Кога баба и дедо го чуваат вашето дете, тоа време ќе биде исполнето со неизмерна и обострана среќа и задоволство. Вие се чувствувате задоволни бидејќи знаете дека на детето ни „влакно од косата нема да му фали“, но кога е во прашање исхраната на вашето дете, знаете дека големи се шансите да не се придржуваат до вашите правила за исхрана. Колачите и грицките кај баба и дедо веројатно ќе се јадат во поголема количина од вообичаеното и дозволеното.

Одењето кај баба и дедо детето ги поистоветува со слобода, а за родителите е излегување од колосекот. Бабата, дедото и слободата засекогаш се врежани во сеќавањата од детството кај секој од нас.

Ако баба и дедо повремено го чуваат вашето дете, не замерувајте им и оставете ги да уживаат во среќата, задоволството, слободата и нутриционистичката палавост. Кога сте сигурни дека вашето дете секојдневно дома ги добива сите потребни хранливи материи, нема причина за грижа поради повременото отстапување од правилата.

Поинаква е ситуацијата ако бабата и дедото го чуваат вашето дете неколку дена во неделата или секојдневно. Затоа е многу важно смирено да разговарате со бабата и дедото и да направите заеднички план:

* На бабите и дедовците треба јасно да им се стави до знаење доколку вашето дете има некаков здравствен проблем кој условува одреден начин на исхрана.

* Убедливо, уверливо, детално и сликовито да им се објасни постојната чувствителност на одредени продукти и кои се последиците од претераната изложеност на нив, како дигестивни проблеми (подуеност, грчеви, болки), запек или главоболка и „хиперактивност“ (претерана количина шеќер).

* Доколку вашата исхрана во основа се разликува од исхраната на бабата и дедото, не очекувајте дека тие ќе подготвуваат оброци слични на вашите. Во тој случај, или самите подготвувајте оброци какви што сакате да јаде вашето дете или точно договорете се со бабата и дедото што да подготвуваат.

Повремените безопасни непридржувања на правилникот за исхрана на детето нема никому да му наштетат, но ригидноста може. Без оглед на неизмерната желба на бабите и дедовците да им угодуваат на внуците, грижата за здравјето на внучето сепак преовладува.

Автор: Дијана Радетиќ, нутриционист-диететичар



912

X