Зошто тетката е толку значајна личност? Тетката е жена, значи таа во многу работи потсетува на мајка. За разлика од мајката, тетката го нема тој степен на одговорност, неспокојство, страв, збунетост што мајката ги чувствува од првата средба со своето бебе. Затоа, тетката е послободна, понепосредна, поспонтана. Тетката смее да биде уморна, мајката не смее. Тетката може да каже дека нешто не знае или не умее. Мајката не може. На тетката ѝ е дозволено да погреши, на мајката не. На тетките им е полесно бидејќи се занимаваат со децата од поубавата страна. Родителите се задолжени и за она што децата не го сакаат: јади, измиј ги рацете, измиј ги забите, среди ги играчките, намести го креветот, врати се дома навреме и така натаму. Постојат многу помалку области во животот во кои може да дојде до судир меѓу тетката и нејзиното „злато“. Никој досега не ја повикал тетката во градинка затоа што децата се тепале. На родителски средби во училиштето одат родителите. Општеството прави значајна разлика меѓу родителската компетенција и љубовта на тетката, и тоа е во ред, зарем не?

Меѓутоа, тетката може да биде одлична замена за мајката кога детето се притеснува да се довери, има страв или лошо искуство.
Внимавајте, децата сами ги избираат пријателите. Родителот е единствена личност во животот и таа улога никогаш не треба да се меша со другарската. Таа улога сосема убаво може да ја оствари тетката. Таа навистина е и пријател, па и многу повеќе од тоа. Тетката ја претставува онаа слободна, емоционално чиста зона која е засолниште за нашите души и кога не ни оди и кога ни е добро. Тука не постои систем за награди и казни, префрлување, страв. Постои океанско чувство на семоќ кое сме заборавиле кога сме го почувствувале првпат – кога сме се родиле. Од тетките можат да се добијат упатства за сè што ни се случува првпат во животот, а тоа, особено во периодот на адолесценцијата, да нема таква тежина каква што има разговорот со родителот.

Тетките, од своја страна, апсолутно ги обожаваат децата на своите браќа и сестри. Се фалат со нив, со гордост ги возат нивните колички, велосипеди… Колку се само горди кога некој ќе им каже: „О, колку ви е убаво детето“. Па тоа и не е некоја грешка. Нашите тетки навистина нè сметаат за свои деца. Во психолошка смисла, навистина сме им тоа.
Поместувањето на времето за мажење и раѓање доведе до тоа да има многу млади жени со статус тетка. Тие, психолошки, имаат деца, го имаат тоа чувство на триумф што го носи детето, исполнети се со љубов која им е возвратена, имаат за кого и за што да се грижат, заемноста на таквиот однос ги збогатува, се чувствуваат корисно и реализирано. Ова не е илузија, туку реалност. Работите стануваат малку поинакви кога ќе добијат свои деца, но тоа се нијанси.
Едно истражување покажало дека учениците повеќе им се доверуваат на тетките отколку на професорите, психолозите или педагозите.
Ако сметате дека ова е ода на тетките, не сте погрешиле. Во ерата на грижа за еколошки опстанок на нашата планета би требало да се размисли и за психичката екологија на нашата душа. Тој ресор суверено го држат – тетките.

* Кој немал тетка, не знае што изгубил со тоа.
* Тетката е роднина, другарка, пријателка, сојузник.
* Тетките се единствени битија; секоја е неповторлива.
* Секоја тетка има свое „злато“.
* Блазе му на „златото“.
* Тетката не е замена за мајката, таа е нејзино дополнување.
* Тетката е жива енциклопедија, од неа се учи за животот.
* Никој не може да ве утеши како тетката, особено кога сте во кавга со родителите.
* Тетките замижуваат пред правилата не затоа што се непослушни, туку затоа што и самите си имаат свои правила.
* Тетките се најдобрите пријатели на децата.



912

X