Елена Трајкова, логопед

Елена Трајкова, логопед

elena.trajkova27@gmail.com

Повеќе од авторот

Животот на малото дете е претставен преку игра и учење. Детето гледа сè што работат мајката и таткото. Должност на секој родител е да му го објаснува со зборови сето она што го работи. На пример, кога се подготвува детето за капење, мајката треба да ги користи зборовите: вода, сапун, шампон, бањарка…

Едномесечно бебе успева да го препознае лицето на мајката или таткото од останатите личности од неговото опкружување. Се забележува како го насочува вниманието кога ќе го види движењето на родителот, и како со очите почнува да следи што се случува.
Кога ќе слушне играчка што тропа, бебето уште од првиот месец почнува да се врти кон изворот на звукот. Тоа значи дека од многу рана возраст бебето почнува да развива голем број различни аудитивни одговори. Многу од нив се градат и интраутерино, а по раѓањето почнува да ги развива како движење, допир и комуникација.

Предлог логопедски вежби:

1. Бебешкиот говор да се третира како вистинска комуникација

Сите знаеме дека бебето единствено знае да комуницира преку испуштање гласови, гугање и вокализирање. Кога го слушаме ова, можеби ни се чини дека е невообичаено, но всушност преку вокализацијата бебето зборува.
Треба да го прифатиме и да ги следиме реакциите што ги прави бебето во текот на гугањето и вокализирањето. Потребно е родителот да создаде слика исто како да разговара со него, и истовремено да го вклучи бебето во различни разговорни ситуации. Оваа логопедска вежба треба да ја практикуваат родителите секој ден. На бебето да му се обраќаат со мил и јасен глас. Тоа претставува подлога преку која понатаму се гради понатамошната вербална комуникација. Резултатот од оваа вежба ќе се забележи кога детето ќе наполни 2 години. Колку повеќе труд бил вложен на говорните стимулации, толку повеќе детето ќе го развива говорот.

2. Водете разговор со бебето

Разговарајте со вашето бебе. Науката докажува дека дете од три месеци може да прави разлика помеѓу гласовите што ги слуша во својот мајчин јазик. Преку разговор успева да направи разлика дали го слуша зборувањето на мајката или на таткото.

3. Читајте му на бебето

Кога почнувате да читате, бебето покажува интерес. Сака да слуша и да ги гледа шарените страници од сликовницата. Преку читање му се отвора можност за ново говорно искуство. Слушајќи додека му се чита, бебето го учи говорот. Потребно е гласно да му се чита, и убаво би било мајката да изразува богата фацијална експресија. Така бебето истовремено гледа во мајчиниот лик и го слуша она што му се чита.
Преку оваа логопедска вежба се формира говорно- јазично знаење за постоење на мајчиниот јазик. Во текот на читањето корисно е со прстот да му ги покажувате ликовите од приказната или да му се покажува некое дејство што се врши.
Кога родителите му читаат на своето дете, тоа учи зборови и му се збогатува вокабуларот, кој може да се користи во секојдневните практични говорни активности.
Како логопед препорачувам читањето да започне уште од најрана возраст со цел детето да изгради љубов кон книгата.

4. Секојдневно зборувајте му за практичните активности од животот

Животот на малото дете е претставен преку игра и учење. Детето гледа сè што работат мајката и таткото околу него. Должност на секој родител е да му го објаснува со зборови сето она што го работи. На пример, кога се подготвува детето за капење, мајката треба да му го објаснува чинот за капење. Да ги користи зборовите: вода, сапун, шампон, бањарка и др. Да му зборува дека водата не смее да биде студена, туку треба да биде топла за да му биде пријатна на кожата.
Логопедските вежби се наменети за да се стимулира говорниот развој на детето уште од најрана возраст. Истовремено додека зборувате треба да правите различни изрази на лицето: радост, смеа, интерес, љубопитност, тага за да може детето од мало да ги учи и емоциите и да ги препознава. Секое дете треба да се чувствува почитувано во кругот на своето семејство, употребувајќи жива комуникација преку разговори. Во никој случај не треба да се дозволи детето да се чувствува запоставено.

5. Играјте игри на сериозен начин

Играјте со своите деца и совладувајте ги важните животни вештини. Играјте игри во кои ќе биде застапена имитацијата и барајте да ги имитираат ликовите што се околу нив, на пр., да биде како баба, тета, дедо или сл. Секое дете преку играта учи правилно да ги насочи емоциите, но учи и да ги разбира туѓите емоции. Развива фантазија и креативност, а тоа е потребно за да може полесно да се изрази на вербален план.



912

X