Љубов моја,

додека те гледам како полека се движиш по подот носејќи го нашето бебе на спиење, гледам еден нов „ти“. Тоа е чудно за мене бидејќи, искрено, мислев дека нема уште многу нешта што ќе ги откријам за тебе. Но, погрешив. И сум многу среќна поради тоа. Да објаснам.

Ја знам секоја твоја дамка

Точките на твоето лице ми се познати исто како и мирисот на твојот дезодоранс. Ги знам твоите најдобри квалитети, како и најлошите (можеш да ги именуваш и ти моите). Знам што те нервира, што те раздвижува, што те смее. Го знам просечното време што го поминуваш под тушот и како сакаш да се приготват јајцата за појадок. Сакам да кажам дека те познавам. Но, оваа татковска верзија од тебе е нова за мене. Како што и мајчинската верзија од мене е нова за тебе. Почнувам да ја запознавам таа верзија и како што деновите преминуваат во недели и месеци откако пристигна нашето бебе, морам да кажам дека ја сакам сè повеќе и повеќе. Еве зошто.

Посилен си отколку што мислев

Кога се извлекуваш од креветот наутро, по уште една тешка ноќ (и знам, често велам дека не била толку тешка за тебе колку што била за мене) и некако собираш енергија за да одиш на работа и да се преправаш дека си функционален човек, јас тогаш гледам сила. Тоа е истата внатрешна сила што ја барам за да продолжам понатаму, ден по ден, ноќ по ноќ… и тогаш кога мислам дека не можам. Недостигот на сон е убиец и е многу полошо отколку што замислував, но исто така ти си посилен отколку што мислев. Татковството ти даде чувство за цел и гордост. И додека трчаме низ овој работа/живот/семејство маратон, ти сепак успеваш да ни се посветиш на секој начин. Ти си цврста личност. Но не знаев колку цврста сè досега.

Понежен си отколку што мислев

Од друга страна, пак, исто си и нежен. Кога те гледам како го гушкаш нашето бебе, пеејќи му песнички и допирајќи си го лицето до неговото, го согледувам тоа. Гледам дека се топиш однатре кога лежиш на каучот, а нашето бебе спие на твоите гради. Заљубен си. До уши. Љубов како никоја досега. И таа љубов те прави понежен, чувствителен, помек дури и од мојот постпородилен стомак.

Ова е најдобрата верзија од тебе

Знам дека сега се расправаме многу бидејќи патиме од недоволно сон. Знам дека избувнуваме кога треба да си бидеме поддршка еден на друг. Знам дека не сме совршени, но мислам дека ти, како татко, си совршен. Татковството те направи прекрасен, грижлив, смешен, сладок, сочувствителен, силен татко кој целосно се посветува. Затоа, драги, знам дека ова ти го немам кажано в лице. Но, премногу сум изморена. Изгледа дека ова наше бебе не само што го украде моето срце, туку и моите зборови. Но, ги чувствувам и ги мислам. И сакам да ги знаеш.

Те сакам.

Сакај ме.

Автор: Лана Халовис



912

X