Кога твоето дете бега, гризе, удира, вреска, турка, граба или општо се однесува дрско и пркоси – сакате да го промените тоа однесување, тоа се подразбира. Се разбира, не треба ниту да се нагласува дека детето природно ќе го надрасне таквото однесување кога ќе се научи на поголема самоконтрола, но што да се направи во меѓувреме?

Како да се исправи „лошото“ однесување на детето со позитивно родителство

Задача на родителите е да му помогнат на детето да дојде до самоконтрола, но и да го водат кон оптимално социјално однесување. Децата што ги усовршуваат социјалните вештини се предодредени за успех во безброј подрачја. Кога ги дисциплинираме децата, сакаме да ги зајакнеме за самите да го променат своето однесување.

Развој на менталниот склоп и зајакнување

Децата живеат „сега и овде“, а помладите деца имаат посебен ментален склоп, па размислуваат така што не подразбираат дека работите сега или во иднина може да се променат. Ние сме тие што мораме да ги научиме дека можат да го променат своето однесување. На пример, кога децата ќе сфатат дека направиле нешто лошо – чувствуваат неуспех и за нив тоа чувство изгледа трајно. Затоа е наша работа, како родители, да понудиме други начини со чија помош ќе може да се решат ситуации и ќе се овозможат алатки за да се носат со своите емоции, па и да се зајакнат за да си го променат своето однесување. Но, како да се дојде од чувство на неуспех до чувство на зајакнување?

Како да се зајакнат децата за да го променат своето однесување

Кога вашето дете ќе направи нешто како, на пример, да му ја грабне играчката на друго дете, вие можете:

Да му го исправите однесувањето (да кажете НЕ и да го спречите детето).
Да го идентификувате проблемот (Сакаш да си играш со играчката, но сега е ред на Сара).
Да го вклучите во промена на перспективата (Како би се чувствувал/а ти ако некој ти ја земе играчката од рака?).
Да понудите алтернатива (Можеш да ја прашаш Сара да ти ја даде играчката откако ќе заврши со играње, а потоа да ѝ ја вратиш откако ти ќе завршиш со играње).

Потоа доаѓа времето за зајакнување и поттикнување промена на однесувањето. Пред да го пуштите детето да продолжи со она што го правело, едноставно кажете:

„Ќе се сетиш следниот пат“.

Таа едноставна реченица им кажува многу на децата. Им говори дека нивниот денешен неуспех не е траен неуспех, туку може да го променат и да се фокусираат на позитивното. „Следниот пат ќе се сетиш да употребиш свои зборови“. Исто така, им помага во решавање на моменталните емоции и им дава чувство на олеснување, како и желба за подобро однесување следниот пат. „Сега се чувствувам лошо, но следниот пат ќе постапам подобро“. Ако следниот пат детето го промени однесувањето, можеби дури и гордо ќе се пофали и ќе рече: „Гледај, мамо, се сетив!“ А вие возбудено ќе одговорите: „Браво, се сети! Ги употреби своите зборови!“

Кога децата ќе го сторат тоа – бидете сигурни дека сте ги зајакнале и сте ги поттикнале на промена на однесувањето. Таа гордост е одраз на зајакнување. И нема врска со вас и контролирањето на детското однесување, туку со вас и тоа дека сте го научиле детето на подобар начин на однесување, а тоа самото го променило. Се разбира, иако оваа реченица добро функционира, не е магична. Проблемот е што малите деца не помнат толку едноставно, а менувањето на однесувањето кај мало дете бара трпение, вежбање и услови, но ако трпеливо продолжите да го зајакнувате детето, порано или подоцна, ќе забележите резултати.

Автор: Ана Шефчек

Извор



912

X