Тешко е да не се запрашате што чувствува и искусува вашето бебе додека сте бремени. Некои мајки се колнат дека нивните новороденчиња препознаваат одредени песни што ги слушале додека биле во утробата, други велат дека нивните новородени бебиња реагираат на звукот од гласот на таткото или, пак, на силни звуци. Но, што со икањата и кивањата? Што чувствува вашето бебето кога, на пример, се смеете за време на бременоста?

Физички, кога се смеете, бебето потскокнува горе-долу во матката. Изгледа дека има многу повеќе радост за време на бременоста отколку што мислиме. Д-р Камил Хофман од болницата „Сејнт Џозеф“ во Денвер, Колорадо, која го истражува пренаталното ментално здравје, вели дека мајките што имаат попозитивен став – помалку анксиозност, повеќе радост, подоцна имаат бебиња со пониски нивоа на анксиозност и зголемена способност за справување со стрес. Всушност, прекумерниот пренатален стрес може да го обликува дури и темпераментот на детето, според студија објавена во „Развој и психопатологија“, а може и да ги направи децата повеќе склони кон депресија.

– Сите имаме стресори во нашите животи, но отпорноста и способноста да се справиме со стресот се подобрени кога расположението на мајката е подобро во тие круцијални 9 месеци – објаснува Хофман. Една мерка за тоа како се справувате со стресот е и варијабилноста на отчукувањата на срцето (ХРВ).

Според „Харвард здравје“, ХРВ е едноставно мерење на варијацијата во времето помеѓу секое отчукување на срцето.

Кога сте под стрес, објаснува Хофман, ХРВ-тестот обезбедува брза слика за состојбата на бремената жена во реално време, што е одлична мерка за истражувачите. Групата на Хофман користела уред за мерење на варијабилноста при отчукувањата на срцето кај мајките и бебињата и откритијата од ултразвукот се фасцинантни: кога мајката гледа кон нејзиното бебе на екран, ХРВ се подобрува. Со други зборови, кога мајката е задоволна, таа веднаш станува поздрава.

Смеењето е најдобриот лек

– Можете да видите дека промената веднаш се одразува во нејзиниот автономен нервен систем и неговата функција – вели Хофман. Бидејќи нервниот систем е толку интимно поврзан со оној на бебето, среќата на мајката е добра и за двете страни. Постојаниот стрес дури може и да го зголеми ризикот од прерано породување. Но, ајде да паузираме за момент. Кога бев бремена и читав колку стресот е ужасен за бебето, добивав мини срцев удар. Она што е одлично во работата на Хофман и тимот е тоа што не само што ги предупредуваат мајките да избегнуваат анксиозност, туку охрабруваат практики за справување со тоа, како вежби за дишење и различни апликации кои ќе им помогнат на бремените жени да се чувствуваат подобро бидејќи стресот е неизбежен дел од животот.

Има и многу други достапни алатки, на пример, родителска јога, за поголемо релаксирање, како и неколку бесплатни апликации за медитација кои на бремените жени може да им помогнат во разбиструвањето на главата и да им го смират дишењето. Ако сакате директна насока за намалување на стресот, тогаш посетете терапевт, без разлика дали онлајн или во реален живот.

Ако не можете да ги примените горенаведените методи, сугерирам да закачите слика од ултразвукот од вашето дете на фрижидерот или да ја носите во паричникот за да ви носи чувство на среќа и смиреност. Исто така, гледајте комедии.

Како што вели старата поговорка – смеењето е најдобриот лек.

Автор: Кели Мулен Меквилијамс

Извор



912

X