Иако сите доживуваме стравови во текот на целиот живот, често ни е тешко да го прифатиме фактот дека децата, како и возрасните, се плашат од различни работи. Тие понекогаш тоа го изразуваат отворено, а некогаш го чуваат само за себе. Нашето општество вели дека оној што се плаши е кукавица, а момчињата, благодарение на стереотипите, во оваа поделба поминале многу полошо – храброто момче не смее да се плаши.

Возрасните често трошат повеќе време и енергија во уверување на детето дека нема од што да се плаши наместо да му дозволат да ги запознае своите чувства, да ги изрази и на крај да му се помогне да ги надмине. Поради желбата да го заштитат детето, родителите често велат „не плаши се“ или „немаш од што да се плашиш“ и слично, а децата се склони да ги послушаат своите родители (колку и да им звучи неверојатно ова на некои родители), па потоа го закопуваат својот страв длабоко во себе.

Читањето книги за чувства може да биде добар начин да се започне разговор за она што го чувствуваат луѓето. Она што децата треба да го знаат е дека секој има чувства, дека тие може да се изразат, споделат, за нив може да се разговара, дека е можно да се избере начин за изразување на чувствата, дека нашите сензации, мускули и тело говорат за тоа што ни се случува. Кога ќе ги запознаеме со разновидноста на чувствата, им помагаме да дојдат и во допир со сопствените.

Некогаш гледаме деца што се агресивни, бесни, повлечени, изразуваат некои телесни симптоми, а всушност под сето тоа е стравот. А некогаш стравот е последица од погрешно изведени заклучоци кои ќе имаме можност да ги поправиме само доколку им дозволиме да се изразат.

Сите веројатно ги слушнале психолозите повеќе пати како зборуваат за „трауми од раѓање“. Иако е јасно дека бебињата различно се раѓаат, малку е веројатно да се претпостави дека тие се плашат на начин на кој се плаши и возрасен човек. Ова е прва траума на малиот човек кој е изваден од простор во кој сите потреби му биле задоволени и каде што бил целосно заштитен, но таа состојба сепак е само физиолошко трпење и тегоба која отвора пат за подоцнежни искуства на страв и немир.

Првиот сериозен страв кај децата се јавува во периодот од 6. до 8. месец и е важен за подоцнежниот психолошки развој на личноста. Мајката и бебето се на испит за тоа од кој дел зависи појавата и развојот на разни облици на детска невроза поради одвојувањето. Доколку мајката излезе од видното поле на своето бебе, а тоа не предизвика прекумерна реакција на страв или бес, тоа значи дека била доволно долго присутна, што кај детето создало внатрешна извесност за нејзиното постоење. Ова доживување на постојаност на мајката овозможува детето да ги поднесе сите други разделби во животот, градејќи непроценливо вреден став за доверба кон светот. Довербата кон светот стекната во оваа возраст во топла клима на емоционална грижа, која доживотно се одржува, му овозможува на зрелиот човек да им одолее на сите дразби што доаѓаат однадвор, внатрешните лоши чувства, доживувањата на лишеност и напуштеност и ги држи стравовите од возрасната доба на безбедна дистанца.

Околу втората година стравот од разделбата го достигнува својот врв. На родителите им е тешко да ги гледаат своите двегодишни деца како врескаат и се качуваат врз нив кога мора да ги остават некој да ги чува или кога ги носат во градинка. Избегнувањето на овие моменти не е решение, како ни искраднувањето додека детето не гледа или целосното игнорирање на неговите реакции. Важно е родителот да му даде до знаење на детето дека заминува и да нагласи дека ќе се врати, па сето тоа да биде сосема јасно.

Двегодишните деца често се плашат и од некои животни (бубачки, змии, кучиња), големи предмети, нови луѓе, нови средини, нагли промени во опкружувањето. Во овој период децата често се плашат и од вода, без разлика дали се работи за бања или идејата дека водата може да ги повлече во одводот, или море, базен, езеро, каде што количеството вода е непрегледно и го одзема чувството на контрола.

Периодот во кој интензивно се развиваат фантазијата и имагинацијата, а децата лесно се соживуваат со цртаните филмови и приказни, околу третата година од животот, често знае да биде карактеризиран со страв од темница. Пред спиење детето е преполно со дневни впечатоци, а менталната контрола попушта во состојба на поспаност. Да се заспие, значи и да се изгуби контролата, да се биде сам, да се препуштите. Децата тогаш имаат потреба да спијат со запалено светло или со отворена врата од собата, а родителите би требало да им излезат во пресрет. Со текот на времето децата главно почнуваат сами да го гасат светлото и да ја затвораат вратата од својата соба. Нема потреба да се продлабочува стравот со инсистирање.

Околу петтата и шестата година стравот од темница може уште да постои, но во овој период тоа се често суштества од типот на вампири, демони, духови, генерално фантазија дека во мракот се крие некоја заседа од злобни и натприродни суштества. Во надминувањето на овој страв важна улога играат бајките. Во нив главниот лик, соочен со различни чудовишта и злобни сили, со сопствена сила и со помош на блиски луѓе ги надминува сите препреки и станува модел за излагање на крај со сопствени стравови, а важна е и темата за разбирање на детскиот свет.

Тогаш, исто така, децата почнуваат да стануваат посвесни за реалните опасности кои може да им се случат на некои од луѓето што им се познати, па почнуваат да се плашат од крадци, сомнителни ликови, странци, грмотевици, војни, уништување и слично.

Некои родители (а и експертите) сметаат дека е најлесно децата да се ослободат од стравовите преку соочувањето. Ако го натерате детето да го погали кучето од кое се плаши, тоа ќе зајакне и ќе престане да се плаши од кучиња. Или да го ставите во лифт, ако се плаши од возење со лифт. Многу е попаметно и похумано, на пример, да пријдете до кучето и да го погалите, па да го повикате детето да ви се придружи, или кога гледате други деца како си играат, да пријдете полека, да најдете некое кученце со кое детето може да си игра и тоа постепено да се ослободи. Ако е во прашање страв од вода, немојте да го фрлате детето во река или базен! Тоа не е забавно, а децата се и со различен сензибилитет, и иако некогаш детето тоа може да го доживее како игра, некогаш може и да го скрши, сосема беспотребно. Колку и да ви изгледа бесмислен стравот на детето, за него тој секогаш е реален.

Колку што е детето постаро, толку стравовите почнуваат да се насочуваат кон реална загрозеност. Во овој период децата почнуваат да разбираат дека смртта не е место од кое некој ќе се врати или дека тоа е вечен сон, па разбирањето на смртта доведува и до појава на страв од неа. Често, првиот контакт со самата смрт е на домашното милениче или некој од постарите членови од семејството. Детето сака да знае што се случило и ги испрашува родителите. Она што всушност го интересира е дали родителите ќе умрат и дали тоа ќе остане само. Она што ги смирува децата е уверувањето дека родителите ќе бидат тука додека му се нему потребни (да, децата се мали егоцентрици и се плашат за себе). Се разбира дека децата интуитивно знаат што се случило бидејќи се раѓаме со некои „прекогнитивни“ знаења, па избегнувањето на оваа тема го уверува детето дека таа случка е толку страшна што за неа не може ни да се зборува. Тоа тогаш последично го зголемува стравот наместо да го елиминира. Кажете му искрено што мислите, она што најпрво ќе го разбере во врска со објаснувањето кое е во согласност со вашето лично разбирање на смртта.

Училишната фобија, или стравот од училиште, не е развоен, туку е невролошки страв. Се јавува често, кај многу деца и почесто во некоја блага форма и за кратко време. Од детето се бара да се вклопи во нова средина, да усвојува нови улоги, да одговара на нови барања, да се вреднува неговата работа, да почне доминацијата на некои други деца, а може да се соочи и со проблемите од врсничко насилство. Овој вид фобија не е исто како и бегањето и изостанувањето од училиште. Децата што патат од училишна фобија сакаат да одат на училиште, но нивниот страв е многу силен и може да достигне ниво на паника. Вообичаено почнува нагло во текот на првите школски денови, детето е нерасположено, бесно, раздразливо. Видливи се и телесни симптоми (треперење, бледило, повраќање, болки), кои исчезнуваат кога детето ќе се врати дома или нема ни да отиде на училиште. Еден од начините да се надмине овој проблем е психотерапијата. Во текот на терапијата детето постепено доаѓа во допир со неискажаните чувства, се ослободуваат некои скриени мисли и така станува поспособно за контрола, рамнотежа, фокусираност.

Во работата со децата се користат различни техники – игри, цртежи, фантазија, разговор, а должината на терапијата трае различно во зависност од тежината на проблемот, траењето на симптомите, личноста на детето и способноста за интеграција на искуството. Со оглед на тоа дека децата се многу зависни од родителите, психотерапијата на фобиите, како и сите други психички тешкотии, подразбира вклученост на родителите во процесот на терапија.



912

X