Трошоците за живот се зголемени. Од храна, гориво, до комунални услуги, тешко е да се најде артикал што не поскапил. Така, на форумот на родители на „Mumsnet“ се развила дискусија за тоа колку им потешко на родителите да си дозволат сѐ што порано го земале здраво за готово.

„Не можам да верувам дека живееме вака. Пред три години ни беше релативно удобно, а сега се потпирам на бесплатните училишни оброци за децата“, напишала една мајка, која признала дека неодамна плачела во продавница бидејќи не можела да си дозволи да купи печива за нејзините деца. Таа не кажала колку деца има, но објаснила дека за двенеделно купување може да издвои околу 2 илјади денари, а тоа вклучува и пелени.

Нејзината објава наишла на поддршка од стотици други родители кои се во слична ситуација. Многумина признале дека биле принудени да избираат помеѓу храна и греење. „Пред некој ден гледав мафини во продавницата и се чувствував лошо бидејќи не можев да си ги дозволам, а работам уште од тинејџерска возраст“, напишала една мајка.

„Тоа е страшно чувство. Во петокот влегов во нелегален минус на мојата сметка и банката веднаш ме извести дека ќе ме блокира ако не го подмирам минусот до крајот на денот. Морав да побарам од пријател да ми даде пари и многу се засрамив.“

„Во иста каша сме. Едно од моите деца е лице со попреченост, јас сум негов старател. Имам четири факултетски дипломи и добра кариера, а сега избираме помеѓу парно и храна поради поскапувањето. Не знам како да ги намалам трошоците“, забележува трет корисник.

Банката на Англија минатата недела предупредила дека Британците ќе претрпат историски шок за нивните приходи откако инфлацијата минатиот месец се искачи на највисоко ниво во последните 30 години, 6,2 отсто, а се очекува да порасне до 8 отсто напролет. Сметките за гас и за струја во околу 22 милиона домови поскапиле за 54 отсто, горивото поскапи и до 39 отсто. Просечно домаќинство ќе троши 2.620 фунти повеќе за основни трошоци за живот на годишно ниво, пишува „Дејли мејл“.

Извор



912

X