Игротека

Пуштете ги децата сами да ја прекинат прегратката

Овде пишувам за нешто што ми се има случено во неколку наврати, па ми дало повод за размислување.

Дојдовме дома после работа и градинка. Денот беше долг – а кој не бил? Многу обврски, многу активности, а по сè тоа уште и купување во продавница.

„Уште јогурт, мамо! Може ли да го купам и овој кекс? И оваа чоколада? Како мислиш немаме пари? Имаш ти, знам дека има…“

И двете бевме изморени, некои дури би рекле исцрпени. Соблекување, миење раце, ги вадам намирниците од кесите и ги распоредувам во фрижидерот. Размислувам што да понудам за вечера. Ќерка ми е легната на креветот, бара да ѝ пуштам цртани филмови.

Не, таа не умее сама да го вклучи телевизорот. Можеби претерувам, можеби технолошки заостанала, па другите деца на училиште ќе ѝ се смеат. Никогаш не сум ѝ дозволила да ракува со далечинскиот управувач, сметам дека тоа не е за деца. Впрочем, и така главно гледаме канали со цртани филмови… Бара пуканки и сок. Пуканки ѝ носам, сок немам. Нудам вода или јогурт. Изморена е, се превртува по креветот. Бара да ја прегрнам.

Се вртам низ станот: насекаде хаос. Кревети ненаместени, облека на фотелјите. Чевли, јакни, играчки. Сето тоа е нормално, но има денови кога тоа ме убива во поим. Потребен ми е малку мир, опуштање. Шолја чај. Да се испружам и да ги затворам очите на момент.

„Мамо, дојди да се прегрнеме!“

Седам на креветот. Ме влече, ме стега со сите сили. Мислите ми прелетуваат низ главата. Што ќе правам за вечера? Можеби е време да ја измијам косава… Под око го меркам столот на кој има облека, треба сето тоа да го средам, нема смисла, веќе не знам што каде ми е. Се прегрнуваме, а мене во главата времето ми отчукува, тик-так, тик-так… Се ослободувам од нејзината прегратка. „Е… добро, ајде сега да…“ „Не, мамо, зошто секогаш така правиш! Постојано! Велиш – е добро… и потоа си одиш!“

Детето ми се лутеше. Но, не само што е лута, туку е и навредена. Се обидува да ги одглуми моите движења за да ми покаже што ѝ пречи. Гледам дека воопшто не ѝ било по волја тоа што прва ја прекинав прегратката.

Плаче. Се враќам на креветот. Нека оди сè по ѓаволите. Работите расфрлени низ станот, неиспегланата облека, прашината. Мојата нервоза и фрустрациите, чајот, па сигурно сето тоа може да почека. Ѝ се извинувам и ѝ ветувам дека никогаш повеќе нема прва да ја прекинам прегратката. Изгледа дека тоа е ситуацијата со сите мајки. Премногу сме оптоварени, а ѓаволот не ни дава мир, не можеме да се опуштиме. Постојано вртиме некои списоци, тргаме, переме, пегламе, смислуваме и комбинираме. Ми се чини дека последен пат сум се излежувала кога сум била болна, а оттогаш се поминати неколку години.

– Сонувам куќата да ми биде чиста, средена.
– Да нема играчки насекаде.
– Закачалките да не бидат пренатрупани со јакни.
– Во претсобјето да не стои колекција од сите наши чевли и други обувки.
– Долната облека да не се суши во дневната соба.
– Да не барам секое утро чешел и шноли кои поради сплет на околности завршиле на подот покрај креветот.

Постојано се борам против ветерници. И никако да сфатам дека е многу поважно да не ја прекинувам прегратката.

Сето она што со право ни пречи, нашите деца не го гледаат. Сакаме да ги научиме на ред, дисциплина, чистота и тоа е правилно. Меѓутоа, понекогаш едноставно моментот не е вистинскиот. Велат дека времето поминува многу брзо и дека некои моменти треба да се зграбат и да не се испуштаат. И тоа е баш така.

– Уште надвор се држиме за раце.
– Уште се галиме така што ги триеме носињата.
– Уште за неа мојата прегратка е најважната работа на светот. И пуканките.

Прашање е само колку долго таа ќе го сака моето безусловно присуство и внимание. Шест години поминаа додека да трепнеш со окото. Понекогаш сфаќам дека покрај себе имам големо дете, кое можеби многу наскоро ќе почне да ја затвора вратата од својата соба и самостојно да излегува на прошетка.

Да ги оставиме самите да ја прекинат прегратката.

Малку трпение. Не губиме ништо, а тие добиваат – цел еден свет.

Автор/извор: „Дневникот на една супермајка“

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top