Беше среда и со тежок чекор се „влечев“ на работа откако тоа утро едвај ме разбуди алармот. Размислував за сето она што треба да го завршам. И го здогледав него. Момче на некои 10-ина години кое со ранец на грбот возеше велосипед. Одеше на тренинг или на училиште. Помислив колку пати кога сум била на негови години сум посакувала преку ноќ да пораснам. Да правам што сакам и кога сакам. Да бидам господар на своето време и живот.

Помислив колку сега му завидувам на годините и безгрижноста. Кога си дете, мислиш дека е некоја голема награда што еден ден ќе пораснеш и никој нема да те тера да јадеш супа. Потоа ќе пораснеш и ќе сфатиш дека сè што требало да посакуваш е засекогаш да останеш мал. Да бидеш „стуткан“ што е можно подолго. Да бидеш гален, чуван. Да не се тргнеш од прегратка. Да не се тргнеш од бакнеж. Дека растењето е една голема замка. Дека сендвичот и пицата не се никаква голема награда. Дека недостигот на супа и бел чаршаф на трпезариската маса не е никаква радост.

Дека ќе дојде ден кога ќе ти недостигаат и вревата и викањето. Дека ќе дојде ден кога ќе ти се смеат празните ѕидови и празните соби. А некогаш со трескање си ја затворал вратата сакајќи да бидеш оставен на мир. Ќе дојде ден кога ќе ти недостига баба во креветот, иако како дете си сакал свој кревет и соба само за себе, во која ќе лепиш постери од „Бекстрит бојс“, без брат ти да ти се смее, а баба ти да се чуди.

Ние тројца бевме цимери. И можам со сигурност да кажам дека тогаш се сонуваа најубавите соништа. Растењето не е никаква радост и среќа. Тоа често е отуѓеност. Тие мислат дека не ти требаат, ти се убедуваш дека тие не ти требаат.

Детството е спокој.

Детството е баба која ја развлекува питата.

Детството е сигурност.

И сознание дека ништо не мораш сам.

Дека си засекогаш нивен, а тие твои.

Растењето е аларм кој постојано ѕвони. Потсетници што врескаат. Родендени кои не смееш да ги пропуштиш, а на кои сè помалку им се радуваш. Нови години во некои безлични фустани во кои не трепериш на помислата кој ќе те бакне на полноќ. Детството е случајно танцување со симпатијата на роденденот на Маја. Детството е играње „Залог“ и бакнеж во образот. Детството е она кога се плашиш од тестот, ја облекуваш маицата што ти носи среќа и пишуваш со среќното пенкало.

Кога си мал, се радуваш на летото. И на прошетките. И на паркот и на клупите. Потоа ќе пораснеш и почнуваш да подразбираш. И изгрејсонцата и зајдисонцата. И ѕвезденото небо. И дождот. И другарството. И парите. И ретко вистински се радуваш бидејќи има толку многу работи што можеш да си ги дозволиш и за кои си заборавил да копнееш.

Растењето не е никаква награда. Ниту е подобар дел од животот. Детството е. Негова најголема смисла. Бидејќи не е радост да можеш сè и да имаш сè. Радоста е во чекањето. Во сакањето. Во надежта дека те чека нешто навистина прекрасно. Додека за рака те држат и за тебе најмногу навиваат оние што најмногу ги сакаш.

За мене детството мириса на крофни.

За мене детството е метален виклер кој се обидувам да го ставам на косата.

И нашите мали ритуали и големата љубов.

Детство е кога имаш впечаток дека целиот свет е твој. И дека ќе биде.

Растењето е да се направи ручек од претходната вечер. Да се одмрзне месото. Да се испере постелнината. Да се купи боја. Бојадисај ја косата. Налакирај ги ноктите. Вклучи ја правосмукалката, испеглај, избриши. Здипли. Гледај кога ја преминуваш улицата. Не трчај бидејќи возрасните луѓе не трчаат освен ако не се занимаваат со спорт. Не пцуј. Однесувај се соодветно. Читај доволно. Пиј течности. Немој да пушиш. Немој да излегуваш премногу. Извршувај ги своите работни задачи навреме.

И ако ме прашувате мене, растењето е една голема измама. Сите свои „возрасни“ години и целата слобода што со нив стигна би ги менувала само за една ноќ каде што дишам во грбот на баба и се потпирам на него.

Автор: Јелена Деспот

Извор



912

X