Семејствата насекаде низ светот се борат со самоизолацијата, учењето од дома, социјалната дистанца… Поголем дел од времето сите се во фаза „во ова сме сите заедно“. Но, некогаш кога се здобиваме со повеќе лоши информации за состојбата, последното нешто што сакаме да го слушнеме е: „Верувај ми, ќе биде полошо“. Тоа е фраза што сум ја слушнала претходно од мајки додека растеа моите деца и која се надевам дека нема да ја слушнам пак.

Свежо се сеќавам на денот кога чекав во ред во супермаркет со моето бебе од три недели, со чувство дека ќе колабирам. Како и сите нови бебиња, не нè оставаше да спиеме. Првите десет дена ги поминав преправајќи се дека немав итен царски рез, дека не кревав тешки предмети, не перев, а дури и дека не постапував спротивно од наредбите на лекарот. Мојот сопруг само што се врати на работа, по две недели поминати дома со нас. Како што се обидував да ги оставам намирниците на касата, жената пред мене заедно со нејзините три деца ми упати поглед и ми рече: „Верувај ми, ќе биде и полошо“.

Тогаш не можев да замислам како би било полошо од ова, без спиење, во стан кој изгледаше како вооружена воена зона. Очите ми беа црвени, ќерка ми кенкаше, а јас се чувствував како една голема катастрофа и неуспех. Станува полошо? „Господе Боже“, си помислив. „Можам слободно да се предадам во моментов“.

Се разбира, како што знаат сите родители, станува и полошо и подобро. Фазата со новороденото дете е далеку од ужасна, но како и во секоја фаза од детскиот развој, има и добри и лоши денови. Има многу утра кога ќе отидете под туш и кога ќе можете да се напиете топло кафе. Има попладниња кога ќе можете да се истегнете без детето да спие на вашите гради, а кучето на нозете. Во тие моменти си помислував: „Се разбира дека може да стане полошо од ова – некогаш моето дете нема да сака да се гушка со мене“.

Минатото лето го однесовме нашето 7-месечно дете на гости кај пријатели и правевме скара. Таа беше одличен забавувач за присутните, но како се приближуваше ноќта, сфатив дека погледнувам во нивниот дом и барам место каде што ќе можам мирно да ја утешам и заспијам. Слушав врева од забавата во дворот, па знаев дека мојот сопруг ужива по третото пиво, додека јас чекав бебето да заспие во моите прегратки, па да можам да го оставам некаде на безбедно и да ја испијам заслужената чаша со вино. Една од другите мајки помина низ собата и таа ми рече: „Барем не е станата и не трча наоколу. Ќе биде многу полошо тогаш“.

Ах! Јас дури не се ни пожалив. Не побарав совет, но ете сепак го добив. Истата фраза што прави другите родители да чувствуваат дека се толку нови во целата работа, па не ја знаат вистинската борба. Само се насмевнав и ѝ реков дека сум добро. Всушност, гледав како нејзините деца трчаат наоколу цела вечер и мислев дека се преслатки. Се разбира дека преколнуваа да добијат повеќе слатки отколку што треба, но сепак. Но, ако не се радуваме на апсолутно ништо што следува, тогаш има ли нешто подепресивно од тоа?

Сега нашето девојче веќе оди, почна со зборување и играње соодветно за возраста. Смешна е, темпераментна и слатка. Постојано испраќа бакнежи и освојува срца. Друга мајка можеби ја гледа ќерка ми како почнува да плаче кога ќе биде обесхрабрена да сподели играчка или кога ќе ѝ биде одземена. Но, јас не морам да слушам дека ќе биде полошо понатаму кога таа ќе биде доволно силна да ме повреди, или кога ќе ја добие првата менструација и ќе ми рече дека ме мрази, или кога ќе замине на колеџ и нема да се врати одредено време. Знам дека ќе станува полошо и подобро и едноставно различно, како што таа ќе постигнува нови цели во животот. Повеќе сакам да мислам на доброто и да се соочувам со предизвиците, ден за ден.

Сè започна кога бев бремена. Луѓето велеа: „Откако ќе излезе детето, нема да спиеш никогаш повеќе. Ќе биде полошо, верувај ми!“ Изморена сум од слушање на овие беспотребни зборови што одмагаат. Доволно е тешко да се справуваме со симптомите од бременоста, па малото дете. Родителството не доаѓа со упатство и фала му на Бога за тоа. Ќе откриеме колку „полошо“ станува со текот на времето. Во меѓувреме, имам детенце на кое треба да му се посветам.

Можеби најважно е што има предизвици, но јас избирам да се фокусирам на добрите нешта. Како и секоја друга мајка, ги губам нервите и трпението и се фрустрирам кога не можам да решам некој проблем. Плачам во мојата супа. Останувам будна до доцна бидејќи се грижам. Но, сите овие тешки моменти не можат никогаш да ги надминат сите позитивни работи, радоста од фактот што сум ѝ мајка на мојата ќерка. Предизвиците на родителството се важен дел од процесот како што е и забавата. Но, за секој лош момент и ден, има барем двојно повеќе волшебни моменти. Што ако воопшто не станев мајка? Самата помисла ми создава мачнина. Ова е најтешката улога што некогаш сум ја играла, но исто така е и најдобрата. И да бев без неа? Верувајте ми, тоа ќе беше полошо.

Автор: Џени Стаденрот

Извор



912

X