Во денешниот родителски пристап, во чиј центар се само потребите на детето, се чини дека родителите го мешаат поимот – „да се биде љубезен и да се валидизира детето“ со „дозволување на детето да ве третира како да сте ѓубре“.
Дури и ако вие самите сте мазохисти и уживате да бидете третирани со непочитување и невнимание, ова го учи вашето дете да се однесува со своите врсници, подоцна и со неговите партнери, па дури и со своите деца со себичност и недостиг на почит. Како можете да постапите, а да не го минимизирате вашето дете и да го натерате да го смени мислењето дека сонцето изгрева и заоѓа според неговото расположение во даден момент?
Родителите кои се многу внимателни, кои ја потврдуваат секоја минлива емоција на нивните деца и се грижат тие постојано да се среќни, немаат намера да ги претворат своите деца во себични и нељубезни луѓе. Тие веројатно самите се израснати во дом во кој воопшто не биле валидизирани, па се обидуваат да не ги повторуваат грешките на нивните родители. Тоа се родители кои биле воспитувани од нарциси, луѓе со погранично растројство на личноста, нетретирана депресија, алкохолизам или други проблеми што предизвикало да не можат да одговорат на потребите на нивните деца. Тие деца, сега во улога на родители, се вртат за 180 степени во другата насока и се обидуваат да им покажат на децата дека постојано им се дава приоритет, на начин кој е слично нездрав како и оној што самите го добивале од своите родители.
За жал, многу од овие родители не го решиле, обработиле и тагувале сопственото детство и сè уште се справуваат со нерешената траума. Затоа, тие не можат јасно да го набљудуваат ниту своето минато детство ниту сегашното детство на нивните деца и постојано се поттикнати од несреќните моменти на нивните деца, што ги потсетува на нивната траума од минатото.
На пример, детето кое било понижувано од родител, физички малтретирано или било сведок на секојдневен застрашувачки брачен конфликт, како родител, ќе се обиде да се фокусира на подобрување на самодовербата на своето дете, ќе даде многу малку дисциплина и ќе се погрижи неговото дете никогаш да не биде сведок на конфликт. Ваквиот родител честопати го „заштитува“ своето дете од каков било пристап до неговите сопствени борби, емоции и потреби како родител. Ова го спречува детето да научи да сочувствува со својот родител на развојно соодветни и здрави начини. Со најдобра намера, овие родители кои потекнуваат од дисфункционални семејства премногу ги воспитуваат своите деца на начини што иронично ќе имаат негативно влијание врз нивната самодоверба и способноста да се поврзат со другите додека растат.
Децата се паметни и брзо учат и од вербалните и од невербалните знаци што ги слушаат и гледаат.
Ако им е дозволено да ги постават своите чувства и желби над оние на родителите, и/или тие никогаш не ги поставуваат чувствата или желбите на родителите на прво место, како тогаш можат да научат дека нивните родители, како и сите луѓе, заслужуваат почит, љубезност и сочувство? Овие деца го сфаќаат она што им се сервисира како информација и постапка, а тоа е дека потребите на другите не се толку важни како нивните, и тие треба да бидат на прво место во секое време.
Исто така, родителите од нефункционални семејства се навикнати да бидат непочитувани, па потсвесно ги тренираат своите деца да се однесуваат кон нив исто толку лошо како што со години кон нив се однесувале нивните родители.
„Имаго“ теоријата не е само за партнери – исто така е релевантна и за тоа како потсвесно ги подучувате вашите деца да се однесуваат со вас. Ако за вас е познато чувството да сте третирани со презир и непочитување како дете, речиси е невозможно да ги научите вашите деца да ве почитуваат и сакаат во сегашноста. Ако родителите кои претеруваат на овој начин воопшто размислуваат за подоцнежната зрелост на нивното дете, тие претпоставуваат дека детето ги набљудувало како се однесувале љубезно во текот на неговото детство и дека потоа ќе може да ги примени овие вештини, за да се поврзе со врсниците, соработниците и партнерите понатаму во животот.
Меѓутоа, честопати, спротивното е точно. Детето научило дека тоа е центарот на светот и дека треба да биде приоритет, а оваа желба ги карактеризира и неговите подоцнежни возрасни односи. Иако би било убаво да се претпостави дека детето ќе ја имитира љубезноста на неговите родители кон него, логиката и набљудувањето на нештата укажуваат дека наместо тоа, детето сепак ќе продолжи да го прави она што секогаш го правело, од своето детство па до возрасниот живот – да се однесува како да е центар на светот. Ако децата се навикнати да се однесуваат себично и без почит, веројатно ќе продолжат да се однесуваат на овој начин и подоцна.
Да ги подучувате вашите деца да ве почитуваат е толку тешко за луѓето израснати во семејства каде што нивните потреби биле игнорирани, што тие често дури и не можат да знаат за што зборуваме тука. Еве примери на здрави граници поставени од родителите кои го учат детето дека не е центарот на универзумот и го подучуваат да има добри, балансирани меѓучовечки односи подоцна во животот:
-На децата не им е дозволено да ги прекинуваат разговорите на родителите.
-Децата имаат одредено време за спиење и се очекува да останат во своите соби по легнувањето.

-Родителите можат да ги затворат вратите и да ги заклучат ако имаат секс или имаат потреба од приватност или кога и да сакаат; од децата се очекува да чукнат на вратата.
-Родителите можат да гледаат свои ТВ-емисии и да читаат свои книги пред своите деца и од нив не се очекува секогаш да создаваат забава за своите деца, или да се подложуваат на формата на забава посакувана од страна на децата.
-Родителите можат и треба да се бакнуваат и прегрнуваат меѓу себе, исто како и со децата, а и треба да не ја штедат својата наклонетост едни кон други само за периодот откако децата ќе одат на спиење.
-Сонот на родителите треба да се почитува, не треба да се будат освен ако има итен случај или не е одредено време кое не е порано од 6 или 7 часот наутро, особено ако родителот е болен или исцрпен (ова важи за деца од околу 4 години па нагоре).
-Родителите треба да јадат надвор во рестораните што самите ги избираат и ако на децата „ништо не им се допаѓа“ од менито, тие можат да пробаат нешто ново или да јадат малку леб и повторно да бидат добро.
-Секоја минлива емоција на детето не треба да се вербализира и дискутира до бесконечност од страна на родителот. (Често, родителот сепак греши и тоа го претвора во нешто многу понегативно. Во секој случај, детето не учи дека емоциите можат да бидат минливи и внатрешно регулирани без интервенција.)
-Младите возрасни имаат избор да ги почитуваат правилата на домот од нивните родители, или да си заминат и да се издржуваат самите.
Ако оваа објава ве допре на одредено ниво, искористете ја за да започнете дискусија со вашиот партнер или, пак, како отскочна штица за лична саморефлексија.
Дали иронично ги саботирате шансите на вашите деца да имаат здрави меѓучовечки односи подоцна во животот тренирајќи ги да бидат себични и да се однесуваат со непочит кон вас? Дали мислите дека ова е мотивирано од вашата непријатност во случај и вам да ви се даде приоритет, или пак, од вашето ужасување дека можеби ги повторувате грешките на вашите родители или, најверојатно, и двете?
Терапијата може да биде невообичаено корисна за да ви помогне да стекнете поширока перспектива за вашето родителство и да ви помогне да се пресметате со нерешената траума од детството.
Автор: Саманта Родман Вајтен