Марко не сакаше да станува рано, но утринава едноставно скокна од креветот. Иако му фалеа неколку часа сон, се чувствуваше полн со енергија. Додека се миеше размислуваше: Денес со задоволство ќе ги исфрлам Соња, Андрија и Павло од час. Едвај чекам! Ги предупредив колегите за какви деца станува збор, некој да не се излаже и да ги земе кај себе. Не можам повеќе да се нервирам. Кога нема да ги гледам, ќе почнам да дишам!

Предаваше виолина во едно музичко училиште во Белград. Уште кога беше мал, професорите зборуваа дека тој е најголемиот талент што го сретнале во својот долг стаж и му предвидуваа завидна солистичка кариера. На натпреварите во земјата и во странство без исклучок ги добиваше првите награди. На уписот за Академија беше прв на листата и ги заврши студиите пред рокот. Но, не можеше да живее од повремените концерти, па реши, макар привремено, да побара работа во некое училиште. Тоа „привремено“ трае над 20 години.

Се исправи бришејќи го лицето со крпата, погледна во огледалото, но одразот воопшто не личеше на него. Тоа беше сериозно лице, намуртено, го гледаше чудно.

– А зошто ќе ја исфрлиш Соња? И Андрија и Павло? – го праша ликот од огледалото.

Марко се сепна, срцето му застана, се плашеше дека ќе падне.

– Кој си ти? – го праша, држејќи се за плакарчето зад него.

– А зошто ќе ја исфрлиш Соња? И Андрија и Павло? – повторно го праша ликот од огледалото.

– Па затоа што не се талентирани… И не работат… Не вежбаат… Вежбањето е нивна обврска… Не го прават тоа… Кој си ти, те прашувам!?

– А дали ти ги извршуваш твоите обврски? – го праша ликот од огледалото.

– Ги извршувам! Кој си ти, одговори ми! – одлучно праша Марко.

– Сите обврски ги извршуваш?

– Сите!

– Доаѓаш на секој час навреме?

– Кој си ти? Нема да ти одговорам додека не ми кажеш! – извика Марко.

– Ќе ти кажам. Опушти се. Не ти сум непријател. Дали доаѓаш навреме на секој час? – праша ликот.

Марко рече да.

– Искрено! – му рече ликот.

Марко молчеше.

– На час не зборуваш на телефон? Не пишуваш пораки? Не јадеш? Не излегуваш од училница додека трае часот за да зборуваш со колегите? Да продолжам?

– Чекај, не јадам на час, навистина! – се бранеше Марко. Срцето и понатаму му чукаше силно, но реши да издржи докрај и да дознае со кого зборува.

– А другото не го правиш?

– Го правам, понекогаш – рече Марко.

– А детето ќе го исфрлиш затоа што не вежба? Каков пример си му?

– Но, ако не вежба, јас губам време со него. Со оние што вежбаат работам и прекувремено и за викенди, ги носам на натпревари, добиваат награди – рече Марко.

– Значи избра со кого ќе работиш – со оние што ги следат твоите упатства. Другите ги отфрли. Па, и не ти е многу тешка работата.

– Остани еднаш на час со дебилот кој не вежба, па да зборуваме. Не знам ни кој си, како да ти објаснам колку е тоа тешко? – се лутеше Марко.

– Дали сам ја избра работата? Дали можеш да ја напуштиш ако не ти одговара? – го праша ликот.

– Да, но…

– Добро, ајде вака. Зошто запишувате деца што не се талентирани? Имате приемен испит, за разлика од основните училишта. Тие ги примаат сите. Вие имате некаква проверка на почеток…

– Па децата што ги примаме убаво пеат на приемниот… и…

– Значи не се неталентирани? – го праша ликот строго.

– Но, за виолина не се талентирани, не работат, не вежбаат – се правдаше Марко.

– Аха, ако не вежбаат, значи дека не се талентирани?

– Не, туку… Само велам…

– А, мислиш дека не се талентирани за друга форма на музика? За пеење? Диригирање? Компонирање? Затоа што само оној што вежба е талентиран?

– Мене така ми е во програмата, не можам да ги учам да диригираат – се бранеше Марко.

– Па ќе ги исфрлиш од класот? – праша ликот.

– Не работат, не вежбаат…

– Тоа веќе го слушнав. Можеби не си ги мотивирал? Можеби кај друг професор би вежбале?

– Не, оној што не вежба – не вежба – го убедуваше Марко.

– Можеби ги прегази со твоите барања. Можеби толку си им викал, што им се смачила виолината. Можеби никогаш не си ги фалел, туку само си ги навредувал и само си им се заканувал. Да продолжам?

– Не, немој – рече Марко.

– Колку деца запишувате секоја година во прво одделение? Дали толку деца треба да учат бесплатно музичко училиште?

– Кој си ти? – повторно праша Марко.

– Ќе ти кажам, а сега одговори ми – повтори ликот.

– Можеби не би требало толку деца да учат, но…

– Но, заврши ја реченицата – рече ликот трпеливо.

– Па, искрено… Ако не ги запишеме, не би ги пополниле класовите. Сфаќаш? Мене секогаш ќе ми бидат класовите преполни. И на клавиристите и на гитаристите. На другите не – искрено рече Марко.

– Значи, ги запишувате децата за да ги пополните класовите и да набавите деца за колегите кои предаваат непопуларни инструменти, така?

– Па, така некако – одговори Марко.

– И потоа, во текот на годината почнувате да ги исфрлате бидејќи не се талентирани?

– Но навистина се… – се обиде да одговори Марко.

– Одговори ми!

– Да, ги исфрламе бидејќи…

Ликот повторно го прекина: – Бидејќи знаете дека наредната година повторно ќе се запишат нови деца и дека лажната слика ќе продолжи до недоглед?

– Не, туку…

– Дали сега сфати дека со мене можеш да разговараш само искрено? Еве, ќе ти кажам, бидејќи сам не сфаќаш – јас сум твојата совест. Јас не те критикувам. Јас ти помагам да бидеш подобар. Да преземеш одговорност за она што го работиш. Да видиш каде грешиш. Затоа одговарај ми искрено – рече ликот и првпат благо се насмевна.

Марко почувствува мачнина и наплив на солзи.

– Кој ти рече дека ќе работиш само со деца што вежбаат? – го праша ликот.

– Никој! – Марко реши да разговара искрено.

– Тогаш од каде ти е правото да го исфрлиш детето што не вежба?

– Но, што да правам со него? – низ плач го праша Марко.

– Да го најдеш она што тоа дете умее да го работи. Да го следиш неговото темпо – да работиш сам со него. Да не очекуваш дека секој ќе стане виртуоз. Да сфатиш дека некој ти го доверил. На тој некој детето му е сè на светот. Тој ти го дал тоа дете за нешто да го научиш. А ти ќе го исфрлиш. Дали почнуваш да сфаќаш?

– Но, тоа се родителски болни амбиции, тие деца не сакаат да одат во музичко училиште – рече Марко низ солзи.

– Разговараме искрено, нели? – го праша ликот. Марко кимна со главата. – Колку деца би се запишале во твоето училиште на годишно ниво доколку ги примите само оние што сакаат да вежбаат, што имаат талент и желба да свират инструмент?

Марко молчеше.

– Колку од вас би останале без работа?

Марко и понатаму не одговараше. Плачеше како мало дете.

– Дали би имале фонд на часови луѓето што предаваат, да речеме, хорна или флејта?

Марко одговори одречно.

– Дали 35 професори по клавир само во твоето училиште би имале доволен број деца? Или 20 професори по виолина? А каде се другите училишта? И другите професори?

Марко повторно рече не.

– Дали тоа го сакаш? Годишно да се запишуваат три ученици? Од година на година да има сè помалку професори? Или подобро би било да се лажеме и да ги примаме сите за тоа да не се случи, па потоа да ги исфрламе од училиштето?

Марко го погледна својот лик без зборови.

– Преземи одговорност за она што го правиш. Кажи си себеси, ако не и на другите, дека учествуваш во голема измама чии правила ги знаат професорите, но не и родителите на децата. Замисли да е така во основните училишта. Замисли си го твоето дете, кое е во трето одделение, некој да го исфрли од училиште бидејќи не сака да учи.

Марко се замисли.

– Дали би рекол дека тоа е во ред?

– Не – рече Марко.

– Сфаќаш што ти зборувам, Марко? Барај го она што детето умее да го работи, бидејќи веќе откри што не умее да работи. Инсистирај на тоа. Можеби не умее да отсвири ни два такта, но умее одлично да свири песни. Можеби ќе биде одличен продуцент. Или ќе пишува филмска музика. Или ќе свири во ресторан во Скадарлија и ќе ги прави луѓето среќни. Немој да го исфрлиш од музиката. Тоа е грев, Марко!

Марко се фати за глава и падна на колена.

– Јас толку деца досега исфрлив од класовите. Јас сум лош, лош професор – и почна да плаче како дете.

Се сети на неговите желби да биде изведувач, но никогаш не ги реализира. Почна гласно да плаче, од солзите се засркна и почна да кашла. Мислеше дека ќе се удави, грлото му беше полно со солзи, не можеше да издиши.

Наеднаш стана од сон и продолжи да кашла во креветот. Изненадено погледна околу себе. Беше три часот наутро. Лицето му се развлече од насмевката – сè беше сон, Боже, фала ти!

Повторно легна и се покри преку глава. Денес ќе ги исфрлам Соња, Андрија и Павло од класот! Уште неколку часа и големиот товар ќе ми падне од грбот. Набрзо повторно потона во сон.

Автор: Маја Бурачиќ



912

X