Сигурно сте слушнале родител кој гордо вели: „Мојот син остана буден до доцна за да го заврши проектот. Малку е перфекционист!“ Но, секој родител што мисли дека перфекционизмот е статусен симбол, всушност, не разбира дека перфекционизмот е сериозен проблем. Ако одгледувате перфекционист, сигурно знаете колку тешка може да биде таа состојба. Останување до доцна во ноќта, кинење хартија, плачење… се само некои од однесувањата во таа смисла. А ако перфекционизмот не се третира, може да доведе и до последици на долгорочен план.
Што го сочинува перфекционизмот?
Добро е децата да имаат високи очекувања за себе. Но, ако очекуваат да бидат совршени, никогаш нема да бидат задоволни од себе. Перфекционистите си поставуваат нереалистични цели. Па затоа си поставуваат огромен притисок врз себе и размислуваат на начин „сè или ништо“. Кога ќе успеат, се борат да уживаат во постигнатото. Се грижат дали ќе го одржат тој успех или дали можат уште повеќе и подобро.
Типови перфекционизам
Некои истражувачи мислат дека е можно да се биде приспособлив перфекционист, што значи високите нереалистични очекувања на детето може и да му послужат во животот. Но, други сметаат дека вистинскиот перфекционизам е секогаш штетен. Истражувачите идентификувале 3 различни типа перфекционизам:
– Перфекционист ориентиран кон себе – има нереалистични очекувања од себеси;
– Перфекционист ориентиран кон другите – поставува нереалистични стандарди за другите луѓе;
– Социјално пропишани перфекционисти – веруваат дека другите луѓе, на пример, родителите или тренерите, имаат нереалистични очекувања од нив.
Сите три типа се штетни за децата.
Симптоми
– Висока чувствителност на критицизам;
– Тешкотија во завршувањето на задачите бидејќи завршеното никогаш не е доволно добро;
– Одолжување за избегнување тешки задачи;
– Самокритични, самосвесни и лесно се засрамуваат;
– Многу критички настроени кон други луѓе;
– Тешкотија при донесување одлуки и поставување приоритети;
– Ниска толеранција на фрустрација кога е направена грешка;
– Голема анксиозност во однос на порази.
Ризик-фактори
Биолошки фактори – перфекционистите се поврзани со ментални заболувања, како опсесивно-компулсивно нарушување и нарушувања во исхраната. Затоа научниците веруваат дека има биолошка компонента во перфекционизмот.
Влијание на родителите – пофалбите може да предизвикаат детето да верува дека грешките се лоши. Може да мисли дека треба да успее по секоја цена.
Родители перфекционисти – поверојатно е ваквите родители да имаат и дете перфекционист.
Академски притисоци – Децата може да стравуваат дека ќе имаат помалку од совршени резултати на тестови, па така ќе ја изгубат шансата за запишување на добар колеџ. Други може да се обидуваат да бидат совршени за да добијат стипендија. Сето тоа може да им предизвикува тешкотија во животот.
Сензационализам на успехот и поразот – медиумите често ги презентираат луѓето како совршени. Истовремено, други медиумски приказни прават сензација од една грешка што некого довела до пораз. Сето тоа може да ги убеди младите луѓе дека треба да бидат совршени во сè.
Желба за задоволување – некои деца сакаат да добијат восхит и внимание, па затоа се обидуваат да покажат колку се совршени. Таа желба може да произлегува со цел намалување на стресот кај родителите или да е единствениот начин на кој младо лице може да добие внимание.
Чувство за пониска вредност – детето кое се чувствува лошо во врска со себе може да мисли дека е добро само поради своите постигнувања. Перфекционистите имаат тенденција да се фокусираат на своите грешки и да ги минимизираат своите постигнувања, што ги попречува да се чувствуваат добро.
Траума – трауматските искуства може да предизвикаат децата да имаат чувство дека не се сакани или дека нема да бидат прифатени ако не се совршени.
Потенцијални опасности на перфекционизмот
– Анксиозноста поради правење грешки ги спречува некои перфекционисти да успеат.
– Децата што се перфекционисти често ја маскираат својата болка.
– Перфекционизмот може да доведе до проблеми со менталното здравје.
– Високо ниво на стрес.
Како да се справите
– Упатете пофалба за трудот на вашето дете наместо секогаш да ги гледате само резултатите.
– Споделете ваши лични приказни кои вклучуваат пораз.
– Учете го на здрави вештини за справување.
– Моделирајте пример за сочувство кон самиот себе.
– Мониторирајте ги вашите очекувања.
– Помогнете му на детето да идентификува што е она што може, а што не може да контролира.
– Поставете реалистични цели со вашето дете.
– Помогнете му на детето да развие здрава самодоверба.
Кога да побарате професионална помош
Следете ги знаците што ги покажува детето, а алудираат на перфекционизам кој предизвикува социјални проблеми. На пример, ако детето одбива да се социјализира бидејќи сака да добие совршена оценка или плаче секогаш кога не добива петка на училиште, тогаш неговиот социјален живот ќе страда и очигледно е дека можеби му е потребна професионална помош.
Проблемите со учењето исто така може да бидат предупредување. На пример, ако детето не може да го заврши проектот бидејќи мисли дека не е доволно добар или ги кине листовите хартија кога ќе згреши, тогаш е потребна професионална помош. Ако сте загрижени што вашето дете е перфекционист, зборувајте со неговиот педијатар. Дискутирајте за знаците што ги согледувате и споделете ги тешкотиите што ги има детето. Потоа, може да бидете пренасочени кон барање поинаква професионална помош. Ако биде потребен третман, детето може да има придобивка од него и да го намали својот перфекционизам.
Автор: Ејми Морин