Додека пред градинката чекав воспитувачката да го донесе моето дете, сосема случајно се одвиваше една ситуација која ме поттикна да го напишам овој текст.

Имено, мајка која го зеде своето петгодишно дете ѝ нагласи на воспитувачката дека детето тврдело дека другите деца му рекле нешто што го навредило. Воспитувачката, која била присутна во текот на инцидентот со децата, ѝ објасни на мајката дека тоа што нејзиното дете го рекло не е вистина и ѝ предложи да разговара со своето дете. Незадоволна од нејзиниот предлог, мајката ѝ упати сугестија да викне некое дете „од доверба“ за да ги провери наводите на своето дете. Со блага непријатност и негодување, воспитувачката ја послуша, го изведува бараното дете и тоа ги потврдува наводите на воспитувачката, тврдејќи дека детето на оваа мајка кажува невистина. Бидејќи не е задоволна со одговорот, мајката ѝ предложува на воспитувачката да изведе уште едно дете (по име и презиме) да ја утврди вистинитоста на она што го рекле воспитувачката и петгодишното девојче.

Воспитувачката, видно вознемирена, со негодување го изведува другото дете, кое ги потврдува зборовите на воспитувачката, што мајката го дочека со следната, неверојатна реченица: „Ви благодарам, ќе го реализирам разговорот уште еднаш со своето дете и ќе го прашам како точно било.“ А детето, со оној победнички потсмев, погледнува во воспитувачката и оди задоволно со мајка си дома. По таа реакција на мајката останав зачудена, со мисла дека сето она што ни се случува со децата, сите проблеми навистина потекнуваат од односот на родителите кон воспитувањето, начинот на кој родителите ги насочуваат, одгледуваат, разговараат и воспитно ги запоставуваат своите деца, формирајќи ги во невоспитани, запуштени егоисти кои утре нема да уважуваат никој, ниту ќе имаат свест за вредност на што било и кога било.

Имено, многу често имаме можност да слушнеме од соговорници дека треба да се одгледуваат децата во слободоумен дух, да им се дава избор и волја за повеќето работи кои, додека се мали, навистина не се во состојба да ги направат. И претежно доаѓаме до судир на мислења за воспитните методи кога тие работи се во прашање. Иако сме во 21 век, каде што воспитувањето значајно се разликува од воспитувањето кога ние сме биле мали, а особено од воспитувањето од времето на нашите родители, она што е заедничко е дека на детето и понатаму му е неопходно да му се постави граница до која може да оди, со време коригирајќи ја.

За одгледување самосвесно, слободоумно и самостојно дете, неопходно е родителите да бидат истрајни, доследни и да дејствуваат еднакво. Како некој што работи со ученичка популација, но и со родителите, многу често сум доаѓала во вербален судир со родителите кога ми се јавувале со порака: „Јас не му можам ништо“, само од причина што биле попустливи родители, не се занимавале со детето, а подоцна кога во текот на растењето детето ќе стане свесно за себе, тоа навистина нема граница и потоа прераснува во општествен проблем. Родителите од почетокот на оваа приказна доаѓаат тогаш на „наплата“ во општествената заедница и сите ние што учествуваме со недејствување и нереагирање. Се плашам дека тие деца утре ќе бидат возрасни кои ќе се залетаат со автомобилите во полни градини, ќе го чинат општеството многу во секоја смисла и ќе наметнат нови некултурни трендови, кои ќе ја поместуваат скалата на пристојното и убавото.

Не сакајќи да ја отворам приказната околу наставниот кадар, кој дефинитивно е потребно стручно да се исфилтрира, нашето угодување на ваквите родители им дава можност и полет вака да се однесуваат. Ваквите ситуации треба да се сечат во корен, родителот кој очигледно нема усвоени норми на убаво и пристојно однесување да се упати на прописите, а на воспитувачката да ѝ се даде повеќе простор за дејствување и упатување на родителите на норми за пристојна комуникација. Сакајќи да му излезе на родителот во пресрет, а со страв дека ќе настане проблем, направила пропуст кој со самото изведување на другите деца за некој родител да ги испитува ѝ дала на оваа мајка од почетокот на приказната простор и можност така да се однесува.

Воспитувањето на детето е многу важно за сите нас и апелирам до родителите кои немаат капацитет на родителско дејствување и авторитет да побараат стручен совет и насоки (не размислувајќи како средината ќе гледа на тоа, бидејќи се работи за вложување во капацитетот на детето), за нивното дете утре да не биде општествен проблем, но секако и до воспитно-образовните институции, ваквите родителите да ги побараат, да извршат разговор, да ги упатат и посоветуваат.

Автор: м-р Едина Осмиќ Шадиќ/ психотерапевт

Извор



912

X