Кога детето реагира бурно поради нешто навидум неважно, многу родители сметаат дека треба строго да реагираат. Но, според детскиот психолог Беки Кенеди, основата на воспитувањето ментално силни и отпорни деца не е во строгоста, туку во сочувството. Наместо да го критикувате детето дека претерува, подобро е да го слушате и да го поддржите.
-Како да го гледаме сочувството како нешто опасно. Кога децата реагираат бурно на нешто што ни изгледа безначајно, мислиме дека сочувството ќе ги направи слаби – вели Кенеди во една епизода од нејзиниот поткаст „Гуд Инсајд“.
Кенеди признава дека и самата размислувала така кога нејзините деца биле мали. Но, со текот на времето сфатила дека критиката само ги влошува емоционалните испади.
-Ако на тоа додадам критика и ја намалам нивната емоција, чувството станува уште поинтензивно. Тоа е сосема контрапродуктивно.
Наместо тоа, таа им советува на родителите мирно да ги признаат чувствата на своето дете и да кажат нешто како: „Разбирам дека си тажен… Тоа е навистина тешко. Но, знам дека ќе го надминеш тоа.“
Ваквите реченици им помагаат на децата да се чувствуваат разбрани, особено кога се вознемирени. Психотерапевтот Ејми Морин додава дека родителите можат да користат и изјави како: „Нормално е да се чувствуваш лошо, но не е во ред да се однесуваш вака“. На овој начин децата учат дека чувствата како лутина или тага се нормални, но дека не е прифатливо да се повредуваат другите поради нив. Морин истакнува дека родителите можат да им помогнат на децата да научат поздрави начини за изразување на емоциите, како што се длабоко дишење или именување на она што го чувствуваат.
-Управувањето со емоциите е важна животна вештина – советува таа.
Децата што имаат самосочувство се поупорни кога наидуваат на пречки
Ментално отпорните возрасни лица најчесто имаат развиено самосочувство, а родителите можат да почнат да ја развиваат оваа вештина кај децата уште од многу рана возраст, вели Кенеди.
-Гласот на родителот станува внатрешен глас на детето. Ако родителите не ги признаваат емоциите на своето дете или постојано го критикуваат, детето на крајот ќе се критикува себеси секојпат кога ќе направи грешка. Наместо да учат од грешките, тие ќе развијат чувства на несигурност и срам. Тоа само ќе му го отежни пронаоѓањето на сопствената самодоверба, самопочит, внатрешна сила и способност да продолжи понатаму и да се обиде повторно – објаснува Кенеди.

Да го научите детето како да биде нежно кон себе не значи препуштање, туку пат кон отпорност. Кога децата знаат дека можат да бидат утешени дури и кога не успеваат, ќе им биде полесно да ги надминат предизвиците без да развијат негативни обрасци на размислување.
-Сочувството е клучен дел од саморегулацијата. Кога сме премногу строги кон себе, тоа всушност нè ослабува. Чувствата потоа траат подолго и стануваат посилни затоа што не знаеме како да ги обработиме – вели Кенеди.
Според истражувањето на психологот Кристин Неф од Универзитетот во Остин, самосочувството ја зголемува мотивацијата за учење и промена на однесувањето по грешките.
-Сочувството по неуспехот ги зголемува шансите дека ќе се обидеме повторно, за разлика од оние што се самокритични. Самосочувството им помага на луѓето да преземат одговорност за грешките без да западнат во чувство на срам. А тоа е исклучително важно – заклучува Кенеди.