Воспитување

Што е заедничко во дефектолошкиот третман и родителството?

На прв поглед дефектолошкиот третман и родителството се како две сосема различни улоги – едната професионална, другата лична и емотивна. Но, кога ќе се навлезе подлабоко, се откриваат многу заеднички точки кои ги поврзуваат овие два света. Всушност, квалитетниот дефектолошки третман често личи на внимателно и посветено родителство – а родителството може многу да научи од принципите на дефектологијата. Иако специјалниот едукатор и рехабилитатор никогаш не би можел да ги замени родителите, нивните правила и љубов, ниту родителот би можел како специјалниот едукатор и рехабилитатор да знае стручно да се насочи кон одредена проблематика, тие две улоги се тука само со една иста цел, а тоа се добар психофизички и емотивен развој за децата.

Љубов и безусловна поддршка – И специјалните едукатори и рехабилитатори и родителите се водени од љубов и желба да го поттикнат детето да напредува. Иако љубовта во дефектологијата се искажува на професионален начин, таа е присутна преку емпатијата, вниманието и грижата. Како и родителот, специјалниот едукатор верува во потенцијалот на детето и постојано го охрабрува.

Индивидуален пристап – Секое дете е уникатно – со свои способности, предизвици, темпо и начин на учење. И родителот и специјалниот едукатор мора да се адаптираат на тоа дете. Не постои универзално решение – и во домот и во кабинетот важи истото правило: „Сѐ почнува од детето“.

Стрпливост и конзистентност – И дефектолошкиот третман и родителството бараат огромна доза трпение. Напредокот е процес – понекогаш бавен, со падови и успеси. Конзистентноста во поставувањето граници, навики и поддршка е клучна за резултати – и во двете улоги.

Поставување реални очекувања – И специјалните едукатори и родителите треба да имаат реални очекувања од детето. Претераниот притисок или нереалните очекувања можат да направат повеќе штета отколку корист. Потребно е да се гледа секој мал напредок како голем успех.

Комуникација и активно слушање – Како што родителот треба да го слуша детето со внимание, така и специјалниот едукатор треба да биде вешт слушател – не само на зборовите, туку и на невербалната комуникација. Ова создава чувство на сигурност и прифаќање.

Улогата на модел за имитирање – И родителите и специјалните едукатори се модели за однесување. Начинот на кој тие зборуваат, решаваат конфликти, реагираат на неуспех или покажуваат емоции – сето тоа го учат децата преку имитација.

Целта е самостојност – И двете улоги не се заради контролирање на детето, туку заради негово осамостојување. И специјалниот едукатор и родителот сакаат да видат дека детето расте во личност која се снаоѓа, се изразува и функционира самостојно и среќно во светот.

    Иако дефектологијата е професија, а родителството е животна улога, тие имаат заедничка цел – поддршка на детето во неговиот развој и целосно реализирање на неговиот потенцијал. Она што ги поврзува двете улоги е длабоката човечност, потребата за разбирање, трпение и љубов. Кога родителот се инспирира од дефектолошкиот пристап – со структуриран план, индивидуален пристап и реални очекувања – добиваме посигурна и посмирена семејна средина. Кога дефектологот ја разбира емотивната комплексност и тежината на родителската улога, добиваме потопла, поврзана и ефикасна терапија. Во суштина, најдобриот третман се случува кога родителството и дефектологијата соработуваат, се надополнуваат и ја ставаат добросостојбата на детето во центарот на сè. Во дефектологијата често зборуваме за „разлики во развојот“, додека во родителството тие може да се доживеат како предизвици, стравови или грижи. Но и двете улоги можат да се обединат во еден став: разликата не е нешто што треба да се исправи по секоја цена, туку нешто што треба да се разбере, прифати и искористи како патоказ. Детето не е проблем што треба да се реши, туку личност што треба да се слушне и поддржи.

    Емоционалната поддршка е доста важна и за родителот и е дел од дефектолошкиот третман. Во процесот на растење и поддршка на детето, често забораваме на еден многу важен учесник – родителот. Специјалниот едукатор има одговорност не само да го води детето, туку и да биде поддршка и водилка за родителот. Да слуша, да охрабрува, да понуди реални стратегии и да биде таму кога ќе се јават сомнежи или тешки денови. Родителството, особено кога е проследено со развојни предизвици, знае да биде осамено и исцрпувачко. Затоа, специјалниот едукатор мора да создаде простор каде што родителот нема да биде осудуван – место каде што ќе може и самиот да расте.

    Микросредината како продолжение на терапијата – Домашната средина и семејните навики се клучен дел од напредокот на детето. Она што го работиме во кабинетот треба да продолжи дома. И обратно – она што го практикува семејството, треба да се земе предвид во третманот.

    Затоа, соработката и континуитетот се клучни. Малите секојдневни моменти – како четкање заби, облекување, вечера или игра – можат да станат дел од терапевтскиот процес ако постои правилна насока.

    Детето не се менува преку притисок, туку преку релација

    Ова е една од најдлабоките вистини и за специјалните едукатори и за родителите. Детето напредува не затоа што мора, туку затоа што чувствува дека е сакано, прифатено и разбрано. Врската е основа за промена. Затоа, и во родителството и во дефектологијата, релацијата е над техниката. Ниеден метод не функционира ако детето не се чувствува емоционално сигурно.

    Играта – најмоќниот алат во рацете на родителот и специјалниот едукатор

    Често слушаме: „Само си игра“, и дома и во терапевтскиот простор. Но вистината е сосема спротивна – играта никогаш не е „само“ игра. Играта е јазикот на детето, начин на изразување, истражување, учење, обработка на емоции и градење односи. И во дефектолошкиот третман и во родителството играта е алатка преку која детето развива комуникација, моторика, самодоверба, емпатија, когнитивни вештини и решавање проблеми. Во играта, детето не учи насила, туку природно, спонтано и со задоволство. Во кабинетот, специјалниот едукатор ја користи играта за да постави цели, да ги следи реакциите на детето, да изгради доверба. Дома, играта е можност родителот да влезе во светот на детето, да го види однатре, да го разбере и да го води без притисок. Затоа, кога играме со детето – ние не губиме време. Ние градиме врска. Ние поддржуваме развој. Ние лекуваме.

    Поврзани написи

    Прашај психолог

    Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

    To top