Денот беше сончев и топол. Двајца браќа, Раша и Душан, трчаa по паркот бркајќи шарени пеперутки. Паркот беше преполн со мирисно цвеќе, се слушаше песната на птиците, а најмилиот звук кој ветрот го ширеше секаде наоколу беше детската врева. Мајката седеше на клупата и ја читаше својата омилена книга. Раша здогледа слободна лулашка и потрча кон неа. Потрча и Душан. Раша стигна прв и седна на лулашката. Се заниша толку силно, што го чувствуваше топлиот ветер во својата разбушавена коса. Уживаше. Братот тажно го гледаше. И тој сакаше да се лула, но ниту една лулашка не беше слободна. Мораше да го почека својот брат да заврши, а не му се чекаше. Сакаше сега, сакаше веднаш. „Раша, ајде симни се. Сакам и јас малку да се лулам!“ „Еве само уште малку!“, одговори Раша и му се препушти на уживањето. Душан ја наведна главата.

Направи еден чекор и потоа се слушна вресок на една жена: „Дете, внимавај!“ Во тој момент мајката на Раша и Душан ја крена главата и погледна во насоката каде што играа момчињата. Лулашката на Раша го удри рамото на Душан. Мајката вресна и дотрча до децата. Душан лежеше на тревата и плачеше додека Раша ја допираше лулашката. Сите беа во шок. Мајката го крена Душан од тревата и исплашено ја бараше повредата, додека гласот ѝ трепереше. „Дали си добро?“ „Ме боли раката“, рече Душан. Раша стоеше покрај нив како закопан и немо гледаше. Му беше тешко бидејќи знаеше дека мајка му ќе го обвини него.

Така било отсекогаш. Тој беше виновен за сè. Па и овој пат ќе биде. „Што се случи? Како е момчето?“, праша мајката на едно девојче. „Се надевам ќе биде добро. Не е скршена, само набиена“, одговори мајката бесно гледајќи во Раша. „Овој несреќник повторно го повреди. Каде гледаше?“, му рече на Раша. „Но, мамо, не беше намерно. Сам тргна кон лулашката. Не можев да се сопрам“, се бранеше Раша и чувствуваше огромна тага. „Доста, знам јас за тебе. Ти секогаш правиш нешто погрешно. Ти си едноставно роден таков. Роден си лош!“, светкаше од очите на мајката. Душан полека престануваше да плаче. Раша го спушти погледот. „Лош, лош, лош!“, одекнуваше во неговата глава.

Зошто сум лош? Зарем навистина такви се раѓаме, како добри или лоши

Го обзеде тага. Не знаеше дали е повеќе тажен што ненамерно го повреди братот или што беше карактеризиран како лош. „Зошто сум лош? Зарем навистина такви се раѓаме, како добри или лоши? Сакам да бидам добар. Зарем е сега доцна за мене?“, Раша го мачеа тешки мисли. Една постара госпоѓа сето тоа го набљудуваше. Госпоѓа Клара. Учителка во пензија. Ги хранеше гулабите. Раша седна на клупата додека мајката му помагаше на Душан да стане. Му пријде и го праша: „Зошто си тажен?“ „Ма, ништо. Го повредив брат ми, ама се колнам дека не беше намерно. Мајка ми, како и секојпат, ме обвинува за тоа“. „Сè видов. Не беше ти виновен. Не биди тажен“. Го помилува по главата. Мајката му пријде на Раша и луто му се обрати. „Ајде, станувај и тргнувај дома. Ќе разговараме кога татко ти ќе дојде од работа!“

Во тој момент погледот ѝ падна на жената што седеше на клупата. „Учителке Клара?! Вие сте?“, изненадено ѝ се обрати на својата стара учителка. Насмевка ѝ сјаеше на лицето. Тоа е нејзината драга учителка Клара. Колку ѝ беше мило што се сретнаа по толку години. „Како сте?“, ја праша. „Добро сум, драго дете. А ти?“, ја праша. „Добро сум. Знаете како е. Дома, работа, деца, обврски…“ „Можам ли нешто да ти кажам?“ „Се разбира“.

„Седев на другата клупа кога се случи овој инцидент. Видов сè. Твоето дете не е лошо, не беше виновно. Немој да бидеш груба кон него“. „Мамо, не е Раша виновен. Јас се замислив и тргнав кон лулашката. Навистина не е виновен!“, го бранеше Душан. „Но, кога и да се случи нешто, тој е вмешан. Никогаш не слуша. Своеглав е. Сè мора да проба. Сè го интересира. Упорен е како мазга и сака сè да биде по негово. Затоа и запаѓа во различни проблеми. Едноставно е таков. Непослушен!“ Раша се загледа длабоко во мајчините очи. Беа сиви, некако матни. Како за него таму да нема ниту искра љубов. Две солзи засјаеја на неговите очи. Мајката го виде тоа.

„Зарем навистина не се гледаш себеси во него?“, ја праша госпоѓа Клара. Тие зборови добро ја стресоа. Ја вратија во минатото. Се сети на своето муртење кога ручекот не беше по нејзина желба. На хистериите кога не ѝ беше купена чоколада во продавницата. Кубењето на косата на најдобрата пријателка бидејќи не ѝ дозволила да ја препише домашната до неа. Се сети на многу нешта. Сега солзите беа и во нејзините очи.

Децата не се раѓаат лоши. Тие се ангели. Тие се извор на добро. Ние им даваме етикети

„Да. Се сеќавам“, тивко одговори. „Знам дека се сеќаваш. На многу работи како возрасни забораваме и затоа им замеруваме на своите деца. Одвреме-навреме треба да се сетиме дека и ние сме биле деца. Дека сме правеле разни глупости, но и дека поради тоа не сме лоши и помалку вредни“. Сите молчеа, но се чувствуваше повторно искра на љубов која се пали во мајчиното срце. Како сонцето на небото, во тој момент, посилно да сјаеше. „Децата не се раѓаат лоши. Тие се ангели. Тие се извор на добро. Ние им даваме етикети. Тоа е до нас. Нашата состојба“. Мајката им пријде на Раша и Душан и двајцата силно ги прегрна. „Ве сакам. Вие сте мојата среќа. Извинете ако некогаш сум ве повредила. Не било намерно. Сега сè разбирам“.

Госпоѓа Клара се смешкаше. Ѝ беше топло околу срцето. Таа знае дека оваа мајка е искрена. Таа знае дека нејзината непослушност била дел од растењето и дека и таа не е лоша. Само згазнала на погрешен пат. Но, ќе се врати на патот по кој треба да оди. На патот на љубовта и разбирањето. „Раша, прости ми дете мое. Претерав. Знам дека не си виновен. Беше случајно. Те сакам!“ Се прегрнаа цврсто. На Раша тоа му беше доволно. Само еден топол збор од мајката ја стопи секоја тага што ја чувствуваше. Знаеше дека од тој момент сè ќе биде поинаку. Знаеше дека мајка му сериозно го мисли тоа што го кажува. А, пред сè, знаеше дека не е лош. Бидејќи така вели госпоѓа Клара. А постарите и мудри луѓе треба да се слушаат!

Извор



912

X