Газиме по предмети, собираме, тргаме, преместуваме – тоа е нашата реалност. Ако се осмели некој да тврди дека може подобро – чекам да го докаже тоа!

Времето е меѓу моите најголеми непријатели. Денот го почнувам со рано будење и подготвување. Потоа наизменично молам и се заканувам: „Ајде, те молам, побрзај, облечи се, не, не прво гаќите, а потоа панталоните… облече различни чорапи, исклучи го телевизорот, ако не побрзаш… исчешлај се, немој јас да те чешлам…“

Следува вообичаеното лудило од нормалниот работен ден, а потоа позитивното лудило на нормалниот викенд.

А време, никогаш доволно.

Но, конечно дојде тој ден. Одлучив да ја викнам мојата пријателка на гости со нејзиното дете. И собрав храброст. Зашто, морам да признам, кај мене е хаос. Обично во секоја куќа дневната соба е средена, да не се срамиме пред гостите. Обично и кај мене е така. А можеби и не, бидејќи во моментов таму ми е:

Штицата за пеглање, облеката која чека да дојде на ред по системот – кој чека, ќе дочека, играчките на ќерка ми која реченицата „Тргни ги твоите играчки од ходникот“ ја сфатила дека тоа значи да ги однесе во дневната соба. Потоа јакните за кои на закачалките нема место (да, зимски се, па што), новогодишните украси кои од за мене непозната причина не си го пронајдоа својот пат до плакарот, полуиспиена шолја јогурт, парчиња јаболко во пластична чинија на подот зад фотелјата (да, мамо, изедов сѐ). Кога сме кај штицата, пеглата никаде ја нема, не можам да се сетам каде ја ставив…

Не е важно, ќе седиме на тераса. Но, прво морам да:

Го фрлам ѓубрето, да ги поместам велосипедот и тротинетот, да ја тргнам облеката што се суши (и да ја додадам на купот во дневната).

За среќа, тука е трпезаријата, за опуштена атмосфера. Единствено не знам каде да ги спуштам двете шолји кафе. Масата е прекриена со цртежи од детето, неговите ремек-дела. Многу се лути ако ги преместам, не смеам да ги допрам.

Не смеам да дозволам гостинката да ѕирне во кујната:

Мијалникот е полн, шпоретот го чистев… кога беше тоа? Добро, барем подот е чист. И тоа е нешто. А можеби ќе сака да ги измие рацете? Тоалетот е во ред, ако не се земе предвид дека лавабото е уметнички ишарано со крем за тело, а течниот сапун е пред крај.

Детската соба нема ни да ја коментирам.

Да, времето е меѓу моите најголеми непријатели. Едноставно, не можам да постигнам.

Сепак, собрав храброст да викнам гости, па што биде нека биде. Бидејќи оваа нормална (воена) состојба е во сите домови каде што има деца. Газиме по предмети, собираме, тргаме, преместуваме – тоа е нашата реалност. Кој ќе се осмели да тврди дека може подобро – чекам да го докаже тоа!

Автор: Владана С.



912

X