Да се биде мајка е најубавата улога, колку и да е тешка и напорна. На крајот од секој ден, преполн со обврски на работа и дома, сфаќате дека сепак биле најважни бакнежот и насмевката што ви ги дала ќерката (иако претходно сте ѝ викале). Нема друг подобар успех, диплома, тапкање по рамо. Нивната среќа ви е ѕвезда-водилка.

Денешните мајки се збунети. Совети доаѓаат од сите страни: како да ја средите куќата за половина час, како сè да биде уредно и чисто, како да се подготви здрав ручек за само 15 минути. Не можам да го прескокнам ни она кога ве критикуваат дека ги пеглате повеќето од работите. А потоа еднаш ќе се појавите со истуткана кошула, па ќе шират трачеви за вас дека не сте во состојба ниту едно парче облека да го испеглате како што треба. Мора секогаш да бидете дотерани, фенирани, со вештачки нокти, веѓи и коса. Од друга страна, вие сте најлошата мајка на светот бидејќи поради тие обврски ги ставате децата на последно место. Едните ви упатуваат пофалби, другите ве прекоруваат. Ако децата ви се мирни – зошто немаат свое мислење, како ќе се снајдат понатаму во животот? Ако имаат свое мислење – вие сте најлошата мајка бидејќи не сте доследни и не знаете да поставите граници.

Едни викаат: „Одмори малку, мисли на себе, оди прошетај, наврати до фризерски салон!“ Други велат: „Зошто на детето си му дала пица за вечера?“ Па затоа што по 1.000 години отидов на фризер. Јас го добив најдобриот совет: „Издржи! Обиди се да останеш нормална! Тоа е така неколку години додека се мали, потоа сè ќе помине“. Нема тука многу мудрости. Работиш како што мислиш дека треба. Обиди се колку што можеш подобро и поуспешно. Никој нема да ти упати пофалба, што и да испадне на крај. Важно е да бидете среќни заедно со своите деца. Јас сум била најсреќна кога косата ми била нечиста, а и фустанот, бидејќи сум била искрена, своја, насмеана и посветена на моите деца. Сите сме различни. Денес ни е потребен ден со децата, а утре ќе излеземе кришум од станот на родителите бидејќи децата едвај се согласиле да останат со баба и дедо на само три часа.

Добри сме секогаш. На ниедна мајка не ѝ лесно. Правете како што ви одговара. Гледајте да не претерувате во тоа. Ако секој ден се смеете – на вистинскиот пат сте.

Ќе бидете добра мајка и ако викате и ако имате трпение. Овие ситуации се менуваат од минута во минута со малите деца. Кој вели дека не е така – лаже. Не очекувајте да бидете совршени, бидејќи  не сте. Но, никој не е. Ни онаа што ве советувала да се прошетате, ни онаа што десет дена не ја миела косата бидејќи децата имале температура. Уживајте колку што можете. Бидете тука за децата кога им требате. Не мора да чувствувате лошо ако понекогаш викнете. Бидете спонтани. Не сте добра мајка единствено ако вашите деца постојано ве гледаат нервозни. Дозволете си да направите грешки бидејќи вие сте само мајка. Слушајте го детето и правете онака како што ви одговара и вам и нему. Не обидувајте се да им угодите и на другите бидејќи тоа е невозможна мисија.

Автор: О.Б./ дипломиран психолог и семеен терапевт



912

X