Ако родителите постојано попуштаат, тинејџерот мора да тргне во очајничка потрага по некое однесување кое ќе предизвика реакција, а конфликтот ќе ескалира сè додека родителите не заземат цврст став или додека децата не ја запалат куќата.
Какви правила им поставуваат родителите на тинејџерите?
Џон: Ја опишуваш фазата на адолесценција слично како онаа во која е дете од првата до третата година. Во текот на таа фаза најважно е родителите да повлечат јасни и цврсти граници. Колку од тоа важи за адолесцентите?
Робин: Многу е важно адолесцентите да чувствуваат дека ставовите на нивните родители се стабилни и цврсти. Тие се подготвуваат за уште поголема независност – независност од семејството. Наместо поддршката од таткото да ја разлабави врската со мајката, сега им е потребна поддршка надвор од семејството – посебно од пријателите – за да ја разлабават врската со двајцата родители. Се обидуваат да воспостават свој нов, одвоен идентитет и да се чувствуваат сигурни во него. А многу здрав начин за да го направат тоа е да се бунат.
Џон: Значи, потребно е да се бунат против нешто? Јасни граници на кои можат да ја пробаат својата сила?
Робин: Токму како мали деца, и поради слични причини.
Џон: Значи, родителите повторно им даваат сигурност повлекувајќи граници?
Робин: Апсолутно. Не смееме да заборавиме колку несигурни и променливи можат да бидат тинејџерите. Еден момент се полни со самодоверба, бараат слобода и независност и ги отфрлаат сите родителски стеги, а веќе во следниот се несигурни, беспомошни и бараат поддршка и охрабрување. Во извесна смисла, во еден момент тие се возрасни личности, а во следниот се деца. Тоа е многу вознемирувачки период, па затоа им се потребни цврсти, стабилни насоки.
Џон: Се чини дека родителите чувствуваат како веќе да поминале низ тоа.
Робин: Всушност, имаат среќа ако веќе поминале! Ако не поставиле јасни граници во раната фаза, ќе им биде многу потешко сега кога децата се поголеми и посилни. Но, тоа мора да се направи, дури и ако животот привремено станал вистински пекол!
Џон: Значи, покрај цврстите домашни правила, што можат уште да направат родителите за да ги поттикнат децата на осамостојување?
Робин: Треба да ги поттикнат нивните интереси и активности надвор од домот. А дома да им дадат простор каде што ќе имаат слобода без непотребни стеги, на пример, во нивната соба. Секој тинејџер, повеќе или помалку, ќе направи еднострана објава на независност и својата соба ќе ја прогласи за слободна зона, непогрешливо поинаква од остатокот од домот. И тоа е во ред. Но, во заедничките делови во домот што мора да ги споделуваат со родителите, браќата и сестрите, важно е родителите да инсистираат на разумно социјално однесување, на пример, да не ја валкаат бањата, да помагаат во домашните работи.
Џон: Се сеќавам дека еднаш имаш речено: „Ни во пеколот нема таков бес како во тинејџерката која е принудена да помогне во миењето на садовите“.
Робин: „…која ја натерал нејзиниот татко.“ Го заборави тој дел. Во извесна фаза од терапијата, на пасивниот татко кој „само сака мирен живот“, неговата ќерка-тинејџерка ќе истури река превриен презир и прекор. „И што е најлошо“, ќе вика сè додека не стигнат до последната точка на обвинение, до смртна казна, „ДУРИ не си нè ни натерал да измиеме садови!“
Џон: Значи, тинејџерите, всушност, сакаат домашни правила. Тоа барем им дава причина да се жалат.
Робин: И да се борат против нив, макар малку. Гледаш, во оваа точка, личностите на тинејџерите не се задолжително добро детерминирани, па тешко им е вистински да бидат независни на позитивен начин. Во извесна мера мора за себе да учат на фундаментално негативен начин. Барем на почетокот.
Џон: Така што да можат да стекнат независност не правејќи го она што го сакаат родителите или правејќи го она што родителите не го сакаат, отколку да го прават она што самите го сакаат.
Робин: Во секој случај, на почетокот. Затоа на тинејџерот не мора да му биде јасно што сака навистина и каква личност е. Нема јасно чувство на идентитетот. Освен тоа, мускулите не се развиваат со отпуштање или кога се оди по линија на помал отпор, нели? Мора да се борат против нешто – со подигнување тешки тегови, со туркање пречки. Исто е и со силата на волјата, силата на карактерот, самодовербата.
Џон: Значи, потребно им е нешто што ќе туркаат за да станат независни. Можеби поради тоа, сите тинејџери-револуционери постојано зборуваат за „важноста на борбата“. Тоа им помага да пораснат.
Робин: Тоа е недозволиво! Значи, ако родителите можат да прифатат дека на децата им е потребна борба, тие цврсто ќе држат до својата положба, давајќи им нешто на кое ќе се спротивставуваат. Се разбира, родителите треба повремено да ги приспособуваат границите затоа што е пожелно да им се даде поголем простор на децата додека трае процесот на растење и осамостојување. Исто така, важно е родителите да не се изгубат во деталите на борбата, да не мислат дека расправиите се задолжително разрешливи во секој момент, или да не станат анксиозни мислејќи дека прават нешто погрешно и очајнички да се обидуваат да го „поправат“ тоа. Ако сепак се приспособат на барањата на младите, обидувајќи се да ги задоволат, да ги усреќат, не само што ќе им се чини дека грешат и дека не се на висина на задачата, туку тоа навистина ќе биде погрешна реакција на родителите. Суштината е во тоа тинејџерот да бара нешто против кое ќе се бори. Значи, ако родителите постојано попуштаат, тинејџерот мора да тргне во очајничка потрага по некое однесување што ќе предизвика реакција, а конфликтот ќе ескалира сè додека родителите не заземат цврст став или додека децата не ја запалат куќата.
Џон: Фасцинантно е да сфатиш дека треба да се повлечеш и да ја сфатиш причината за таквото однесување наместо да се впушташ во детали при секое несогласување. А што е со домашните правила за „облекувањето“?
Робин: Па, некои родители одлучуваат да им дадат поголема слобода на децата, а некои помала. Меѓутоа, би било исклучително лошо за тинејџерите ако родителите не постават никакви правила или, пак, ако бараат од децата да се облекуваат како нив. Тоа е многу забавно затоа што некаде пред почетокот на пубертетот децата полесно се засрамуваат, ако родителите не се формално и конформистички облечени на доделување училишни награди или на спортски денови. Се сеќавам дека мојата ќерка ми дрдореше затоа што носев вратоврска со три линии наместо со две. Но, во моментот кога ќе настапи адолесценцијата, децата обожаваат да ги доведуваат родителите во непријатност облекувајќи се што пооткачено.
Џон: Значи, за да им помогнат на тинејџерите, родителите треба да се држат до своето.
Робин: Да. Мора да постојат ориентирни точки според кои децата ќе можат да се определат и позиционираат, земајќи го она што им се допаѓа, а одбивајќи го она што не го сакаат. И, секако, прво што се бара од ориентирните точки е да се знае каде се.
Џон: Значи, родителите треба јасно да ги изразуваат своите погледи и да не им пречи ако децата не се согласуваат; вистински да прифатат дека децата главно нема да се согласуваат и дека веројатно ќе ги сметаат за тирани и за фашистички лудаци.
Робин: Токму така. Ако родителите можат да ја прифатат оваа улога и притоа да уживаат во сопствениот живот, веројатно нема воопшто да имаат „тинејџерски“ проблем. Студиите на обични семејства покажале дека околу 85% од тинејџерите ги сакаат своите родители и ги почитуваат и добро се согласуваат со нив. Нивното живо истражувачко однесување родителите воопшто не го гледаат како „проблем“.
Џон: Па, тогаш, да не го нагласи ти премногу прашањето на „борбата“, можеби?
Робин: Мислам дека треба да ги уверите сите родители дека одредено судрување е сосема нормално затоа што тоа е секогаш изненадувачко. Повеќето луѓе понекогаш се сомневаат дали правилно се однесуваат ако имаат цврст став. Дури и оние родители што се под влијание на преовладувачки идеи за слободно однесување можат да се убедат да бидат цврсти ако сфатат дека некаков конфликт е апсолутно потребен.
Извадок од книгата „Како да се преживее своето семејство“
Џон Клиз, Робин Скинер