На пример, дете што доживеало траума чувствува интензивни емоции на страв, лутина и тага. Кога низ играта спонтано ќе го одигра трауматичното искуство и ќе ги изрази тие чувства, ќе доживее ослободување од товарот на чувствата
Сознанието дека нешто „не е во ред со моето дете“ му паѓа особено тешко на секој родител. Кога се појавува одреден психолошки проблем кај детето, родителите може да се почувствуваат недоволно добри како родители. Од таа причина, некогаш им е потребно повеќе време пред да донесат одлука да се обратат за помош кај стручно лице. Стравот дека таму ќе добијат потврда дека навистина нешто не е во ред со нив, или уште повеќе дека ќе бидат осудени создава блокирање на одлуката, или барем нејзино одложување, сè до моментот кога ќе згусне работата, односно кога веќе симптомите на одредена состојба се навистина влошени.
Меѓутоа, вистината е дека некогаш лекот е толку едноставен, иако се чини дека проблемот е навистина голем и сериозен. Едноставноста е во тоа што само одредени шеми во односите меѓу родителите и детето треба да се преструктурираат, а тоа може наједноставно да се направи низ симболичка игра преку која родителот и детето поквалитетно ќе се зближат. Што е најважно, и обете страни ќе научат како повеќе да ги толерираат и прифаќаат негативните емоции кога ќе се јават во односот, при што нетрпението ќе се претвори во трпение.
Што е симболичка игра?
Низ симболичката игра детето учи како реалноста да ја претстави низ самата игра, притоа употребувајќи најразлични предмети (играчки) како симболи. Она што е типично за симболичката игра е тоа што детето во претставувањето на реалноста користи предмети кои го претставуваат она што реално не постои. На пример: патка и зајаче може да бидат мајка и дете. Детето преку фантазијата создава ситуација која служи да ги задоволи неговите потреби и желби. Способноста за оваа игра се развива некаде по втората година. Таа е особено важна во развојот на детето бидејќи на тој начин детето ги учи улогите на возрасните и нивните активности. Она што е интересно е дека низ симболичката игра речиси секогаш излегува она што му се случува на детето во секојдневието, иако детето не е свесно за тоа.
Во денешно време детската игра претрпе големи промени. Таа е структурирана и премногу е насочена кон развојот на интелектуалните способности и академските постигнувања, додека многу малку се состои во емоционалниот развој на детето. Речиси во целост се вклучени родителите и наставниците во одбирањето на играта, а многу малку се дозволува слобода на избор која е нужна за развој на креативноста. Кога ќе го оставите детето да се досадува, во него се раѓа фрустрација од прашањето ,,Што да правам сега?“ На тој начин детскиот ум почнува да работи и самиот изнаоѓа решение за тоа како ќе ја реши досадата, со што учи како да ги решава идните проблеми. Постојаното сервирање на активности и немањето слободно време создава кај детето постојано очекување дека цело време некој друг треба да го регулира, со што се намалува чувството на одговорност. За жал, некогашната груба игра во која денешните возрасни, како тогашни деца уживаа, веќе ја нема, бидејќи се смета за агресивна, а таа е нужна за да се развие моториката.
Само на свој начин да ги реши проблемите
Низ симболичката игра детето ги искусува сите емоции и наоѓа свој начин да ги реши проблемите кои му се наметнуваат, а потоа да ги примени и во реалноста тие решенија. Но особено е важно искусувањето на емоциите и затоа симболичката игра е важен дел од психотерапијата за деца.
Недирективната плеј-терапија е ефикасен, а неверојатно едноставен метод кој за кратко време во просек од десет до дваесет тераписки сеанси дава фини резултати кога се во прашање какви било емоционални нарушувања кај детето. Низ плеј-терапијата се поттикнува симболичката игра кај детето, преку која тоа ќе ги изрази своите автентични емоции. Во реалноста децата немаат контрола врз ситуациите како што имаат возрасните, особено не кога станува збор за трауматичните искуства. Во својата игра детето е како мал бог кој ја има целосната контрола и може да ја искреира ситуацијата како сака.
На пример, дете што доживеало траума чувствува интензивни емоции на страв, лутина и тага. Кога низ играта спонтано ќе го одигра трауматичното искуство и ќе ги изрази тие чувства, ќе доживее ослободување од товарот на чувствата. Разликата меѓу обичната симболичка игра и симболичката игра како дел од психотерапијата е во тоа што тераписката игра се случува во посебна соба која е наменета за таква игра, со посебни играчки, детето е под посебен надзор и водство на психотерапевтот кој нежно и емпатично ги следи и констатира неговите емоции, при што детето само учи да ги толерира, а потоа да се себерегулира. Исто така плеј-терапијата има и одредени правила кои детето учи дека треба да ги почитува. Така учи за поставување лични граници, но учи да ги почитува и туѓите граници, а тоа е неопходно за секојдневното функционирање и квалитетно стапување во релации со другите.
Плеј-терапијата е особено ефикасна кога станува збор за тантруми, тешкотии при вклопувањето во училиште, деца на родители кои се во процес на развод, деца кои се жртви на врсничко насилство, трауматични искуства, аутистичен спектар, анксиозност и депресивност, како и проблеми во комуникацијата со родителите. Во целиот процес на работа, при решавање на проблемот, учествуваат и родителите кои самите преку водството на терапевтот може да научат како да ја водат играта со своето дете дома и на тој начин да ги подобрат односот и комуникацијата.
912