Како возрасните, така и децата имаат грижи кои можат да се појават случајно или може да бидат предизвикани од секојдневните настани со кои се соочуваат. Со возраста се зголемува нивната свест за околината и способноста да предвидат лоши случувања кои би можеле да се настанат како последица на нешто, а може да им создадат чувство на страв и загриженост. Како што расте детето, неговите стравувања и грижи можат да се менуваат. Многу од тие стравови се поврзани со развојните промени и се егзистенцијални по природа, што укажува на тенденцијата на личноста за зголемена независност како посебно јас.

Бебињата на возраст до шест месеци може да се плашат од гласни и специфични звуци, како и од големи предмети што се надвиснуваат над нив. Губењето или отсуството на физичкиот, визуелниот и аудитивниот контакт со возрасните околу него го прават плашливо и плачливо.

На возраст од седум до дванаесет месеци бебето може да се плаши од непознати лица или непознати места. Ова значи дека детскиот мозок има воспоставено само примарна приврзаност кон родителите или старателите и како таква таа има трајност кон објектот.

На возраст од една година разделбата од родителите е вообичаена појава на вознемиреност и страв. Може да се плашат кога ќе се повредат, особено ако тоа е поврзано со гласни звуци.

Малите деца на две години честопати покажуваат страв од животни, особено ако детето не било во контакт со животно пред тоа, потоа од големи предмети, од темни простории, разделување од родителите во текот на ноќта, се плашат ако се оставени сами во автомобил.

Децата од три до четири години имаат зголемена имагинација која им содава простор да креираат мисли со кои предвидуваат лоши работи што би можеле да им се случуваат. Нивните соништа може да вклучуваат страшни чудовишта, особено ако биле изложени пред екран, а можат да се плашат и од животни за кои им е зборувано или читано во приказните (на пример, волк, лав…).

На возраст од пет до шест години децата можат да се плашат од суштества што се физички поголеми, повозрасни лица, грмотевици и невреме, доколку се оставени сами на непознато место.

На возраст од седум до осум години децата собираат и слушаат повеќе информации кои доаѓаат до нив, па поради тоа може да се грижат за нешто што може да им наштети, на пример, сообраќајни несреќи, авионски несреќи, и може да се плашат од темнина кога се движат надвор од домот. Во оваа возраст може да се интензивира и стравот од смртта.

Децата од девет до дванаесет години најчесто се грижат за училишните постигнувања, нивниот физички изглед, некои се можеби вознемирени што мораат да пораснат.
За тинејџерите до осумнаесет години, најважни се личните меѓуврснички односи кои можат да бидат извор на конфузија и грижи. Може да се јават стравови за иднината, растењето, идентитетот, професијата итн.

За стравот и вознемиреноста можете да работите преку интерактивниот психолошки прирачник за возраст од 3 до 10 години „Кога Ушко се плаши“ во издание на Либи и Арс Ламина.



912

X