Да се воспитува тинејџер, значи и соочување со низа уникатни предизвици, на пример, да му помагате на својот тинејџер во справувањето со првата романтична врска и негувањето на неговата независност. Исто така, посегањето по интернетот за совети може да биде и непријатно, со оглед на тоа дека многу митови се шират во однос на таа тема. „Вистината е дека има неколку лесни одговори во родителството. Потребни се повеќе време и енергија за да се сфати зошто вашето дете се однесува на одреден начин, со што се бори и како треба да одговорите“, вели Елен О’Донел, психолог од Бостон.

Ова се неколку перспективи од страна на двајца психолози кога станува збор за најчестите митови за родителите што имаат тинејџери.

Мит 1: Зборување со децата за сексот ги мотивира повеќе да сакаат да имаат секс

Многу родители по грешка веруваат дека дискутирањето за сексот со децата или едукацијата за контрацепција ќе ги мотивира да бидат сексуално поактивни – вели Леа Лис, детски психолог од Њујорк. Сепак, студија од 2019 година демонстрирала дека кај тинејџерите што се вклучуваат во здрави разговори за секс со своите родители се намалуваат шансите за навлегување во ризични сексуални однесувања кои може да доведат до несакана бременост и сексуално преносливи болести.

Мит 2: Момчињата ќе останат момчиња

Оваа стара изрека, првпат регистрирана во 1589 година, прави генерализација базирана на застарени стереотипи. „Идејата дека момчињата едноставно не можат да си помогнат и дека се родени да бидат лоши не само што не е вистина, туку создава и митови за родот и полот“, вели Лис. Таа додава дека може да биде штетно ако се потпирате на оваа реченица и да мислите дека кога се работи за момчиња тинејџери, хормоните едноставно дивеат и нема спас. Според Американската асоцијација на психолози, кога се однесува на традиционалната машка идеологија, се покажало дека таквото размислување го ограничува психолошкиот развој, го ограничува нивното однесување, создава родов конфликт и негативно влијае врз физичкото и менталното здравје кај момчињата. Експертите сметаат дека со таквиот став ќе се поттикнат момчињата почесто да се вклучуваат во насилство, физичка или вербална агресија и сл.

Мит 3: Поштедете ја прачката, разгалете го детето

Лис вели дека физичката казна може да го дозволи и поттикне агресивното однесување кај децата, додека О’Донел додава дека тоа може да создаде и недоверба во односот помеѓу родителите и децата. Студија од 2006 година открива дека адолесцентите кои почесто навлегувале во тепачки пријавиле дека нивните родители користеле физичка казна како дисциплинска метода, додека адолецентите чии родители не применувале физичко насилство помалку биле вклучени во такви негативни однесувања. Наместо физичка казна, Американската асоцијација на психолози препорачува фокусирање на пофлба на позитивното однесување и активно игнорирање на тинејџерите ако не ви се обраќаат со почит. Сепак, ако вашиот тинејџер се однесува на начин на кој себеси и другите ги изложува на опасност, Центарот за контрола на заразни болести и превенција во САД советува да не се игнорира, туку да им се даде до знаење на тинејџерите дека нивното однесување не е во ред и да се засилат негативните последици, на пример, одземање на некоја од нивните привилегии.

Мит 4: Добрите родители не го губат трпението

Експертите советуваат да не се задржувате на нереални стандарди. Како несовршено човечко битие, можете повремено да ја изгубите контролата кога сте премногу вознемирени или изморени или испровоцирани од вашиот тинејџер. Наместо да се срамите и да се чувствувате виновни, експертите посочуваат да му се извините на вашиот тинејџер за своето однесување. „Признајте дека сте требале поинаку да се справите со ситуацијата. Проблемот решавајте го заедно за следниот пат да биете подобри“, вели О’Донел. Студија од 2013 година потврдила дека грубата вербална дисциплина е често деструктивна за тинејџерите, кои почесто имаат бихевиорални проблеми и се однесуваат лошо ако некој им вика. Запомнете дека е во ред да се тргнете од одредена ситуација и да си дозволите време за смирување кога чувствувате дека вашата фрустрација расте.


Мит 5: Кавгата пред тинејџерите е лоша за нивното ментално здравје

Експертите се согласуваат дека е непрактично да очекувате дека вашиот партнер и вие никогаш нема да се расправате пред децата. Клучот, според О’Донел, е да се моделира здраво конфликтно решавање. Студија од 2006 година за деца од 9 до 18 години открила дека родителскиот конфликт не е штетен ако се реши. Сепак, некои од нив се нерешливи, па децата реагираат со депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето, особено тинејџерите. Експертите заклучуваат дека родителите секогаш треба да работат во насока на наоѓање решение за нивните кавги и да комуницираат за тоа со своите тинејџери.

Додаваат и дека е важно да се запомни дека иако некое тврдење е популарно, не значи дека е вистинито. Како што се појавуваат нови студии и социјалните однесувања и норми се развиваат, многу од вообичаените верувања за родителството се побиваат. „Не верувајте во сè што ќе чуете“, вели Лис. „Направете истражување и верувајте им на валидни извори“. „Најдобрите податоци ги имате пред себе. Запознајте ги темпераментот, интересите, страстите, пријателите, слабите и силните страни на вашите тинејџери. Потоа осигурете се дека вашиот родителски совет произлегува од валидни извори со репутација и е заснован на психолошка наука“, вели О’Донел.

Автор: Ребека Стронг

Извор



912

X