Казните и наградите се условни, но нашата љубов и позитивна грижа за нашите деца би требало да бидат безусловни. Еве како да го промените начинот на кој разговарате, како и вашето однесување.

„Чувствувам анксиозност како што се приближува времето за спиење. Секогаш истото“.

Еден татко го кажа ова на нашата семејна терапија, опишувајќи го однесувањето на својот син пред да оди на спиење. Детето полудувало како што се приближувало времето за спиење, тврдоглаво игнорирајќи ги наредбите од родителот и хистерично реагирало само на споменување на зборот пижами. Родителите се чувствувале фрустрирано и немоќно.

Ни го поставија она прашање што луѓето постојано ни го поставуваат: Дали би требало да го испратат во ќош и да му го скратат времето поминато пред екран (казна) или би требало да направат систем на поттикнување и награди за добро однесување (награда).

Многу родители пораснале со казни и разбирливо е да се потпираат на нив. Но, казните може да ескалираат во конфликти и да потиснат учење. Децата развиваат таканаречен „бори се или бегај“ став, што значи дека напредното размислување во фронталниот кортекс на мозокот престанува со работа и се активираат основните одбранбени механизми. Казните нè тераат да се буниме, да се чувствуваме засрамени или лути, да ги потиснуваме нашите чувства или да смислуваме како да не бидеме фатени. Во овој случај, целосниот отпор на еден четиригодишник би бил на самиот врв.

Значи, наградите се добар избор, зарем не?

Не така брзо. Наградите се повеќе како злобните близначки на казните. За семејствата се примамливи (разбирливо) затоа што наградите можат моментално да го контролираат детето. Но, ефектите од наградите можат да ослабнат, или дури и да ви се удрат од глава: „Колку пари ќе добијам?“, го прашала ќерката на еден од нашите клиенти кога тој ѝ рекол да си ја уреди собата.

Веќе со децении психолозите објаснуваат дека наградите можат да ја намалат нашата природна мотивација и задоволство. На пример, децата што сакаат да цртаат и на кои, во експериментални услови, им е платено да цртаат, цртаат помалку од децата на кои не им е платено. Децата што се наградени поради делењето, делат помалку итн. Психолозите ова го нарекуваат „ефект на прекумерност“ – наградата ја засенува внатрешната детска мотивација.

Наградите, исто така, се доведени во корелација со намалувањето на креативноста. Во една класична серија на студии на учесниците им бил даден еден сет со материјали (кутија со топуски, свеќа и кибрит) и требало да смислат како да ја закачат свеќата на ѕид. Решението бара иновативно размислување – доживување на материјалот независно од неговата основна цел (кутија како држач за свеќа).

На луѓето на кои им е кажано дека ќе бидат наградени за решавањето на оваа дилема во просек им било потребно повеќе време за да ја решат. Наградите го скратуваат нашиот поглед кон нештата – нашите умови престануваат да размислуваат слободно. На тој начин не размислуваме длабоко и не ги увидуваме можностите.

Целиот концепт на награди и казни е заснован на негативни претпоставки за децата – дека би требало да ги контролираме и обликуваме и дека немаат добри намери. Но, би можеле да го пренасочиме ова и да гледаме на децата како на лица кои се способни, сочувствителни, спремни за соработка и тимска работа. Таа перспектива многу го менува начинот на кој им се обраќаме на децата.

Казните и наградите се условни, но нашата љубов и позитивна грижа за децата би требало да бидат безусловни. Всушност, кога сме сочувствителни и вистински ги слушаме своите деца, поголеми се шансите дека тие ќе нè слушаат нас. Еве неколку предлози за промена на разговорот и однесувањето.

Погледнете подлабоко во основата на проблемот

Децата не ги удираат своите браќа и сестри, не ги игнорираат родителите и немаат тантрум во супермаркетите без причина. Кога ќе сфатиме што е вистинскиот проблем, нашата помош има поголемо значење и подолго трае. Самиот обид да дознаеме во што е проблемот ги прави децата помалку дефанзивни и со поголема волја да ги слушаат родителите и да ги почитуваат правилата, а се и поподготвени да го решаваат проблемот.

Наместо да кажете: „Биди добар кон своите пријатели или нема да смееш да гледаш цртани“, кажете: „Хмм, и понатаму работиш на делење на својот нов лего-сет. Те разбирам. Делењето не е лесно на почетокот и си малку лут. Дали можеш да смислиш начин да си играте заедно? Ако ти треба помош, тука сум“.

Плачењето, отпорот и агресијата можат да бидат само врв на ледениот брег. Под тоа може да се крие глад, недостиг на сон, претерана стимулација, силни чувства, развивање нови способности или навикнување на новото опкружување. Ако размислувате на овој начин, тоа ве прави партнер кој е тука да упати, а не непријател кој е тука да контролира.

Мотивирајте наместо да наградувате

Мотивацијата е одлична кога ја има следната порака: „Ти верувам и ти верувам дека сакаш да соработуваш и да помогнеш. Ние сме тим“. Ова е суптилна разлика од давање награди, но е моќна.

Наместо да кажете: „Ако ја средиш твојата соба, може да одиме во парк. Подобро би било да го направиш тоа, инаку нема парк“, кажете: „Кога собата ќе ти биде чиста, ќе одиме во парк. Едвај чекам. Ако ти треба помош, извести ме“.

Помогнете наместо да казнувате

Идејата на казната ја пренесува пораката: „Морам да те натерам да страдаш поради тоа што го направи“. Многу родители не сакаат децата да го мислат тоа, но исто така не сакаат да бидат попустливи. Добра вест е дека можете да ги држите границите и да ги насочувате децата без казнување.

Наместо да кажете: „Не се однесуваш пристојно на овој тобоган, а тоа значи си завршил. Колку пати морам да ти повторувам?“, кажете: „Се чувствуваш диво, можам да го видам тоа! Ќе заминеме од овој тобоган бидејќи не е безбедно така да играш. Ајде да одиме некаде и да се смириме“. Наместо да кажете: „Ме пцуеше и беше безобразен. Тоа е неприфатливо. Ти го земам телефонот“, кажете: „Леле, навистина си лут. Можам тоа да го слушнам. Не е во ред да ми се обраќаш со такви зборови. Ќе го тргнеме твојот телефон засега за да можеш да се одмориш малку од него. Кога ќе бидеш подготвен, кажи што е тоа што те мачи. Ќе смислиме решение заедно“.

Поттикнете го природниот инстинкт за работа

Луѓето не се природно мрзливи, особено не децата. Сакаме тешка работа ако се чувствуваме како дел од тимот. Малите деца сакаат да бидат способни членови на семејството и сакаат да помогнат ако знаат дека нивниот придонес вреди и не е само за претстава. Дозволете им да помагаат на вистински начин уште од мали наместо да претпоставите дека мора да бидат зафатени со некоја занимација додека вие работите.

Организирајте семеен состанок за да поминете преку сите обврски за тој ден. Барајте идеи од сите членови на семејството. Направете графикон за децата или тие самите нека го направат и означете кога децата ќе завршат некоја обврска.

Што се однесува до проблемите со одењето на спиење, кога родителите погледнале под површината на проблемот, дошло до напредок. Се заклучило дека детето било премногу изморено, така што тие се откажале од некои воннаставни активности и направиле опуштена вечерна атмосфера. Кога детето почнало да се буни, неговата мајка го завила во пешкир и му рекла дека тој е нејзиното омилено „бурито“. Прифатиле дека му е тешко кога таа мора да работи до доцна: „Можеби беше тажен бидејќи не бев тука кога беше време за спиење во последните неколку дена. Еј, сакаш ли да ја читаме нашата омилена книга вечерва?“ Направиле листа со чекори за рутина пред спиење и побарале мислење од детето. Со текот на времето детето престанало да се буни и времето за спиење од анксиозно преминало во време на зближување и задоволство.

Не е важно колку ирационална и тешка изгледа некоја ситуација, сепак, можеме да одговориме на начин кој вели: „Те гледам. Тука сум да разберам и да помогнам. Јас сум на твоја страна. Ќе го решиме ова заедно“.

Автор: Хедер Турџен, психотерапевт, коавтор на книгата „Сега кажи го ова – Вистинскиот начин да ја решите секоја дилема на родителството“



912

X