Воспитување

Ќе бидам мајка овде и сега! Ќе си дозволам и јас да се менувам!

Една од најтешките животни улоги е родителската. Како мајка, соочена со различните одлуки кои морам секој ден да ги донесувам во врска со своите деца, понекогаш се чувствувам како пред ѕид. Постојат ситуации во кои со задоволство би реагирала како некогаш што реагираше мојата мајка, би почнала да викам и да се расфрлам со казни, со надеж дека моите деца ќе почнат да се тресат од страв пред мојот „страшен“ авторитет и ќе ги послушаат моите барања и наредби.

Но, тогаш се сопирам, едноставно не оди така. Го замислувам крајниот резултат од моето викање – јас сум лута, не добивам никакво задоволство, децата се тажни и прекорени и не им е јасно зошто одеднаш се претворив во чудовиште. Сите сме оддалечени едни од други, со лоша волја и фрустрирани, и конечно – не сум ја постигнала целта, промена на некое нивно однесување што не ми се допаѓало. Нашите родителски одлуки и постапки често се вкоренети во воспитувањето кое и самите сме го поминале во нашето семејство, свесно или несвесно. Некои работи што сме ги поминале со сопствените родители, добри и лоши, свесно или несвесно им ги пренесуваме на своите деца. Ако како деца сме доживувале игнорирање од родителите, неразбирање на емоциите, голема е веројатноста дека и ние како родители најмногу ќе се бориме со тие проблеми. Затоа, улогата на родителот е да ги освестува и решава своите трауми, па потоа преку „освестување на себеси“ да му се давате на детето. И не е тоа краток пат, дозволени се грешки, но и прифаќање дека преку односот со децата не ги воспитуваме само нив, туку и себеси, а тоа е клучно за квалитетна динамика во семејните односи.

Дури со свесност за своите несовршени делови можеме да се впуштиме во истражување на сопствените емоционални состојби, како и можностите за преземање одговорност за нив, без обвинување на себеси или децата. И тука лежи самата суштина на она што денес се нарекува свесно родителство. Не се работи за некое длабоко филозофирање, туку за прифаќање, уважување и разбирање на себеси како родител, а на детето како индивидуа која не мора да биде родителски клон, ниту остварување на родителските амбиции, ниту родителски доказ за успех, туку човек за себе, способен да опстане во овој свет преку уважување и прифаќање на себеси и на другите. Секое дете има различен карактер, сензибилитет и потреба за посилни и послаби насоки и граници. Затоа, родителот е само модератор кој набљудува, насочува, не осудува, туку го прифаќа своето дете со сите негови успеси и неуспеси, го мотивира, го смирува, теши, му дава чувство на сигурност.

Што го одредува свесното родителство?

– Свест и внимание насочени на сегашниот момент, значи дека сте со себе и своите деца присутни сега и овде, дека активно учествувате во нивниот живот, разговорот со нив, не градите некаков идеал кон кој се стремите во воспитувањето, туку се приспособуавате на моменталната ситуација и одговарате на моменталните потреби, како своите така и детските.


Разбирање на однесувањето. Трудете се да не реагирате импулсивно, туку промислено, целосно свесни за своите реакции. Се разбира, ваквиот начин бара работа на себе и познавање на себеси, што само потврдува дека родителството е одгледување не само на децата, туку и на себеси.


Сочувство и прифаќање. Доживување на детето како лице кое има свои ставови, емоции, реакции и има право да ги изрази и да биде прифатено. Најчесто родителот треба да научи да се прифати себеси како личност, па дури потоа може да разбере дека и детето е личност. Така што, повторно работа на себе!

Кои вештини ги вклучува свесното родителство?

Слушање – Слушање и набљудување со целосно внимание и концентрација, за кои се потребни трпение и вежба. Слушањето не се однесува само на слушање на детето, туку и на сè што ве опкружува вас и детето.

Прифаќање – Се работи токму за прифаќање на она што е, на моменталните животни околности, на реакциите на другите луѓе околу вас, на однесувањето на детето…

Емоционална свест – Зголемувањето на свеста за родителските интеракции се протега од родителот до детето и назад. Моделирањето на емоционалната свест е клучно за учење на вашето дете да го прави истото. Секогаш постојат емоции што влијаат врз ситуациите, без разлика дали настанале одамна или се минливи.

Самоконтрола – Тоа значи да не дозволите емоциите да ги покренат моменталните реакции, како викање или друго автоматско однесување. Важно е да се избегне претерано реагирање.

Сочувство – Иако можеби не се согласувате со постапките на детето, можете да сочувствувате, што вклучува емпатија и разбирање на позицијата на детето во одреден момент.

Пред сè, свесното родителство е континуиран интенционален саморазвој на родителот, а како што родителот станува посвесен за себе, така се подобрува и комуникацијата меѓу родителот и детето. Исто така, родителот кој не мора постојано да глуми „полицаец“, туку е опуштен и го слуша своето дете, па се приспособува на дадените предизвици и ситуации, е родител со помалку стрес, а со тоа е и позадоволен.

Ако детето гледа задоволен родител кој е во состојба да ги контролира своите реакции, кој ги прифаќа и позитивно ги насочува, тоа ќе го преземе таквиот модел на однесување. Да се биде родител е трка на долги патеки, па затоа треба да се трча со задоволство.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top