Христина Стефановска, лиценциран психолог

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Детски психолог

Повеќе од авторот

Темпераментот не може да биде лош или добар, туку може да биде само поинаков од другите

Детето се раѓа со веќе дефиниран темперамент, кој се наследува, т.е. има неврофизиолошка основа и кој не може да се смени, но може да биде моделиран. Тоа значи дека со воспитување, детето може да научи подобро да се справува со сопствените импулси и подобро да се приспособи на околината.
Она што е најважно во родителскиот воспитен процес е всушност запознавање на своето дете преку запознавање на неговиот темперамент и прифаќање. Ова правило не важи само за родителот, туку за секој што влегува во воспитниот процес на детето како воспитувач, негувател, учител, професор.

Темпераментот не може да биде лош или добар, туку може да биде само поинаков од другите. Епитетите и описите за детето што родителите често ги користат всушност се однесуваат на самиот темперамент. Така, на пример, колерично дете често се етикетира како лошо, невоспитано, хиперактивно… На тој начин на колерикот не му се дава шанса да го контролира чувството на лутина кое е жариште на овој темперамент.
Или, пак, имаме ситуација кога меланхолично дете се форсира на игра со другарчиња, која ја одбива, се етикетира како срамежливо, повлечено, некомуникативно дете, што всушност е реакција на неговата интровертност, која доколку е исфорсирана, му претставува стрес-ситуација и тоа е во состојба да се повлече од другите деца. Притоа, наместо да се користи: „Ајде оди играј со другите деца, вака ако се однесуваш, нема да имаш другарчиња“, би требало да му се каже: „Гледам дека играта што ја играат другите деца многу ти се допаѓа, мислам дека можеш полека, полека да им се доближиш и да ги прашаш дали може да играш со нив“.

Темпераментот во чист вид се среќава многу ретко. Најчесто се преплетуваат црти од карактеристики кои се типични за различните видови темпераменти. Темпераментот е всушност карактеристичен начин на реагирање на детето на различни дразби и ситуации.

Еве ги основните карактеристики на чистите типови темпераменти:

Дете меланхолик

Ова дете е многу чувствително, лесно може да биде повредено, се сомнева, нерешително е, срамежливо, а од друга страна добро е и срдечно, секогаш спремно да помогне. Меланхоликот е затворен и насочен кон себе, тешко се приспособува во нова средина, сака да биде во сенка. Ова дете е несигурно во себе, зборува тивко, реагира болно на негативна оценка, а казната ја прифаќа како трагедија.

Дете флегматик

Ова дете е смирено, трпеливо, има потреба од повеќе време за да се сконцентрира, упорно е. Флегматикот сè што прави, прави смирено и бавно, но секогаш оди докрај и умее да надмине различни препреки. Целосно е посветено и приврзано за семејството, блиските луѓе и пријателите, не сака метеж и публика. Детето флегматик зборува директно без излишни гестови и мимики. Новата информација ја учи бавно, но ќе ја памети многу долго. Бидејќи е насочено кон себе, не сака промени и му треба доста време да се адаптира на новата средина.

Дете сангвиник

Тоа дете е приспособливо, живо, комуникативно, склоно кон брзоплетост и лекомисленост, насочено кон средината, помалку кон себе. Овие деца се дружељубиви, сакаат да запознаваат нови луѓе и непознати места. Лесно го доживуваат неуспехот и без проблем се приспособуваат во новата средина. Нивното љубопитство нема граници и лесно ја учат новата информација. Импулсивни се и активни, но смирено реагираат на казна.

Дете колерик

Ова дете е активно, конфликтно. Овој тип темперамент очигледно носи за родителите најмногу грижи и проблеми. Сè што прави, прави енергично и брзо. Новата информација ја учи брзо, но брзо и заборава. Колерикот по природа е лидер, лесно се адаптира, но поради својата импулсивност, често е во конфликт со врсниците. Ова дете секогаш има потреба од публика, од која очекува реакции и целосно е насочено кон средината, т.е. екстровертно е.

Постојат и неколку искуства:
Дајте му на колерик да сече со ножички и подгответе антисептик.
Викнете му гласно на меланхоникот и ќе стекнете непријател.
Натерајте го сангвиникот да пишува линии во различна форма или нешто друго монотоно и ќе му видите солзи во очите.
Пратете го флегматикот на спортски натпревар и сигурно ќе се покаете.



912

X