Поради стравот, социјалната изолација и економските проблеми со кои многу семејства се соочуваат по појавата на пандемијата со коронавирусот, домашните конфликти се во пораст. Истражувачите од Универзитетот во Мичиген откриле дека стресот што го предизвикува појавата на вирусот влијаел врз семејствата и предизвикал повеќе проблеми кај нив. Онлајн-анкетата спроведена во март 2020 г. открила дека 1 од 5 родители го удрил или тепал своето дете барем еднаш во изминатите 2 недели, додека 12 проценти кажале дека тоа го направиле повеќе пати. Во меѓувреме, 4 од 10 родители рекле дека врескале или викале неколку пати и повеќе во претходните 2 недели.
Со губење на работата или, пак, страв од тоа, неможност да се најде или да се дозволи детска грижа, справување со виртуелна настава и одржување здраво семејство – не е тајна дека ова време е тешко за родителите, па понекогаш стресот може да води до ненамерни дисциплински методи. Сепак, не сте сами, а експертите велат дека има начин за справување со сето тоа.
Како им влијае удирањето на децата
Американската академија на педијатри се спротивставува на удирањето и им препорачува на родителите да користат ефективни дисциплински стратегии како пофалба за доброто однесување и игнорирање на лошото, а и да внимаваат за да им бидат добар пример на децата. Додека удирањето може да произлезе како резултат на фрустрација, особено со сите стрес-фактори на денешницата, тоа може да води и до нешто повеќе отколку само нанесување локализирана болка за вашето дете.
Удирањето може да има негативен ефект врз развојот на децата, особено за помалите и нивната извршувачка функција, како и когнитивните вештини кои вклучуваат меморија за работење, флексибилно размислување и самоконтрола, објаснува Мајкл Мерзенич, невролог, професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско. Стресот од удирањето резултира во емоционалниот одговор на детето да биде доминантно и да ја забави извршувачката функција. Како последица на тоа, извршителот никогаш нема доволно контрола, смета д-р Мерзенич.
Исто така, може да предизвика и биолошки парадокс. „Нивниот мозок им вели да бегаат од она што ги повредува, но нивниот ум исто така им вели да одат кон оној што им дава заштита“, вели Дан Сигел, психијатар и автор. Со други зборови, кога ги удираме нашите деца, ние ги учиме да продолжат да бараат љубов од луѓето што ги повредуваат, што е нешто што ниту еден родител не го сака.
Како да избегнете да ги удирате вашите деца
Додека сето ова може да звучи страшно, експертите велат дека има начини да се изврши превенција од таква ситуација. Клучот е да научите да ги контролирате своите емоции за да избегнете достигнување на моментот за нивно физичко искажување. „Кога сте лути, вашиот мозок е високо активен 1. до 3. минути“, вели д-р Мерзенич. „Наједноставната работа што некој може да ја направи е само да чека кога ќе се налути. Оставете да помине. Развијте навика да оставите тој момент да помине. Тоа менува сè – ја менува амигдалата (делот од мозокот кој игра улога во емоцијата и однесувањето). Можете да се научите себеси да чекате“.
Пронаоѓањето начини да се смирите себеси секојдневно е исто така добра идеја. Д-р Мерзенич предлага медитација. Имајте на ум дека тие практики за релаксирање може да охрабрат и поврзување меѓу семејството, како и да доведат до ослободување на стресот и помагање на децата да бидат свесни за своите мисли и чувства – а со тоа и подобро да се контролираат.
Ако стресот е причината што некој родител избувнува, најдете начини да го поправите тоа. Побарајте помош од партнерот. „Жена која не е во насилна врска, мора да побара од партнерот еднаква распределба на товарот од грижата кон детето и домашните задачи“, вели Анита Батија, заменик-директор на Ентитетот за родова еднаквост и зајакнување на жените при Обединетите нации, познат и како „Ју-Ен жени“. Таа потенцира дека пандемијата им влијаела на мајките на повисоки нивоа, со тоа што врз нивен грб сега има дополнителни обврски. „Ако немате партнер, потпрете се на роднина, пријател или едноставно побарајте од детето да се вклучи повеќе“, смета Батија.
Што да направите ако веќе сте го удриле вашето дете
Не паничете. Секогаш можете да го промените однесувањето. Експертите велат дека прво треба да признаете што се случило за да почнете да ја поправате врската со вашето дете. „Кога и да го удрите детето, важно е да признаете. Потоа дискутирајте за тоа со детето и утешете го. Зборувајте за неговите чувства. Потоа прегрнете го, поврзете се со него на негово ниво и дајте му утеха“, додава д-р Сигел.
Што можете да кажете? Трина Грин Браун, автор, активист и основач на непрофитна организација посветена на црните семејства и заштита на ранливите, сугерира да се почне со речениците:
„Сфатив дека кога го сторив тоа ти ги повредив чувствата. Жал ми е, не требаше да постапам така. Ајде да се договориме како ќе се однесуваме во иднина“. Така не само што ги учиме нашите деца да бидат одговорни за своето однесување, туку ги учиме и како да ја гледаат одговорноста и кај другите. Но, ако не можете да ги контролирате вашите емоции, не плашете се да побарате професионална помош. Побарајте терапевт специјализиран за справување со бесот. И секогаш запомнете да се сакате себеси и да знаете дека секој родител прави и големи грешки, но нашите умови исто така се способни и за големи промени.
Автор: Карли Пирсон