однесување Прашај психолог

Син ми мисли дека има АДХД или аутизам, но на психијатрија му дадоа лекарства за анксиозност. Каде може да направиме тестови за овие состојби?

ПРАШАЊЕ: Син ми има 15 години и премногу е интелигентен, но до деветто одделение немаше добар успех. Во прва година одеше на психолог и многу му помогна во учењето, сите оценки му беа сега 4 или 5. Важно е да се спомне и тоа дека од 7. до 9. одделение не зборувал на училиште, само со двајца другари.

Имал како кнедла во грлото и не можел ништо да каже, ни своето име. Откако го подобри успехот, престана да оди на психолог. Вели дека се чувствува неразбран од психолозите затоа што тој мисли дека има спектар на аутизам и АДХД, а тие му зборуваат за длабока анксиозност. Вели дека го имал тоа, ама го победил. Премногу истражува на интернет за овие дијагнози. Затоа сакаме да ги направиме тестовите, бевме во Скопје на психијатрија и таму му дадоа лекови за анксиозност, но буквално негово тело не можеше да ги поднесе. Тие денови беше како зомби, сѐ го болеше. Беше многу изреволтиран затоа што не ги направи тие тестови. Ве молам за совет како и каде да ги направиме тие тестови.

Вели: „Не може да ми дадат лекови без дијагноза, сакам прво дијагноза, па после лекови, а не да бидам експеримент.“ Затоа ни е важно да ги направиме тие тестови.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Од она што го опишувате, добивам впечаток дека имате едно интелигентно, љубопитно и чувствително дете кое долго време се соочувало со значителни тешкотии во социјалната комуникација и анксиозноста, но истовремено покажало и голем капацитет за напредок.

Кога велите дека во одреден период не зборувал на училиште освен со неколку другари (сепак зборувал и комуницирал), тоа однесување често може да биде поврзано со силна социјална анксиозност, но исто така секогаш е важно да се разгледа пошироката слика за развојот на детето и неговото функционирање низ годините.

Исто така, важно е да се нагласи дека одредено ниво на анксиозност е сосема нормален дел од адолесценцијата. Во овој развоен период децата се соочуваат со многубројни промени, прашања за сопствениот идентитет, припаѓањето и прифаќањето од врсниците, па затоа е очекувано повремено да чувствуваат несигурност, страв или грижа. Меѓутоа, кога анксиозноста станува толку интензивна што значително го ограничува секојдневното функционирање, комуникацијата, учењето или социјалните односи, тогаш зборуваме за состојба која заслужува подетално внимание и стручна поддршка. Целта не е целосно да се елиминира анксиозноста, туку детето да развие капацитет да ја препознава, регулира и да продолжи да функционира и покрај неа.

Од друга страна, разбирливо е и тоа што сака да добие појасни одговори за себе. Адолесценцијата е период кога младите се обидуваат да разберат кои се, како функционираат и зошто се чувствуваат различно од другите. Денес многу млади луѓе истражуваат барајќи објаснување за сопствените искуства.

Би сакала да напоменам дека ниту една дијагноза не треба да се поставува врз основа на информации прочитани на интернет, но исто така е важно неговите дилеми и прашања да не бидат отфрлени. Кога детето на овие години чувствува дека не е слушнато или разбрано, често уште повеќе се врзува за сопствените претпоставки и објаснувања.

Ако вели дека ја победил анксиозноста, тогаш што е проблемот сега, што сака да постигне, какво е неговото однесување сега, дали сѐ уште има проблеми во комуникацијата?

Доколку сѐ уште се соочува со тешкотии, најдобро процената да ја направи детски психијатар, психолог и други професионалци кои работат со развојни и психолошки тешкотии кај адолесцентите. Целта на процената не е само да се добие „дијагноза“, туку подобро да се разбере начинот на кој функционира детето, неговите силни страни, предизвици и потреби.

Во однос на лековите, разбирливо е што вашиот син бил вознемирен од искуството што го имал. Секој организам реагира различно и важно е секој што го зема лекот да биде информиран, да се почувствува слушнато и вклучено во процесот на носење одлуки за сопственото лекување.

Она што особено ми остави впечаток е дека и покрај сите предизвици, вашиот син успеал значително да го подобри успехот, да се отвори повеќе кон околината и активно да бара разбирање за себе. Тоа ни кажува дека има големи капацитети, мотивација и желба за развој.

Мој совет е да не се фокусирате исклучиво на прашањето „која е дијагнозата“, туку на прашањето „што му е потребно на моето дете за подобро да се разбере себеси и полесно да функционира“. Понекогаш дијагнозата носи важни одговори, но уште поважно е чувството дека некој нè гледа, нè слуша и се обидува навистина да нè разбере.

Ви посакувам многу трпение и доверба во процесот. Вашиот син веќе покажал дека има капацитет за напредок, а со соодветна стручна поддршка ќе може уште подобро да ги разбере своите тешкотии и своите потенцијали.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Процена може да направите во:

Универзитетска клиника за психијатрија на деца и младинци (Скопје)

Институт за ментално здравје на деца и младинци (Скопје)

Приватни ординации

To top