На прашањето што посакуваат најмногу за своите деца, родителите често велат дека сакаат децата да им бидат среќни и успешни, но неодамна фокусот е насочен кон разбирање на важноста на љубезноста.

„Овој фокус е директен одраз на светот во кој живееме“, вели Рејчел Томлинсон, психолог и автор на книгата „Учејќи ги децата да бидат љубезни“.

Некогаш можеме да бидеме соочени со конфликт, стресна ситуација и болка за состојбата во која е светот, па често посегаме по промена во нашите животи. Сите се надеваме на најдоброто за нашите деца и сакаме да видиме дека тие ќе пораснат во добри луѓе – вели таа.

Љубезноста е награда сама по себе, но има и други придобивки. „Љубезните деца имаат поголемо чувство на самодоверба бидејќи го гледаат позитивниот ефект од нивното однесување и од делата што ги прават за другите“, вели Томлинсон. „Тие имаат подобро физичко и ментално здравје. Кога сме љубезни, се ослободуваат хормони во мозокот кои го чуваат здравјето на срцето, го намалуваат стресот и ги зголемуваат позитивните чувства. Децата се поисполнети и имаат поздрави односи со лицата околу себе бидејќи се социјално свесни и можат да сочувствуваат со другите“, додава таа.

Студија од Канада спроведена на деца на возраст од 9 до 11 години открила дека учениците што прават љубезни дела не само што се социјално поприфатени од нивните врсници, туку од нивните дела имале придобивки целите одделенија, а учениците биле повеќе вклучени и помалку имало „врсничко малтретирање“ помеѓу нив. „Ефектите од љубезноста им помагаат на децата да пораснат во добри и успешни возрасни лица“, додава Рејчел.

Децата учат да бидат љубезни кога другите се љубезни кон нив.

Што претставува љубезноста?

„Љубезноста се состои од однесувањата кон другите – сочувство, искреност, искуство и реакции кон другите“, вели Рејчел. „Однесувањата што се сметаат за љубезни често се концентрирани на грижа за другите и способноста да се разберат и поддржат потребите на другите“.

Во 2015 и 2016 година истражувачите оценувале како децата ја перципираат љубезноста. Изразени преку цртежи, децата покажале дека љубезноста ја сфаќаат како физичко помагање на другите, одржување пријателства, покажување почит и помагање на другите на емоционален начин. Рејчел потенцира дека љубезноста не треба да се меша со тоа да се биде учтив. Таа објаснува дека учтивоста повеќе се однесува на тоа како другите луѓе ве гледаат, а да се биде љубезен повеќе се однесува на тоа како вие се чувствувате за себеси. „Оригиналната љубезност значи дека сте љубезни затоа што вие сакате, а не затоа што морате или добивате некаква награда за тоа“, додава Рејчел.

Како да ги научите децата да бидат љубезни?

Во нејзината книга Рејчел истражува 5 стратегии за тоа како родителите и старателите да демонстрираат љубезност, а и дали може да создадат можности за нивните деца да бидат љубезни. „Петте стратегии се фокусираат на: моделирање, користење јазик, поттикнување на однесувања, емоционална регулација, проширување на кругот на лица за кои се грижат“, вели таа. „Во книгата, сите овие области се истражени подетално, проследени со практични совети и активности за практикување со децата“. Рејчел вели дека може да биде тешко децата да ги земат предвид потребите на другите. „Не се работи за тоа дека децата се лоши, туку затоа што се млади, па може да бидат егоцентрични и фокусирани на себе“, додава Рејчел.

„За да ги научиме децата да бидат љубезни, треба да престанеме со наградување на однесувањето на традиционален начин. Тоа се спротивставува на пораката бидејќи децата стануваат љубезни само за да извлечат нешто од тоа, а не затоа што навистина сакаат да бидат љубезни едни кон други. Треба да поставиме можности соодветни за нивната возраст за тие да почнат да учат за љубезноста и да ги земаат предвид искуствата и емоциите и на другите лица. Ако можат јасно да го разберат тоа, тогаш лесно е да ги охрабрите да бидат љубезни за тоа како да почнат да се однесуваат љубезно. Мислам дека повеќе дискусии за забележување на другите луѓе, како и моделирањето на љубезноста, ќе бидат важни за вашите деца“, вели Рејчел.

Ова се нејзините совети:

1. Научете ги децата да ги именуваат и разбираат своите емоции.

– Преку именување на емоционалните искуства тие ќе бидат помалку фрустрирани или анксиозни за силните чувства и подобро ќе се справуваат со стресот.

– Оваа вештина исто така ја формира раната способност за емпатија. Ако разбираат од каде доаѓаат емоциите и како самите се чувствуваат, ќе можат да ги идентификуваат емоциите и кај другите.

2. Покажете интерес за другите луѓе.

– Прашувајте прашања за тоа што прават луѓето или ликовите додека гледате заедно телевизија или читате книга или седите во паркот и ги гледате луѓето.

– Дали децата можат да ги идентификуваат чувствата на другите луѓе или нивните потреби врз основа на она што го гледаат?

– Ова создава одлични вештини за да се создаде и способност за емпатија.

3. Волонтирајте или најдете начини да дадете придонес во заедницата.

– Придонес од кој било вид, донирање стара облека, носење работи во шелтер-центар за животни и слично – се начини за да му го проширите кругот за грижа на детето надвор од вашето семејство.

– Објаснете му на детето зошто донирате и зошто се грижите за другите, прашајте ги како ќе се чувствуваат доколку би биле на местото на примателите на помош и какво е чувството да се биде добар кон другите.

– Ова го цементира учењето и ги поттикнува децата да размислуваат за тоа што значи да се биде љубезна и добра личност.

Извор

 



912

X