Често забележувам дека родителите кога ќе се спомене некоја непријатна тема, како што се „јутјуберите“, дрогата или сексот, пред децата театрално извикуваат „Господе Боже!“, „Страшно!“ и слично. Децата многу брзо престануваат да ја споменуваат таа тема пред родителите.

И проблемот е навидум решен… но, не е.

Бидејќи во здружението „Прв пат со татко ми“, освен работата во камповите, имаме искуства во советодавна работа со луѓе и деца, би сакал да ја деконструирам појавата за вознемирување од таа страна.

Вознемирувањето е реагирање од позиција на немоќ на родителите, каде што тие немаат доволно аргументи, па го префрлаат судирот на сметка на личноста на детето. Детето кое, на пример, изразило љубопитност за некоја појава за која има притисок од врсниците, од родителите добива манипулативна и/или невербална порака: „Тие што тоа го прават/слушаат/гледаат/консумираат… се гниди кои не заслужуваат да постојат, а ако и ти го правиш тоа, тогаш си ист како нив“. Детето, на кое родителската љубов и прифаќање му се основна душевна потреба, нема друг избор освен да се откаже од таа појава, на површно ниво.

На некој подлабок план, детето и понатаму нема одговор зошто таа појава е лоша, а притисокот од врсниците и понатаму постои…

Следна последица на вознемирувањето од родителите за одредени теми и луѓе е тоа што децата кои се по природа љубопитни уште повеќе ќе се затворат кон родителите. Тоа на родителите само им оневозможува да ги заштитат од споменатата појава, дополнително да коментираат или контролираат, без разлика дали се работи за „јутјубери“, „Фејсбук“, видеоигри, порно-страници, лошо друштво, пушење, земање дрога или други лоши навики.

Што мислите, дали вашето дете за сексот треба да учи од вас или од порно-страниците? Или од искомплексираните врсници? Дали од вас треба да дознае зошто пушењето е лошо? Зошто е лошо поминувањето претерано време со мобилниот телефон? Или со видеоигрите? А за марихуаната, треба ли да го научи дилер?

Не бидете таков немоќен родител. Соберете храброст и за споменатите теми разговарајте со децата, колку и да е непријатно.

Особено ако е непријатно.

Автор: Мирко Митровиќ, „Прв пат со татко ми“



912

X