Какви сè мудрости учат децата во градинките и како тие може да им го обликуваат животот?

Роберт Фулгум во 1986 година ја објавил книгата „Сè што треба да знам, научив во градинка“, која станала бестселер број еден на „Њујорк тајмс“. За мене тоа е една од оние книги што ги читаш повторно и повторно и секојпат поттикнува нови размислувања. Фулгум нуди размислувања за животот, смртта, љубовта, тагата. Ни дава упатства какви мудрости се скриени во градинките, детските игри, купот облека, магичните својства откриени во кутија со пастелни боици, криенки, игри во песокот, влијанието на песните, приказните итн.

Постојат многу истражувања што покажале дека 75 отсто од сите невронски врски во мозокот (синапси) се развиваат до седмата година, а 50 отсто од нив исчезнуваат до петтата година. Исто така, сè повеќе има експерти кои ја нагласуваат важноста на воспитувањето и образованието токму во претшколската возраст. Роберт Фулгум го покажал истото, само на малку поинаков начин.

„Incy wincy spider“

Една од приказните во книгите на Р. Фулгум е за сосетката и нејзината средба со пајакот. Сосетката оди на работа, излегува од влезната врата, здогледува пајак и пајажина и почнува да вика: „Ауууу“. Настанува страв и паника. Класична приказна за страв од пајаци. На тоа се надоврзува искуството на Фулгум од градинка кога ја учеле познатата песна за малиот пајак што се качувал по водоводната цевка, па дождот го однел. Излегло сонцето, го исушило дождот и пајакот повторно се качувал по цевката. Верувам дека ја знаете таа песничка, како и движењата, бидејќи е многу популарна кај децата. Зошто децата ја учат таа песна и за што се работи? Особено затоа што пајаците не се толку привлечни во реалноста, а и никој не пее кога ќе здогледа пајак, зарем не? Никој освен децата, ако така сме ги научиле. А не сме го направиле тоа.

Запејте заедно

Децата не знаат што е пајакот, каков е, што прави, зошто ја плете мрежата, треба ли да се плашиме од него или не. Тоа е она што ги учат возрасните. Децата ги учат и ги копираат моделите на нашето однесување. Ако ние врескаме и се плашиме од пајаци, и детето ќе постапи како нас. Можеби треба да се обидете да запеете со детето? Тоа ќе му донесе повеќекратна корист: развивање на говорот, учење на мелодија, ритам, а ако вклучите и движења, ќе влијаете врз развојот на моториката. И за возрасните има корист: преку песната можете да се опуштите и да ширите позитивна и смирена енергија.

Скокање во вирчиња

Онаа класична приказна кога љубопитно и весело дете трча по дождот со желба да скокне во вир, а мајката вреска: „Не! Не во вирчето! Сто пати сум ти рекла да не одиш во вирчето!“ Во приказната се вклучува и непознат човек, застанал во вирчето покрај детето, почнал да се смее и да вика: „Еј, еј, еј!“ Детето замолчува и се смирува/класичен пример на НЛП-техника за промена на состојбата. Обидете се! Во моментите кога детето, според вашето мислење, е невозможно, направете нешто неочекувано, изненадувачко и променете ја состојбата и така ќе влијаете врз промената на состојбата и кај детето. Се разбира, ако одлучите дека го сакате тоа и дека тоа ви треба.

Со таа приказна Фулгум врзува уште еден проблем и како што вели тој: „Родителството секогаш подразбира малку лицемерство“. Да би била таа дете, сега и самата би била во вирчето. Кога била дете, скокала во вирчиња и ништо лошо не ѝ се случило. Веројатно и нејзината мајка ѝ велела: „Не скокај во вирчињата“. „Значи ли родителството дека со нас секогаш управува автопилот од минатото?“

Повторувањето на стиловите на воспитување од нашите родители е многу често и несвесно, па го правиме она што понекогаш воопшто не го сакаме. Потребно е да се направи отстапка од несаканата состојба за да се дојде до придвижување до посакуваната.

Бендот „Ролинг стоунс“ има познат поттикнувачки стих: „Не можеш секогаш да го добиеш она што го сакаш, но ако се обидеш, можеби ќе дознаеш дека го добиваш она што ти треба“.

НЛП-методите нагласуваат дека сите ресурси се потребни за создавање промени кај нас или дека можеме да ги создадеме од раните искуства и сопствената креативност. Освен книгата, Фулгум ги напишал и следните стихови:

Се што треба да знам за тоа како треба да се живее, што да се прави и каков да се биде, научив уште во градинка. Мудроста не ме чекаше на врвот од планина, на крајот од вториот степен на образование, туку во крилјата на песокот од детското игралиште. А еве што научив таму:

– Сè дели со другите.
– Играј чесно.
– Не мачи ги луѓето.
– Секоја работа врати ја таму каде што си ја нашол.
– Исчисти зад себе.
– Не земај го она што не е твое.
– Кога некого ќе повредиш, извини му се.
– Измиј ги рацете пред да јадеш.
– Пушти вода во тоалетот.
– Топлите кекси и млеко се здрави.
– Живеј балансирано: малку учи, малку размислувај, цртај, сликај, пеј и танцувај, играј си и работи – секој ден од сè по малку.
– Секое попладне преспи.
– Кога ќе отидеш во светот, биди внимателен во сообраќајот, држи се за раце и не оддалечувај се од своите пријатели.
– Не заборавај дека постојат чуда. Сети се на семките во пластичната чашка: коренот тргна во длабочина, стеблото во висина, никој не знае зошто и како, но така е и со сите нас. Златните рипчиња, ‘рчковците, белите глувчиња, дури и семињата од пластичната чашка – еднаш мора да умрат. И ние исто.
А потоа сетете се на своите сликовници и првите зборови што ги научивме – најголемиот и најважен од сите зборови – ГЛЕДАЊЕ“.

Јазикот ти е побрз од умот

Често си велиме сами на себе: „Јазикот ми е побрз од умот“. Зошто е така? Го гледаме ли доволно соговорникот? Ги следиме ли неговите движења, мимики, гестови? Слушаме ли доволно? Не е логично зошто имаме по две очи и уши, но една уста? Силно е влијанието на невербалната комуникација, зарем не?

Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувач, ментор



912

X