Патеките се јавен простор кој се споделува. Како возрасни, од нас се очекува да бидеме свесни за ова и да го почитуваме. Но, зошто тогаш тоа не го очекуваме и од децата:

Голема е радоста на родителот кога ќе го види своето дете како вози велосипед. Особено ако првпат се качува на велосипедот. Го гледате како вози сè додека не се удри некаде или не падне, па сето тоа завршува со солзи.

Многу се горди додека го гледаат своето дете како се движи до патеката или тротоарот, но изгледа дека родителите мислат оти детето е самото на патот.

Како родител на 13-годишно дете, се сеќавам колку се скапоцени тие моменти. Сонцето свети, вие го следите вашето дете, можеби и го снимате. Лесно е да се заборави дека може и некој друг да се движи по таа јавна патека. Но, и другите луѓе го имаат истото право, а тоа најчесто е нешто што родителите избираат да го игнорираат.

Видео на „Фејсбук“ станува вирално (во негативна конотација)

Неодамна беше објавено видео од 6-годишно девојче кое паѓа од својот велосипед откако се обидува да вози помеѓу еден пар кој оди по патеката пред неа. Снимката покажува како девојчето се обидува да помине меѓу нив, кои ни слушаат ни забележуваат дека некој се движи зад нив. Таткото на девојчето извикува „извинете“ неколку пати додека неговата ќерка, не намалувајќи ја брзината, им се приближува. Џоен и Ијан Кремптон се изненадени кога малото девојче се „притиснува“ со велосипедот помеѓу нив, а падот е неизбежен. Некако таткото продолжува да снима, без да ја погледне ќерка си падната на подот, па уште започнува и кавга со луѓето зашто не се тргнале од нејзиниот пат.

Кој е виновен?

Се работи за типично однесување на 6-годишници, па девојчето не почнува да плаче сè додека не ја забележи реакцијата на својот татко. Џоен и Ијан Кремптон реагираат на вербалниот напад на таткото велејќи дека не слушнале дека девојчето им приоѓа, па изгледаат фрустрирано поради обвинувањата кога не сториле ништо намерно. На крајот од видеото, Ијан го клоца велосипедот поради фрустрација. Приказната станува позната кога мајката на девојчето ја објавува снимката на „Фејсбук“ – бесна што некој не се тргнал од патот на нејзината ќерка.

„Каков ужасен човек. Мојата ќерка е трауматизирана. Тие очигледно имаат проблем со велосипедисти и сакале да порачаат нешто со тоа што не се тргнале“, напишала мајката.

Или можеби едноставно се работи за недоразбирање и несреќа, бидејќи често се случуваат несреќи.

Патеката е јавен простор за сите

Џоен и Ијан Кремптон сега се обележана поради своето однесување, а во медиумите биле идентификувани и лично нападнати затоа што биле ставени во таа позиција – кога реалниот проблем е: врвно родителство.

Вината не е кај детето, бидејќи има само 6 години. Патеките, тротоарите се споделени јавни простори (освен ако нема некоја друга конкретна намена). Како возрасни луѓе, од нас се очекува да бидеме свесни за ова, но очигледно тоа не го очекуваме од дечињата.

Мојот син е зависен од тркала и нему му е дадено до знаење уште на рана возраст дека е негова одговорност да внимава и на другите луѓе, да ја намалува брзината и да се сопре за да избегне судир. Не е тоа секогаш возможно бидејќи се прават и грешки, но тука улогата ја презема родителството. Гледајќи го видеото, сакам да му викнам на таткото: „Гледаш што ќе се случи. Остави го телефонот и направи нешто конструктивно“.

Не воспитувајте деца што мислат дека имаат некакви привилегии

Одговорност на таткото е да ја довика ќерката и да ѝ каже да ја намали брзината и да сопре – а не да ја остави да поминува низ луѓе. Мајката подоцна објаснила дека нејзиното дете сега почнало да вози велосипед, па затоа вината уште повеќе се префрла на таткото, кој беше позагрижен за снимањето отколку да ја научи својата ќерка за сопствената и безбедноста на другите.

Ако сте родител кој го чита ова и сè уште не сте убедени за ваквото однесување на некои родители, можеби треба да земете предвид и некои други слични искуства. Прашајте луѓе што немаат деца, сигурно имаат приказни за тоа како „некое дете“ поминало „низ нив“ додека џогирале, ги испрскало со кал, сопрело неочекувано предизвикувајќи судир и слично.

Различните перспективи од повеќе различни луѓе се навистина добар пример за сфаќање на реалноста, која на некои родители и тоа како им е потребна.

Автор: Нама Винстон

Извор



912

X