Сѐ започна кога мојата ќерка одеше во градинка. Една ноќ таа се разбуди звучејќи како хармоника додека се бореше за секој здив воздух. Итно ја однесовме во болница, каде што ѝ дадоа стероиди.

Излеговме од болницата во зорите и се чувствував тешка од вината што ме обземаше. Кога првпат се разболи, ми рекоа дека дури и да звучи лошо, не треба да се грижам сѐ додека е расположена. Подоцна истата ноќ таа се разбуди и ме замоли да играме. Го забележав нејзиното забрзано дишење, но беше разиграна, па ѝ реков да се врати да спие. Заспав покрај неа, за набргу потоа да ја најдам во полоша состојба.

Требаше да му верувам на инстинктот. Сега знам дека интуицијата е мојот најдобар помошник.

Во следните четири години ќерка ми никогаш немаше нормална настинка. Дури и помал вирус можеше да значи завршување на ургентно со проблеми со дишењето, а ние станавме чести „гости“ и во ординацијата на нашиот матичен педијатар. Секако, многу работи научив за родителството од грижата за постојано болно дете.

Сите тие патувања до ургентно и до болница ме правеа параноична. Најмалото капнување од носот на ќерка ми ми предизвикуваше страв и секоја вечер спиев покрај неа додека не исчезнеа симптомите на настинка. Среде хаосот, научив да ја ценам поддршката на мажот ми, кој ми беше вистинска потпора.

Стекнав нова благодарност и за малите дела што ја прават целосна една заедница. Семејството и пријателите направија многу гестови. Еден пријател ни испрати кафе, друг торта, соученик на ќерка ми остави честитка за добро здравје, семејствата доаѓаа со подароци за време на посетата во болница. Секој гест доаѓаше со потсетник: иако ќерка ми тешко се бореше со респираторни болести, не бевме единствените што се справуваа со болно дете. Секој можеше да се поврзе.

Постои еден совет на кој би сакала повеќе да обрнев внимание. Тетката на мојот сопруг е педијатар и ја забележа ќерка ми како кашла на една семејна свадба. Ѝ кажав за проблемите, а таа рече дека веројатно станува збор за астма со варијанти на кашлица.

Потоа ја однесов на проверка за астма. Тестот беше негативен. Во тоа време не знаев дека овој вид астма не секогаш се појавува на тестовите. Беа потребни уште две години за да се реши тоа, а за тоа време направивме тестови за алергија, лекови за рефлукс, па дури и болничка процедура за да ги провериме нејзините дишни патишта.

Така, го продолживме патувањето отсуствувајќи од училиште, настани и забави. Се трудевме да не се грижиме за малите нешта, а за големите настани се држевме на две метра далечина, уште пред тоа да стане норма во нашето општество.

Некогаш одеше на училиште чувствувајќи се прилично лошо, а понекогаш остануваше дома чувствувајќи се добро.

Беше тешко да не се обвинувам себеси поради погрешната одлука. Така, се обидував да се потсетам себеси дека ја донесов најдобрата одлука што сум можела, со информациите што ги имав во тоа време.

Конечно, ја добивме потребната информација минатата година, кога пулмолог ѝ дијагностицира астма со варијанта на кашлица. Ѝ препиша дневни лекови, со кои конечно почна да се чувствува подобро.

Што научив од сето ова? Научив да се справувам со нарушени рутини и откажани планови. Никогаш повеќе нема да се жалам за болест што може да се лекува дома. Ако не сме на болница, благодарна сум и се трудам да не се грижам за другото.

Автор: Алисон Кениен
Извор



912

X