Неодамна една пријателка ме праша што да прави со нејзиното шестгодишно дете кое во последно време почнало да ја лаже. Како да се постави? Зошто детето го прави тоа? Сигурно не го научило тоа од неа.
Мојата прва мисла, ако го фатам своето дете во лага, би била „што направив за да помисли дека треба да ме излаже?“ Како водач во нашиот однос родител-дете, би ја презела одговорноста да дознам како сум ја предизвикала ситуацијата и како му станало небезбедно или непријатно на моето дете да дојде и да ми ја каже вистината.
И тогаш би направила сè што можам за да ги поправам работите.
Јас би рекла нешто како: „Ми се чини дека не можеш да имаш искрен разговор со мене. Жал ми е ако е така. Сакам да знаеш дека секогаш можеш сè да ми кажеш и јас ќе те слушам и ќе помогнам колку што можам. Нема да те осудувам“.
Емоционалната блискост што ја имаме со децата е многу кревка работа. Дар кој го добивате. Но, можете многу лесно да го скршите ако често прибегнувате кон казни, засрамување, критики, расправии, манипулации. Затоа што на крајот, срамот и казнувањето на детето што ве лажело создаваат уште поголема дистанца и недоверба меѓу вас и сè што ќе добиете е уште повеќе обиди детето подобро да ве лаже.
Што се однесува до последиците, тие можат да постојат, но не во форма на казна спакувана во последица. На пример, ако вашето дете ве лажело за она што го направило кај пријател по училиште, можете да кажете: „Веќе нема да те пуштам да одиш кај Лена по градинката ако не можам да знам што сте правеле. Едноставно не се чувствувам пријатно“.
Има многу причини зошто децата лажат на таа возраст, но на крајот сè се сведува на тоа дека за нив е побезбедно да не ја кажат вистината, бидејќи се плашат дека ќе искусат:
Страв – ако претходно сте одговориле на нивната искреност со карање или казнување, лажењето е начин да се обидат да го избегнат истото.
Срам и вина – родителите обично се фокусираат на тоа да се погрижат детето да научи лекција во овие ситуации, наместо да ја разбере причината за некое однесување. А таа причина обично е нашето неразбирање на развојните фази на детето.
Потребата да се тестираат можностите и колку сме добри лидери – децата можат да се обидат да нѐ излажат за да видат колку навистина сме добри и самоуверени лидери. Ако „паднеме“ на тестот, можеби ќе треба да се обидат повторно. И повторно.

Можете да ги спречите ваквите игри на моќ со тоа што ќе кажете нешто како: „Хм, не го пушти кучето да излезе надвор, а тоа сè уште е надвор. Многу голема мистерија!“
Имагинација – децата понекогаш може да бидат толку обземени од имагинацијата што им станува тешко да ја разликуваат од реалноста. Ова е сосема здрава развојна фаза и нема потреба да се нервирате поради тоа. Во тие ситуации, ќе кажете нешто како: „Ох! Змејот беше на прозорецот! Како можев да го пропуштам тоа!“
Во сите овие ситуации важен е односот. Нашата отвореност, љубопитност и трпелив одговор без осудување – е најдобриот пристап. На овој начин долгорочно ја зајакнувате врската со детето и ја елиминирате потребата на детето да лаже.
Автор: Џенет Ленсбери