Родителите-шминкери се посебна категорија што настана во последниве десетина години, постојано е во пораст, при што сè помалку се работи за трговски брендови, а сè повеќе за нарушени односи, модели на учење и убивање на детството и она што тоа го носи со себе, односно создавање мали снобови уште од раната школска возраст и ги има сè повеќе во претшколскиот период. Сигурно сте ги забележале, можете да ги препознаете по нивните деца, пишува српската блогерка Ивана Вана Станисавлевиќ, која е дипломиран воспитувач за претшколски установи, 15 години работи со деца и е мајка на две девојчиња.

Да тргнам од најмалите. Девојчињата и момчињата во не толку мал број доаѓаат со бојадисана коса во градинка. Таа стравотија не го намалува фактот дека бојата може да се измие од косата. Доаѓаат и со праменчиња, сребрени преливи, детски вештачки нокти, бидејќи лакираните нокти кај девојчиња од претшколска возраст веќе не се во мода. Другите деца го гледаат тоа, збунети, посакуваат слични работи и само најупорните родители успеваат да му одолеат на овој тренд. Девојчињата на себе редовно имаат хулахопки со тантела и сè почесто се во „штикли за девојчиња“?! Дали е битен податокот дека меѓу родителите што го поддржуваат овој тренд има сериозни, начитани интелектуалци, признати во својата област – и дали ова ја намалува оваа стравотија? Не, напротив. Што се случува во нивните глави во оној момент кога ќе влезат во тие брливи продавници и ќе посакаат нешто за своите деца? Искрено, проблемот и решението на проблемот или, поблаго кажано, решението и одолевањето на ваквите предизвици се работа која само родителот може да ја реши, а тој уште повеќе ја засилува таквата брливост!

Девојчињата во прво одделение доаѓаат на училиште со многу накит на себе и во најскапи крпчиња, со став „Баш ми е гајле, ми се може“, крај на цитатот, лично сум слушнала учениче-прваче како го кажува тоа. Значи, далеку од тоа дека е деградиран само физичкиот изглед и дека на детето му се одзема правото да биде дете, да се извалка, да носи комотна облека, да се смее и шегува, туку и ставот е тажен и грд. Арогантен, безобѕирен, на почетокот кон врсниците, при што неверојатно изгледа како овие опасните да имаат мирис да ги препознаат воспитаните деца, а подоцна цела таа грозотија на невоспитаност и непочитување ја пренесуваат кон наставниот кадар, повозрасните луѓе, во средствата за превоз, во паркот. Во кино или по некоја случајност, во театар, ги креваат нозете на предното седиште пред себе, прегласно коментираат, телефонираат и стануваат квазиѕвезди, а нашето болно општество дури и ги негува таквите.

Во петто одделение девојчињата ја исправаат или ја виткаат косата со пегла за коса! Во себе имаат безобразно многу пари бидејќи срамно е да се понесе нешто од дома за ужина, а остануваат и до 22 часот и подоцна надвор. На почетокот се караат со околината, а потоа сè почесто со оние што ги направиле такви. Слепиот родител ни тогаш нема да види дека ѕвони алармот за тревога, туку виновниците и одговорноста ги бара во системот, околината, правилата… Заради илустрација, еден пријател ми кажа дека во Грција се дружел со луѓе од различни профили и дека повеќето деца се облекувале нормално, купувале удобни патики, по прифатливи цени. Вели: „Толку обични патики купуваа и многу побогатите од моето семејство, а кога дојдовме во Србија, одеднаш на мојата ќерка од суштинско значење ѝ станаа марката и цената на патиките што ќе ги носи“. Тој и семејството летово се иселија од Србија…

Мајко над мајките, зошто го измачуваш своето дете и му го скратуваш детството, дали си била сакана како дете, дали те милувале, зборувале со тебе? Дали навистина си носела „штикли“ на девет години и си имала вештачки нокти и трепки? Дали против твоја волја те омажиле, а можеби и само ти е досадно во твојот живот преполн со пари, а празен на сите други места. Без оглед која е причината за твоето незадоволство, немаш право да го уништуваш животот на детето и директно да влијаеш врз уште неколку деца, бидејќи твоето е надмено, наместо сакано и прифатено!

О, татко над татковците, дали си бил посакувано дете или целиот живот те поттурнувале? Дали твојот татко го поминувал времето по обложувачници, а мајка ти секогаш останувала сама со вас или си растел во изобилство, па тоа ти е единствената мерка за богатство што ја познаваш? Дали твоите родители те поддржале во нешто што силно си го посакувал или баш ништо не си посакувал? Во што си толку многу добар освен во поседувањето пари и моќ, дали тоа се твоите најголеми дострели? Можеби многу те сакале и те учеле да ја цениш работата, а ти си им удрил токму ваква контра, во што се сомневам. Без оглед кој е поривот во тебе, да се гордееш правејќи го сопственото дете вообразено, не смееш да го правиш тоа, противчовечно е!

Веќе чувствувам мачнина, сами продолжете натаму бидејќи, за жал, сигурна сум дека имате вакви примери во своето опкружување.
И што понатаму, драг родителу, кого точно мислиш дека го моделираш и во што ќе израсне твоето дете?!

Извор



912

X