Воспитување

Така нè одгледуваше дедо. Без дебели книги, без повишен тон, без прекорувања…

За воспитувањето деца се напишани многу дебели книги, но најкорисни се корисните сознанија за воспитувањето од личното искуство и искуствата што ги слушаме од постарите. Следната приказна е токму тоа, а сигурно начинот на воспитување на нашите баби и дедовци ќе ве натера да размислите за воспитувањето на своите деца. Прочитајте за воспитните методи на нашите родители, баби и дедовци.

Баби и дедовци – ги разгалуваат ли децата?

Се сеќавам дека баба ми еднаш со мојот брат нè остави дома со дедо ми. Беше отсутна неколку дена и нè чуваше дедо ми. Беше време за спиење, а дедо нè опомена дека треба да легнеме и да спиеме. Ни рече:

– Спијте, утре ќе ве разбудам рано. И да се знае, појадокот е во 9 часот.

Се разбира дека не обрнувавме внимание на него. Непрестајно скокавме по креветите, трчавме низ цела куќа, врескавме и дивеевме. Заспавме некаде по полноќ. Следното утро дедо дојде во 8:30 да нè разбуди.

– Станувајте деца, појадокот е во 9.

– Да, дедо, знаеме… па…“

И, се разбира, продолживме да спиеме. Станавме дури околу 11 часот и нашата прва работа беше да побараме нешто за појадок. Не пронајдовме ништо. Сите производи беа заклучени во стариот кујнски орман, а клучот беше во џебот на мојот дедо. Се обидовме да му кажеме дека баба нè хранеше 5 пати дневно, но тој не обрнуваше внимание на нас.

– Дедо, ние сме гладни, што можеме да јадеме?

– Појадокот е во 9.

Го кажа ова и отиде да ги заврши своите секојдневни обврски. Бевме лути, но помисливме дека набрзо ќе има ручек. Шетавме и одлучивме да се прошетаме до реката.

– Дедо, ќе играме покрај реката.

– Во ред, ручекот е во 12 часот.

На реката беше одлично, но игравме и задоцнивме половина час за ручекот.

– Дедо, ќе јадеме ли?
– Вечерата е во 19 часот.

Веќе бевме прилично гладни, а по капењето во реката, нашиот апетит стана прилично голем. Размислувавме што би можеле да јадеме и изненадувачки забележавме дека вратата од подрумот е отворена. Брзо видовме што има внатре и, за среќа, пронајдовме две тегли домашен мармалад. Па, нема да кажам како изгледа тоа кога двајца осумгодишници алчно јадат мармалад од тегла со прсти.

Постојат 7 вида дедовци: забавен, мрзлив, дедо-мајстор…

Во 19 часот седнавме на маса, а дедо ни послужи по една чинија грав. Бевме разочарани. Мојот брат налутено рече: „Јас не јадам грав!“ И полека ја тргна чинијата настрана. Дедо смирено ја зеде чинијата, па рече: „Појадокот е во 9“. Тогаш мојот брат речиси со солзи во очите рече: „Дедо, дедо, остави ја чинијата, ќе јадам“.

Следното утро, во 9 часот, јас и мојот брат седевме во кујната на двете страни од масата и чекавме појадок. Така нас нè чуваше дедо ми. Без читање дебели книги, без повишување на тонот, без прекорувања и совети, без подигнување рака да нè удри или да нè повлече за уво. Тоа беше неговиот начин на воспитување и подучување за редот и дисциплината.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top