Како родител на 3 деца под 11 години, на возраст од 33 (млада сум), сега сум во тој период од животот каде што многу од моите пријатели имаат бебиња и бараат од мене совети. Мојот совет за нив, всушност, не е баш она што тие сакаат да го слушнат.
Тие: „Па, кој е твојот совет за родителството?
Јас: Oдржувајте ги живи.
Се смеат. Ох, како се смеат. Се смеат сè додека не го здогледаат моето сериозно лице и не сфатат дека навистина го мислам тоа.
Јас: Сериозно. Не убивајте ги, бидејќи ќе има време кога ќе посакате да го направите тоа.
Родив деца релативно рано во споредба со пријателите. Додека тие излегуваа и се забавуваа, јас ја пишував дипломската и имав стомак со големина на месечина, па се прашував како е можно да имам болки на места кои не знаев дека постојат. Кога пријателите имаа големи свечени свадби, со стотици гости, јас кревав паника што не можам да присуствувам. Немав кој да ги чува децата за да одам во хотелска соба да преспијам и да присуствувам на грандиозните свадбени церемонии. Па, да се вратам на советот за одржување на децата во живот.
Секој е шокиран кога ќе го кажам тоа. Но, од другите родители добивам разбирање за она што го мислам. Ако не знаете досега, одгледувањето деца е многу тешка работа и има периоди кога е тестиран секој атом на трпение во вашето тело. На почетокот тоа се недостигот на сон и константното плачење. Ако сте среќни, ќе имате бебе кое спие во текот на ноќта и тоа е одлично, но повеќето од бебињата не го прават тоа. Повеќето се будат на неколку часа, во првите години од нивните животи.
Прво, мора да ги нахраните, пресоблечете, а потоа на возраст од 3 или 4 години тие се будат поради низа различни работи, најголем дел од нив не се ни вредни за да ве разбудат. Некои од омилените: „Мамо, ме чеша задникот“. „Мамо, го изгубив чорапот“. „Мамо, човекот кај завесата продолжува да зјапа во мене“ (Ова ме извади од чевли). Поентата е: децата те тестираат, константно.

По непроспиените ноќи следуваат тантрумите, а потоа одбивањето да се јаде зеленчук. Сега сме во период кога одбиваме држење за раце додека се поминува улица. Нивната способност да заборават како да ги облечат чевлите кога веќе доцните премногу е навистина едно од нештата што ми ги тенчат нервите. Сакаат да се расправаат на задното седиште во автомобилот кога сте зафатени со концентрирање на возењето на сложена крстосница. Сакаат да ги оставаат лего-коцките на под, кога сте свежо истуширани и боси стапнувате на нив. Сакаат да оставаат чорапи насекаде. Тие се накратко КОШМАР.
Па тоа им го велам на пријателите – понекогаш децата ќе ве тестираат толку многу, што ќе бидете на самиот раб – но, не убивајте ги. И покрај непроспиените ноќи и повреди со лего и измореноста и трчањето кон училиште, има уште многу работи на кои треба да се радувате.
Нивните раце совршено се вклопуваат во вашите раце.
Нивните глави совршено се потпираат на вашето рамо. Нивното дишење додека спијат ве испраќа во состојба на релаксираност која го победува секое бањање. Нивниот плач предизвикува болка во вашето срце на начин кој никогаш не сте знаеле дека може да се случи. Љубовта што ќе ја имате за нив е прекрасна. Никогаш нема да можете да го замислите вашиот живот без нив. Дури и повиците во 3 часот по полноќ. Секој од нив вреди.
Како што моите деца растат и почнуваат сè помалку да имаат потреба од мене, јас копнеам по тие прегратки пред спиење.
Па, да, не убивајте ги, и покрај честото тестирање на трпението, но ценете ја секоја секунда од тоа. Бидејќи тие се најпрекрасните суштества што некогаш постоеле на Земјата.
Автор: Хејли Хала