај психолог и да поразговараат за тоа како да ги нормализираат и да ги подобрат брачните односи и односите со децата (и евентуално други членови на семејството). Тие може да побараат индивидуална, брачна, семејна или групна терапија, без притоа да биде неопходно да го носат детето на терапија. Терапевтот ќе им помогне да ги разрешат внатрешните, брачните или семејни конфликти, да ја хармонизираат семејната атмосфера и да научат конструктивни методи за воспитување на децата на начин на кој ќе бидат избегнати непотребни стресни ситуации.

Кога детето ќе почне да зборува и да разбира, да оди во градинка и на училиште… добро е родителите постепено да му овозможуваат да проверува колку е ефикасно во нештата што ги прави. Ова е особено важно затоа што презаштитничкиот однос на родителите кон децата може да предизвика невротски симптоми

Ако се работи за повозрасни деца (тинејџери и адолесценти) и тие, во одредена фаза, може да бидат вклучени во терапискиот процес заедно со родителите, но може со нив да се работи и индивидуално. За децата што манифестираат невротски симптоми може да биде многу корисно да бидат вклучени во спортски или други активности кои го амортизираат стресот и создаваат добро расположение. Штом состојбата во семејството ќе се подобри и семејниот амбиент ќе стане поадекватен на емоционалните потреби на детето, невротските симптоми полека ќе исчезнуваат, а со тоа ќе се подобрат и условите за понатамошен, здрав емоционален развој на детето.



912

X