Повеќето луѓе почнуваат да штедат за пензионирање кога ќе добијат работа со полно работно време, но децата од основно училиште во Германија би можеле да почнат многу порано.
Новата германска влада планира да воведе таканаречено рано пензионирање, кое би им овозможило на децата да почнат да штедат за пензионирање од шестгодишна возраст. Според предлогот, децата на возраст од 6 до 18 години кои одат на училиште би добивале 10 евра месечно од државата, што вкупно изнесува 1.440 евра по дете над 12 години, без да се вклучат потенцијалните приноси од инвестицијата на тие пари.
Од 18-годишна возраст корисниците би можеле сами да уплаќаат дополнителни придонеси на сметката, во рамките на годишните ограничувања. Профитот од инвестициите би бил ослободен од данок до возраста за пензионирање, кога корисниците би можеле да пристапат до парите.
Сегашната возраст за пензионирање во Германија е 67 години и би можела да се зголеми дополнително, што значи дека заштедите би се акумулирале во текот на повеќе од 60 години. Застапниците на идејата тврдат дека овој модел, покрај создавањето финансиска сигурност за младите луѓе, би можел да помогне и во зајакнувањето на финансиската писменост и подигнувањето на свеста за важноста на штедењето и инвестирањето.
Дали планот е реален?
Многу детали не се познати. Сè уште е нејасно како ќе се инвестираат средствата и кој ќе управува со нив. Некои експерти истакнуваат дека вкупниот износ на овие инвестиции за секој поединец, всушност, би можел да биде скромен. Јоханес Гајер, заменик-шеф на Одделот за јавни финансии во истражувачкиот институт „ДИВ Берлин“, изјавил дека износот би бил во голема мера симболичен.
Идеално, вели тој, политиката би можела да ги охрабри луѓето да почнат да размислуваат за долгорочна финансиска сигурност порано и да ги доближи до пазарите на капитал, особено во семејствата каде што ретко се дискутира за парите.

Но, Гајер предупредува дека ова не е нужно реално.
-Не е јасно дали ова ќе ја зголеми мотивацијата за штедење или ќе ја подобри финансиската писменост. Кога луѓето пасивно добиваат пари и не мора сами да донесуваат инвестициски одлуки, тешко е да се каже како ќе се подобри нивното финансиско знаење. Самото изложување на концептот на инвестирање не мора нужно да води до добри одлуки – објаснува Гајер.
Кристоф Шмит, претседател на Институтот за економски истражувања „РВИ Лајбниц“, има слично мислење.
-Фундаменталната грешка на овој план е што се губи вистинската лекција за штедење – откажување од нешто денес за да се има повеќе утре. Идејата за обезбедување почетен капитал за младите луѓе кога ќе влезат во зрелоста е добронамерна, но кога ќе се погледне внимателно, тешко е да се најдат вистински придобивки од овој концепт – заклучи тој.