Воспитување

Споделување податоци за детето онлајн – закана за неговиот развој

Остин никогаш не избра да биде на интернет. Започнувајќи со обидите на родителите за основање семејство, две тури ин витро оплодување, фотографија од стапче на кое има две линии, до видео од ултразвук, дури и пред да го земе првиот здив на овој свет, приказната на Остин веќе била напишана за него.

По 11 години, сагата продолжува: приказни за учење за одење, време на болести и настинки проследено со совети од фејсбук-пријателки на неговата мајка, видео од неговиот прв училиштен танц, одбивање од првата симпатија и слично. Кога Остин побарал да биде избришана фотографијата на која јаде роденденска торта и рекол дека ја мрази, објавена од страна на мајка му на нејзиниот инстаграм-профил, таа му рекла дека баш е сладок. Односот помеѓу ужасувањето на детето и гордоста на родителите, исто така, се утврдува на овој начин.

Некои сметаат дека е сосема природно што родителот сака да сподели од своите радости, а некогаш и тага и предизвици, а други мислат дека тоа е сепак интимноста на детето. Но, социјалните медиуми ја редефинираа природната интимност, па линијата не е толку јасна. Едно е кога се споделува со неколку луѓе при лична комуникација, а друго со илјадници луѓе од кои поголемиот дел не ги познавате.

Темата на книгата „Споделувањето на родителите: Зошто треба да размислиме пред да зборуваме за нашите деца онлајн?“ од Леа Планкет, професор на Универзитетот „Њу Хемпшир“, е составена од тврдења за она што се случува во секојдневието на родителскиот живот во однос на нивното споделување приватни детали од животот на децата онлајн. Примарната загриженост кај Планкет се однесува на периодот кога детето сè уште не е родено, како што е примерот со Остин. Во тој „сајбер-простор“ родителите ги споделуваат своите податоци и остануваат „слепи“ за последиците и сценаријата што може да се случат. За возрасните, ова е доволна грижа, но во контекст на децата, работите се уште посериозни – објавувањето на нивната приватност од страна на родителите може да резултира со проблеми како тешкотии на училиште, прифатеност од врсниците или заедницата, поттик за булинг, примање на универзитети, професионална репутација и проблеми во односите со другите луѓе. Сето тоа бидејќи родителите всушност создаваат онлајн карактер (лик) за своето дете, па тоа може во голема мера да влијае врз неговата способност да развие сопствена приказна и чувство за себе.

Што се случува кога приказната што детето сака да ја каже за себе е спротивна од онаа што родителот постојано ја раскажува? Што ако на детето не му се допаѓа улогата што му е доделена? Доволно е тешко да се одвоиш од родителите и авторитетните фигури во животот и да започнеш самостојно и независно да живееш. А ваквите постапки од страна на родителите често го попречуваат совладувањето на тие животни вештини.

Уште еден проблем е што често споделувањата на приказните со светот го менуваат фокусот и од детето го префрлаат на искуството на родителот. Може да донесете дете на свет и да учествувате и да влијаете врз неговото оформување до која мера сакате, но сепак е негова одлука како ќе ја обликува својата приказна.

Забелешка: објавувајте со разум и размислување.

Автор: Мишел де Марко

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top