Децата го почнуваат својот развој уште во стомакот на мајката, но сите родители треба да сфатат дека развојот не завршува со раѓањето, туку напротив, потребни се уште најмалку две години за детскиот организам да созрее на вистински начин. Поради тоа, многу е важно детето да консумира соодветни продукти во првите години од животот, односно продукти што нема да го нарушат неговиот правилен раст и развој, туку ќе го интензивираат.

По мајчиното млеко, кое е незаменлива супстанција и кое на бебето му обезбедува сѐ што му е потребно за правилно да расте и нормално да се развива, воведувањето немлечна исхрана е сериозен потфат за сите родители. Тука, пред сѐ, се мисли на избор на соодветна храна која на најдобар начин ќе го дополни, а потоа и ќе го замени мајчиното млеко и со своите нутритиенти ќе го одржува правилното растење и развој на детето.

Најдобра можна храна секако е органски произведената храна, која не само што придонесува за зачувување на природата, туку содржи и значително помали количини хемиски супстанции кои се користат во конвенционалното производство. За исхрана на најмалите деца, битно е да им се обезбеди квалитет на внесената храна во нивниот организам и да им се создадат позитивни прехранбени навики кои и натаму ќе ги применуваат.

Основна разлика меѓу органската и неорганската храна

Иако постојат многу разлики меѓу органската и неорганската храна, основната разлика првенствено се однесува на употребата на природно ѓубриво во процесот на производство на органската, наспроти хемиското ѓубриво кое се користи во конвенционалното производство. При традиционалното производство на храна земјоделците користат синтетички хербициди, додека поборниците на органски начин на производство на храна користат препарати кои се направени од природни состојки.

На тој начин, со консумирање неорганска (третирана) храна во организмот се внесуваат и многу хемикалии, пестициди и други соединенија што го интензивираат производството, додека органската храна во себе содржи исклучиво природни витамини, минерали и други соединенија што се потребни за зајакнување на имунитетот на организмот. Од сето ова се наметнува заклучокот дека е подобро да се купува органска отколку неорганска храна, особено за децата.

Предности на органската храна во детската исхрана

Откако ќе заврши периодот кога бебето се храни само со мајчиното млеко, кој трае од 4 до 6 месеци по раѓањето, се воведува и немлечна исхрана со која треба да бидеме особено внимателни, со оглед на тоа што во овој период системот за варење сѐ уште не е доволно развиен, а организмот е чувствителен. Системот за варење кај бебињата е многу поефикасен од системот за варење кај возрасните, што овозможува побрза апсорпција и поефикасно искористување на хранливите материи од храната, но истовремено го прави организмот чувствителен на токсини.

1. Нема штетни хемикалии што можат да го загрозат детето

Од таа причина, по правило, најпрвин во исхраната се додаваат овошје, зеленчук и безглутенски житарки. Но, важно е да се води сметка наведените продукти да бидат произведени на органски начин, со оглед дека недоволната развиеност на системот за варење кај бебето го прави организмот недоволно силен да ги елиминира сите штетни хемикалии од третираната храна.
Сите штетни соединенија од неорганската храна остануваат заробени во масното ткиво на детето, што предизвикува реакција на имунолошкиот систем и како последица се јавува неподнесување на одредени прехранбени продукти, а може да се појават и други здравствени компликации кај детето.

2. Богата е со влакна и витамини

Внесувањето органска храна овозможува населување на добри бактерии во цревата кај бебето, што е од големо значење за метаболизмот на детето и за развој на силен имунолошки систем. Исто така, органската храна содржи и доста поголем процент на хранливи состојки, како витамин Ц, магнезиум, калциум, железо, хром и многу други неопходни антиоксиданти.

Органска исхрана кај постари деца

Штетноста на неорганската храна, која содржи пестициди и вештачки ѓубрива, особено е потенцирана кај постарите деца поради штетното влијание врз жлездите со внатрешно лачење, имунитетот и гените. Прераниот пубертет кај децата директно е поврзан со ксенобиотици и ксенохормони од храна со животинско потекло, односно продукти од животинско потекло од комерцијално производство.

Продуктите од животинско потекло може да содржат и зголемени количества антибиотици кои се користат во живинарството. Претераното присуство на овие лекови, кои преку продуктите од животинско потекло доаѓаат до организмот на децата, може да го ослабне имунитетот, но и да предизвикаат зголемена отпорност на бактериите кон антибиотиците. Тоа значи дека одреден антибиотик кој се користи во лекувањето на детето што консумирало премногу месни преработки од комерцијално производство нема да ја поседува потребната ефикасност во борбата против разни инфективни заболувања.

Затоа е важно, доколку планирате во исхраната на детето да воведете барем некаков вид органска храна, првенствено тоа да го направите со месо и продукти од животинско потекло, како што се млечни производи и јајца. Особено внимание треба да посветите и на некои други продукти, како компири, јаболка, јагоди, кељ, спанаќ, праски… затоа што ова се продукти кои најмногу се прскаат, а со тоа апсорбираат и најмногу штетни хемикалии.

Органските производи, освен многубројните придобивки за здравјето и изобилството витамини и минерали што ги поседуваат, имаат и свој карактеристичен мирис, боја и вкус, па консумирањето на ваков вид храна е вистинско задоволство и уживање. Водете сметка вашето дете и на училиште да има квалитетен оброк, со оглед дека тогаш децата најчесто не се под контрола и посегнуваат по многу нездрави опции што можат штетно да влијаат врз нивното здравје.

Автор: Драган Антиќ



912

X