Родителите го посакуваат најдоброто за своите деца, нема сомнеж во тоа, и повеќето работи што ги прават се со добра намера. Експертите се согласуваат дека е многу важно за менталната благосостојба на детето, ако не и најважно, да се чувствува сакано и ценето во детството, а терапевтот Ели Харвуд објаснува што можат да направат родителите за нивните наследници да се чувствуваат така.

Според неа, три работи се потребни за детето да порасне чувствувајќи се сакано и прифатено.

Мора да знае дека неговите емоции се во ред

Првото нешто што треба да го направат родителите е да се погрижат детето да се чувствува сакано и прифатено, без оглед на неговата емоционална состојба. Тоа значи дека кога детето има лоши денови, кога е тажно, луто, мрзливо, мајките и татковците не треба да реагираат негативно, да воздивнуваат, да превртуваат со очите, да го игнорираат малечкото или да ги омаловажуваат неговите емоции.

Со ваквото однесување родителите несвесно му испраќаат порака на детето дека неговите емоции се тешки и оптоварувачки. Како што истакнува Харвуд, децата треба да знаат дека не мора да се преправаат заради добриот однос со родителите.

Мора да знае дека неговото присуство ги радува родителите

-Клучот за чувството на припадност е детето да почувствува дека сакате да биде присутно во собата – вели Харвуд, додавајќи дека родителите често немаат доволно време за малите или се премногу уморни за да му се посветат на детето.

Сепак, многу е важно секој ден да одвоите најмалку дваесет минути за да се поврзете со вашето дете. Блискоста со родителите е многу важна за децата, како и чувството дека уживате во нивното присуство.

Треба да знае дека сте горди на него

Детето секогаш бара потврда од родителот, сака да знае дека сте горди на него, дека го цените, а Харвуд додава:

-Не поради тоа што го прави, туку поради тоа што е.

Вашето малечко треба да знае дека сте горди на него без разлика што може (или не) да постигне во животот. Терапевтот посочува дека децата можат да чувствуваат кога се сакани, прифатени, кога родителите се горди на нив, но чувствуваат и кога не се прифатени.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X