Полудувам кога сопругот ќе ми заличи на една од оние мајки што му викаат на детето: „Немој, остави го тоа, врати се, излези од калта, не допирај ја опашката на кучето!“

Разликата е само што тој не викнува, никогаш не ни викал, неговиот тон е мирен, како и самиот тој. Иако пораснал на село, во куќата која се ѕидала половина од неговото детство, па имал песок за да си игра до пубертетот, изгледа ја заборавил некаде таа радост и како баба му го хранела со попара покрај мешалката. Па така заборавен, често му вели на детето: Немој да се влечкаш низ калта, излези од тревата, можеби куче какало таму, немој боса да одиш, ќе јадеме на маса. Тој знае дека полудувам од тоа, па кога утринава виде сцена во која детето си ги полеваше нозете од големата канта за наводнување цвеќиња, замолчи. Седна на скалите покрај мене и можеби се сети на своето детство.

Таа скокаше боса по тие вирови, имаше кал по нејзините бедра, лице, кучето копаше дупка во земјата која тетката вчера фино ја поминуваше со греблото, па низ сето тоа беше проткаена детска искрена радост. Не се величам себеси. Ја величам радоста на детето и правам сѐ што можам, кога можам, да не ѝ се развикам. Бидејќи малку подоцна, кога ќе порасне, сигурно ќе почне да трага по радост. Како што ние од утро до вечер трагаме по тоа чувство на спокој плаќајќи медитации, јога, терапевти, престој во спа-центри, раскошни фустани или нови сандали, или трски за ловење риби, за чамец…Ужасени сме кога не успеваме да го задржиме тоа чувство на возбуда, гледаме и слушаме мотивирачки говорници да ни кажат колку сме глупави, како да бидеме среќни и задоволни.

А потоа така заглавени помеѓу чувството „сѐ е за никаде и што да правам да ми биде подобро“, им го земаме на децата она што самите очајно го бараме.

Полевајќи ѝ ги нозете на бетонската патека, правејќи големи вирови во кои може да скока и да се наводени, сакав само да ѝ оставам во аманет чувство кое јас го паметам веќе 30 години, а кое доаѓа од дворот на баба и дедо, под крошната на вишната. Тогаш немаше базен на надувување, туку само црево приклучено на чешма со кое дедо нѐ прскаше, четири внуци, додека врескавме: „Мене дедо, менеее!“, туркајќи се под водата.
Помнам. И се хранам со тоа. На родителите им е тешко да си признаат дека понекогаш на децата им го одземаат она што во детството им е најважно: играта.

Бидејќи изморен сум, сега стигнав од работа, денот ми беше хаос, се расправав со шефот, не можам сега надвор, дај малку да одморам, еве ѝ го таблетот, нека молчи, еве го таблетот во ресторан на мир да испиеме кафе, немој во калта, треба да се враќаме да те пресоблечам, немој бос, ќе се боцнеш на нешто, еве ти игра, дај да здивнам, ајде во трговски центар има распродажба, немој да се закопуваш во песок, дојди овде седи на пешкир не мрдај…. И што им оставаме на децата?

Понекогаш навистина се однесуваме како стари скотови кои заборавиле што носи забавата. Никој сѐ уште не се расположил зјапајќи во екран затворен во соба. Седејќи како кип на плажа. Сметајќи ги минутите поминати во вода. Откажувајќи се од сладолед за да не накачи дополнително килограми. Слушајќи наредби по цел ден како сме бучни, како ќе се извалкаме, како тоа не е добро, како не сме смееле да го направиме тоа, како сме казнети, како нема да добиеме вечера бидејќи не сме ја средиле куќата, како другите се подобри од нас, како треба да бидеме како другите, како е подобро да не трчаш зошто ќе паднеш и слично.

Не можам да знам што и кога ќе се случи со мене. Не можам да влијаам врз тоа. Не можам да го предвидам животот на ќерка ми. Не можам да ги спречам нејзините неминовни падови, лоши одлуки или солзи. Но, можам сега, додека е кај мене, да ѝ направам огромен вир од вода за да скока во него, да ја одведам на река и да ја оставам да ја почувствува, да ја закопувам во песок, па да ја вадиме некако, да ја пуштам да се занимава со кучето, да трча боса, да се валка во калта, да јаде на улица, да се качува на таван полн со пајажини и да го истражува. Бидејќи така се сака животот кој ти е даден. Тогаш кога ќе престанеме да го правиме тоа, ќе им плаќаме на некои експерти да ни го кажат она што децата ни го покажуваат секој ден.

Автор: Јелена Кешански

Извор



912

X