Сензорното преоптоварување претставува преосетливост на нервниот систем на различни стимули и дразби, вклучувајќи дразби преку аудитивен влез, тактилен, олфакторен влез итн. Таквата преосетливост може да биде вродена или стекната и може да се изгуби и хармонизира со самиот развој на детето и дооформување на нервниот систем или, пак, може да остане како трајна одлика на нервниот систем кај личноста, како што забележуваме возрасни луѓе на кои им пречи бучава, гласна музика, силна светлина итн.

Преосетливоста во одредени сензорни области честопати доведува до возбуда, екстремни реакции и неорганизирано однесување. Кога станува збор за училницата, од ученикот се очекува дека тој ќе седи на стол, ќе го слуша својот наставник и ќе ги извршува училишните задачи без пречки. Таквите очекувања треба да бидат во согласност со развојните потреби и можности на ученикот.

Зошто е тоа така?

Затоа што непожелното однесување може да има сензорно преоптоварувачка природа која треба да се разгледа со цел да се превенира непожелно однесување во училницата, на пример, ученикот да го попречува часот со своето викање, станување, удирање во стол или клупа, правење некакви звуци, со што се попречува наставата и се дефокусираат другите ученици. Тоа не значи дека тоа би било причина за однесувањето, но најпрво таквата биолошка предодреденост потребно е да се елиминира како чинител за да се работи и да се разгледуваат другите причини за непожелното однесување во училницата.

Сензорното преоптоварување од аудитивен влез кај ученикот може да предизвика проблем во фокусот, на пример, да препишува од табла. Тоа дете често се жали на бучава, повремено ги затнува ушите со дланка, се покрива со дел од облеката, бавно е и често бара да излегува до тоалет. Всушност, поради самата преосетливост на нервниот систем во тој сетилен влез, повеќе приоритет им се дава на аудитивните дразби отколку на видните дразби. Таквото дете може да изгледа дека е побавно отколку другите ученици и доколку се утврди тоа, не треба да се потенцира или да се критикува или етикетира.

Набљудувајте кои стимули се добри за детето да може повторно да се релаксира и да стане пофокусирано.
Однесувањето е симптом, а не проблем, проблемот е многу повнатре и не секогаш се гледа со голо око. Кога се фокусираме само на коригирање на симптомот, т.е. на непожелното однесување, причините што го предизвикуваат однесувањето остануваат нерешени и се натрупуваат.

Запомнете: Секое дете е различно и му требаат различни сетилни стимули. Ако не сте сигурни што може да биде добро за детето, можете да контактирате со професионален терапевт со искуство во терапија со сензорна интеграција.



912

X